Работата ослободува

23.03.2019 15:53
На работа, на труд!

Веќе пишував за современиот жанр „комедија во теорија“, то ест за хумористичните серии што често воопшто не се хумористични. Стојам и натаму на тоа дека тој жанр изнедри некои од најдобрите серии на ова десетлетие – но и дека истовремено не живееме баш во некоја златна доба на хумористични серии и дека би сакал да има повеќе добри, чисто хумористични серии, кои примарно и константно би се труделе да ги насмеат гледачите. Или барем овој гледач.

Што ќе рече дека, како гледач, имам агенда што се коси со моите критичарски должнсти – зашто држам до тоа дека целта на критиката не би требало да биде да зборуваме што би сакале од некое дело, туку да се разгледа која е специфичната цел на тоа дело и колку е тоа успешно во остварувањето на таа цел.

И секако дека не е секогаш едноставно да се раздвојат нашите гледачки копнежи од авторските тежнеења, но верувам дека сите би требало да мораме да се согласиме, на пример, дека нема никаква смисла да ѝ се замери на Riverdale што не е како My So-Called Life, иако и двете се драмски серии за средношколскиот живот. Исто како што не би имало смисла ни да се жали човек што Corporate не е повеќе налик на 30 Rock, и покрај тоа што и во двата случаи се работи за хумористични workplace серии за корпоративни работници и нивните со профит опседнати шефови.

Затоа што Corporate не е класичен ситком... А не е, богами, ни т.н. комедија во теорија. Точно е дека не е секогаш смешна, ама тоа не е затоа што нејзините автори си даваат слобода да одлутаат во други жанрови кога ќе им текне: Corporate е црнохуморна серија што цело време работи приближно со ист размер на хумор и црнило. И може мене како на гледач да ми биде малку жал што нишалката можеби не оди почесто на страна на ха-ха хуморот (иако оди задоволително често, да не дојде до забуна!), но тоа се само мои преференции, лични гледачки преференции што немаат врска со она кон што тежнее серијата. И што сè подобро го остварува.

Главни ликови во Corporate се Мет и Џејк (ги играат комичарите Мет Ингебретсон и Џејк Вајсман), нискорангирани канцелариски колеги од корпорацијата Хамптон Девил. Мет е ведар ентузијаст што не сака тукутака да дозволи корпоративната рутина да му ја убие волјата за живот, Џејк е циничен намќор кој со секое свое потсмевање отпочеток му порачува дека залудно се труди зашто сите таму и онака се веќе однатре мртви. Иако главно е во право дека Мет знае да биде и лицемерен и да живее во илузии – ни позицијата на Џејк, онаа на циник што е само разочаран романтичар, не е ништо попривлечна.

Тие се јин-јанг тандем што нè води низ светот на корпоративно сивило и безнадеж, на бесмислени состаноци и понижувачки задачи, Corporate се труди да покаже колку е сето тоа дехуманизирачко и во тоа е успешна, тоа мора да се признае, само што понекогаш како гладач знам да се запрашам – колку е тоа воопшто потребно да се докажува?

Да ја земеме, еве, осмата епизода од неодамна прикажаната втора сезона, Tagedy, која се врти околу големата национална трагедија за која не дознаваме ништо освен дека однела најмалку педесет животи. Притоа, сите како да се натпреваруваат кој прв ќе собере повеќе лајкови со своите изрази на жалење на социјалните мрежи, на што Џејк им враќа: „А, добро, зошто никој од вас не го спомнува земјотресот во Пакистан во кој вчера загинаа 500 луѓе?“ И тешко е да не се насмевне човек на тоа, зашто секој од нас знае барем неколку Џејкови што така ќе изреагираат.

Ама не е некоја особена мудрост да се забележи дека на социјалните мрежи големите трагедии знаат да се сведат на циркус на суетата – тоа сите го знаеме. Како што знаеме и дека корпорациите ќе направат помалку или повеќе сè за профит, па и Хамптон Девил на разни начини ќе ја експлоатира трагедијата само за да ја зголеми гледаноста на својот ТВ-канал. Цинизмот на Corporate секако дека е примерен, но тоа не значи и дека нужно секогаш е интересен.

Но, Corporate, за среќа, не се задржува само на општите места во корпоративната сатира: има, да речеме, една одлична епизода во втората сезона што се занимава со проблематиката на родовата нерамноправност на работното место. И особено добро потцртува колку тоа знае да се зема здраво за готово така што како контраст ја става утринската рутина на симпатичниот главен машки лик (станува пола саат пред работното време, набрзина се облекува и оди на работа, каде што колегата му кажува дека денес е баш нешто згоден) и онаа на неговата, инаку антипатична, шефица (која станува четири часа пред работното време, вежба, се тушира, се фенира, си ги бричи нозете, се шминка и се средува и дури после оди на работа – за таму колегата да ѝ искоментира дека изгледа „уморно“).

А и цинизмот е поефектен кога оди во неочекувана насока. Како во епизодата Vacation, во која во Хамтон Девил завладејува лудило по нова популарна локација во Италија и секој што ќе отиде... целосно се разочарува од искуството, ама подоцна се прави дека му/ѝ било најдобро на свет, па му ја препорачува на следниот колега, кој возбудено ја прифаќа препораката и оди таму и исто така се разочарува, но по враќањето исто така се прави дека му било најдобро на свет, зашто така се правел и тој пред него... И така му доаѓа редот на Мет да го продолжи синџирот, па и тој доживува низа разочарувања на одморот во фамозното Тривало, за во еден момент да запознае една девојка поради која на крајот сепак ќе му биде драго што отишол таму! Секако Corporate ко Corporate, одма е јасно дека ќе следува нешто што пак болно ќе го приземји – ама дека ќе се случи онака откачено брутален расплет стварно не се надевав.

Ако ви треба пробно залче за да проверите дали е серијата за вас, нека биде тоа втората епизода од втората сезона, The Concert – вистинско мало ремек-дело за судирот на FOMO и умртвувачкиот деловен живот, нешто во што секој може да се препознае, независно дали животот ви се лизга низ прстите на некое корпоративно или на кое било друго работно место.

Затоа што станува збор за играна серија на Comedy Central, дискутабилно е дали воопшто ќе добиеме уште некоја сезона. Таквите серии таму ретко доживуваат повеќе од две-три сезони и макар што на Corporate му оди во прилог што очигледно не е скапa за снимање и што има доста пофални критики, истовремено има и многу слаба гледаност. А од слабо гледани, но многу фалени серии на Comedy Central, жива колку толку се одржа само... Nathan for You? Така што и нема некои изгледни шанси дека ќе има трета сезона на Corporate, се плашам.

Но, многу ќе ме развесели ако ја добие, зашто во својата втора сезона Corporate стана уште подобра, откривајќи ни нови димензии на главните ликови и цртајќи ги подобро оние споредните, и станувајќи истовремено и помрачна и порелаксирана и пооригинална со својот цинизам. Па, и натаму се надевам дека ќе се случи чудо, иако знам дека Comedy Central е само едно колце во машината на корпорацијата Viacom – а што друго може да се очекува од една корпорација освен да те убие во поим.

Извор: www.kulturpunkt.hr
Превод: Ѓ. З.

ОкоБоли главаВицФото