Последниот удар

23.03.2019 13:57
Последниот удар

За жал, изгледа дека онаа претстава на Министерството за култура во Собранието на РСМ со оскаровски улоги на оние вмровски државни советници и претседателите на комисиите, после вкупните катастрофални резултати од минатиот јуни до денес, ќе има и продолжение! А продолжението треба да биде последниот удар врз веќе стопираните реформи и (ќе) се вика: реанимација на стариот Закон за културата и дозвола за негово понатамошно деградирање на македонската култура, културните работници и уметници!

Оној ист закон кој што не само Националната стратегија туку и вкупната културна јавност го прогласи за монструм, за анахрона сопирачка на сите позитивни развојни сили во културата, за смешка со која што некој се спрдачеше цели дваесет години со нас … Е тоа монструмче сега ќе се дополнувало и изменувало, ќе се шминкало и дотерувало за да одговара на некакви / нечии претпоставени или замислени желби и потреби, за некаква нова и современа (sic!) дорегулација на културата. И тоа ќе се прави покрај веќе готов нов закон, со две успешни јавни расправи по истиот, со позитивни оцени од сета културна јавност … Дури министерот ноншалантно формирал и посебна комисија за таа намена. Му фали уште само Фреди и сите заедно да ја запееме „We are the champions“ зашто нашата глупост е навистина безгранична!

Во некои црни и опскурни параноични сценарија човек прво би се запрашал дали ова навистина ни се случува, а потоа би почнал сомничаво да се врти околу себе и да бара некакви мрачни сили или жолти комбиња кои ги влечат конците во културата со една единствена цел: нејзино целосно уназадување и девастирање? Зашто, на пример, од каде, така одеднаш, онака „с неба па у ребра“, идејата за измени и дополнувања на СТАРИОТ Закон за културата? И за тоа новоформирана комисија, со министерски потпис? Има ли друг логичен одговор освен дека на културата треба да и’ се нанесе и последниот удар, а во името на некакви и нечии (за нас) нејасни и недефинирани цели? И зошто? Зошто, конечно, некому му пречат реформите во македонската култура, зошто им пречат новиот Закон за јавниот интерес во културата и веќе усвоената Национална стратегија за развојот на културата во Република Македонија во периодот 2018-2022 година? Ќе излезат ли, конечно, од сивите сенки и темните гливчешки дупки тие културни криминалци кои поттикнуваат и поддржуваат вакви ретроградни процеси? Кому воопшто му користи она ѓубре од закон наречен Закон за културата и кој тоа поттикнува такви идеи дека тој „закон“ може уште да се дополнува и менува и дека, дури, може да биде и функционален? Функционален – за што? За понатамошно маргинализирање, манипулирање и малтретирање на културата, за натамошно нејзинот криминализрање, за третирањето на културните работници како „услужни работници“ – чии, на политиката? – за понатамошна деградација не само на секој уметник и културен работник во државава туку и на вкупната македонска култура која што всушност ја одржала во живот оваа држава? Или навистина македонскиве политички партии и поединци во нив мислат дека токму тие се господовите посланици во одбраната на македонската кауза, која и да е и каква и да е? Извинете, ама малку скромност не е на одмет, барем малку!

Конечно, морам(е) да го прашам(е) и ова: делува ли актуелниот министер за култура сам и на своја рака во овие крајно сомнителни и дубиозни процеси или навистина станува збор за – нешто друго? Не можам, и не сакам, и не само јас, да верувам(е) дека за ова има некаква согласност и од актуелната Влада која, кога беше најпотребно, доби безрезервна политичка поддршка од македонската култура. Верувам(е) дека ова е само некаков неук хир или лош совет, ако веќе не е криминална завера(?), и дека проблемот – ако воопшто го има – може да се реши на поинаков начин а не со продолжувањето на глупостите наместо реформите! Зашто, извинете, но враќањето на духот на стариот Закон за култура во современиов миг на македонската култура, особено после вакви севкупни катастрофални резултати на овој министер и со оваков етно-партиски начин на „распределба“ на средствата во културата, значи и оживување на старите односи, на старите поделби, на криминалите во културата. Тоа понатаму значи и допуштање на партиските криминалци од сите бои да ја тероризираат културата.

А тие не се малку и не се немоќни, напротив. И да оставиме да се доупропасти илјадавековното македонско културно наследство, почнувајќи со Курбоново, Нерези, Охрид, Конески и Андреевски, Мазев и Чемерски, Чернодрински и Прличев, Миладиновци и Цепенков … ? Зашто ако некој ни ова не го гледа, не гледа ништо! Зашто целата повеќегодишна операција инклинира натаму, сакале ние да го признаеме тоа или не. Такви се впрочем резултатите, или резилтатите, како сакате. И ние упорно ги премолчуваме, упорно ја играме играта на „големата слика“ која никој ни ја видел ниту ја чул. На сакам да кажам дека таа „голема слика“ е приказна за мали деца. Таа, често, е приказна за – големи деца. Ако не ја гледаат, и разбираат, секако. Нашата, и не само нашата голема слика е глобалното општество каде што Македонија припаѓа по многу основи, иако многумина, па и актуелнитот „министер“, ако сакате, тоа ѝ го оспоруваат.

Не со голем восхит или со којзнае каква адмирација, ама би ги парафразирал зборовите на судијката Кацарска: зарем на овој начин се сака и се штити културата во сопствената земја? Зарем со ретроградни одлуки и поддршка на регресивни процеси се поддржува развојот на културата во сопствената земја на нејзиниот пат кон Европската унија? И овде, можеби, најмалку говорам за актуелниот „министер“ кој не ги смислил, уште помалку може сам да ги реализира овие планови. Црните и во основа криминогени „културни“ сили во оваа држава, од кои што добар дел се кријат зад личните бенефити од практикувањето на власта на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и коалицијата, се апсолутната движечка сила на овие процеси. Власта мора да ги идентификува и исфрли од сопствените редови. Инаку, се солидаризира со нив во нивната историска превратничка мисија во оваа држава! А тоа, кога-тогаш, ќе биде предмет на сериозна, би рекол дури судбинска проверка.

Слики: Warren Dykeman

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com

 

Слични содржини

Став

ОкоБоли главаВицФото