Опера за три гроша

15.10.2010 11:46
opera-za-tri-grosa-1.jpg

Бакуњин велеше: „Разбојникот е прв и единствен револуционер во Русија“. На таа идеја се надоврза Брехт во својата славна „Опера за три гроша“. Драмата ги претставува гангстерите како угледни деловни луѓе, а угледните деловни луѓе како гангстери. Хана Арент зборува за иронијата со која драмата била пречекана во предхитлеровска Германија: угледните деловни луѓе од публиката претставата ја доживувале како длабока согледба на начините на коишто светот функционира, додека делови од толпата претставата ја славеле како уметничка пофалба на гангстеризмот. На музичката тема на драмата "Erst kommt das Fressen, dann kommt die Moral" („Прво доаѓа стомакот, а после моралот“) и’ аплаудирале сите, но од различни побуди. Арент вели дека толпата аплаудирала зашто тврдењето го сфатила буквално; буржоазијата аплаудирала бидејќи веќе почнала да станува уморна од сопствената хипокризија, та во изразувањето на баналноста (според која живеела) видела длабока мудрост; елитата аплаудирала зашто разоткривањето на лицемерието е толку прекрасна и забавна работа. Важно, ефектот на делото бил сосема спротивен од очекувањата на Брехт. Главните општествени слоеви почуствувале охрабрување да ги отфрлат неудобните маски на лицемерието и отворено да ги прифатат ставовите на толпата. Арент тука ја разоткрива суштината на тоталитарните движења, во сојузот помеѓу елитата и толпата. Постојат историски периоди, како во предхитлеровска Германија, кога елитата покажува фрапантен недостиг на смисла за реалност и една самоуништувачка политичка перверзност што многу потсетува на фиктивниот свет и недостигот на сопствени интереси, што ги одликува масите.

Маркс во четвртиот том на Капиталот на малку бизарен начин како да ја развива тезата на Бакуњин: „Криминалецот не произведува само криминал туку и криминални закони, професорот по криминално право пишува книги... Криминалецот произведува полиција и криминално судство, судии, порота...“

Маркс и Брехт како да ја опишуваат Република Македонија зашлајфувана во транзициската жива кал. Наместо пазарна економија добивме масовна беда; размената на еквиваленти се преобразува во најбезочна експлоатација; еднаквоста на законот во партиско правосудство; народната сувереност на парламентарната република се преобразува во со ништо контролирано владеење на партиско-економски олигаргхии засилени со стручњаци за реклама; јавната сопственост станува приватна сопственост. Res publica станува res privata. Државата постои поради Фамилијата.

Со еден збор, нема апсолутно никаква разлика меѓу политичките водачи, новата буржоазија и разбојниците. Ни се случува иронијата што Маркс ја опиша: одеднаш, вџашените револуционери согледуваат дека биле само посредници чија „историска улога“ се состои во тоа да го подготват теренот за старите господари во ново руво одново да ја преземат власта. Нашата земја почнува да заличува на оној виц за социјализмот како синтеза на најголемите достигнувања на човечката историја: од првобитното општество го зема примитивизмот, од антиката ропството, од средниот век бруталното владеење, а од капитализмот експлоатацијата. Профил на Македонија во 2010 година, со речиси умртвени граѓани и со до лудило аздисана владеачка класа со комплетно изгубено чувство за реалност.

Кои се излезните стратегии, ако ја исклучиме разбојничката револуција?! (Оти тивката Курто-Мурто револуција ја живееме веќе дваесет години и таа станува сè побескрупулозна, т.е. сè поразбојничка.) Едно од решенијата е да престанеме да го гледаме општеството како кулиса, како маркетиншки трик. Ако општеството го гледаме и доживуваме само од „надворешната“ страна, како јарко бојосана фасада, тогаш не знаеме кои сме и каде одиме. Тогаш и политичарите и елитата и толпата играат мимикриска игра, „Опера за три гроша“; во таа травестија не постојат граѓански вредности, визии и цели, туку нивни симулации и имитации. Нашиот проблем со името има врска со тоа шизоидно разбирање на себе однадвор; под груевизмот, Македонците веќе не се Македонци туку глумат Македонци, за да бидат поубедливи отколку што се. Живи а како мртви - претворени сме во маски, восочни фигури, споменици и промотивни видео клипови.

Борбата за поголема еднаквост исто така може да биде едно од решенијата што ќе ги понуди разбуденото граѓанство (ако воопшто се разбуди, пред работите неумоливо да завршат во провалијата). Новите социолошки студии на Запад, на пример, велат дека на очекуваната должина на траење на животот повеќе влијаат социјалните разлики, поради кои некои луѓе се поизложени на ризикот да добијат болести опасни по живот, отколку разликите во квалитетот на здравствените услуги. Автономијата, контролата над сопствениот живот, ги прави луѓето посреќни, поздрави и подолговечни. Вклучувањето и учествувањето во општествените активности и чувството на рамноправност имаат повеќе врска со благостостојбата отколку директното материјално богатство. Тоа го докажува нобеловецот по економија, Амартја Сен, во својата книга „Развојот како слобода“. Значи, економскиот подем (иако многу важен) не е единствениот фактор за подобро општество. Добро уредените внатрешни односи понекогаш се неспоредливо поважни од висината на бруто општествениот производ.

„Глобус“, 12.10.10.

цртежи: Ринус Ван де Велде

 Чесните опери завршуваат во

 Чесните опери завршуваат во три, четири чина.
Ова повеќе ко Вагнер. :) Нема да ме чуди валкири да изникнат. 

 Секој нека ги забележи

 Секој нека ги забележи своите спомени за ова зло време на начинот на кој најдобро знае и умее. Нека запише свои сеќавања во една тетратка, нека искуца нешто во компјутер, нека наслика некоја слика, нека искомпонира некоја нота...
Нека се забележат поединечните судбини, согледувања, доживувања. За изневерени пријателства, за нечие држење во време на невреме. За понижените добри и чесни службеници пред налетот на вулгарните одродбенички тендерски хорди. За урнисаните стандарди во професијата. За лекарите изведувани со лисици од настава, за професорите на универзитет газени од одродбеничката кадровска машина. За замолчуваните новинари. Нека се прибележат срамните судски пресуди за исплата на „душевните болки“ на режимлиите. За солзите на лозарите пред пропаднатиот род кој гние, за краварите нарко-барони. За архитектурата на мракобесието и (са)мракот на архитектурата.
За јадачите на бурек, гирици и пиво, за бумбаровиот лет по тоновите на армоникашот. Кои станале врвен стандард и стекнале право на граѓанство.
Кога, еден ден, оваа помија од идеологија и пракса ќе биде минато, тие сеќавања ќе бидат доказ за постоењето на добрата страна на еден народ, одлична основа за проучување и анализа на едно време и едни луѓе.

ОкоБоли главаВицФото