Изложба Réparé - враќање во живот на старите предмети

23.03.2019 01:46
Изложба Réparé - враќање во живот на старите предмети

На 23 март (сабота) од 12 часот, во галеријата Акантус во Скопје, ќе биде отворена изложбата за применета уметност и дизајн Réparé.

Од галеријата информираат дека изложбата е резултат на соработката на три иницијативи, три имиња АКАНТУС, СПИН и КОМРАД-ДИЗАЈН.

„Сѐ со цел да размислуваме ангажирано, да ги почитуваме вредностите на обновливост и повторно да употребиме. Ја вклучивме нашата креативност, загриженоста за иднината, делувањето за запирање на претрупаноста со ѓубре и отпад. Со нашиот еколошки пристап им се спротивставуваме на мегаломанските количини производство, се ангажираме со грижа за подобро утре на нашата планета, за подобро осмислување на нашите организирани или неорганизирани животи.

Со вклучување на нашата уметност и креативност, креација и дизајн, создадовме мебел, аксесоари за домот, уметнички предмети, нова применета уметност, поточно ре-создадовме нови артистички производи од предмети кои некому веќе не му значат или пак не му користат. Тие предмети за нас имаат значење, затоа повторно ги враќаме во живот и им ја враќаме вредноста во совремието, но и понатаму за новото време. Ги дизајнираме за новите корисници. Изложените производи се репарирани, редизајнирани, ре-организирани во нова функција или пак им е вратена првобитната функција. Создадени се и нови производи во служба на овој креативен процес“.

Изложбата ќе биде отворена до 2 април.