Зошто е полесно да мислиме дека технологијата ги уништува младите, отколку да им веруваме на релевантните истражувања?

25.03.2019 00:39
Зошто е полесно да мислиме дека технологијата ги уништува младите, отколку да им веруваме на релевантните истражувања?

Ако се движите меѓу психолози, особено оние кои примарно не се занимаваат со истражувања туку со различни видови практика, ќе забележите дека загрижувачки често се однесуваат како лаици. Ќе се залепат за некоја врска која не е целосно докажана и потоа ја третираат како врховна вистина. Еден од моите омилени примери се видео игрите, за кои луѓето од струката тврдат дека се штетни, а дека за тоа немаат баш никакви аргументи.

Сите се сложуваме дека психологијата не смее да биде паушална и дека ставовите кои ги изнесуваме како психолози мора да се засноваат на мошне релевантна практика или на мошне релевантни истражувања; па повторно, кога на две другарки психолози (како што сакаат да ги нарекуваат) им реков дека пишувам текст за истражување кое изгледа дефинитивно ја поби врската помеѓу технологијата и тинејџерската депресија, не се интересираа за методологијата, авторот или изворот, туку онака однапред, за секој случај, ги завртеа главите. Нема шанса, беше коментарот на едната. Твитер гори, бев драматична, изгледа дека најпосле ставија точка на таа приказна! Не ги убедив, а нема да ги убеди ни овој текст, ниту истражувањето на Ејми Орбен од Оксфорд, кое е и предмет на текстот.

Додуша, како некој кој повеќе од една деценија работи во социјалната заштита (веројатно ова е делот за релевантната практика?) одамна сфатив дека проблемите со кои се среќаваат тинејџерите секогаш се шират од минорноста како што е screen time, колку тоа и да било нивно универзално искуство.

Лидија Денворт во својот текст за Scientific American наведува дека истражувањата кои наводно ги докажале негативните ефекти на игрите со пукање „во прво лице“, поминатото време на интернет, на социјалните мрежи, добиваат многу поголемо внимание и шират паника меѓу образовниот персонал и родителите. Од друга страна, истражувањето на Ејми Орбен од Универзитетот во Оксфорд (ова сега е делот за релевантните истражувања) објавено пред неколку недели во журналот Nature, се занимава со влијанието на дигиталните технологии на психолошката благосостојба на младите луѓе, односно тинејџерите. Досегашните истражувања за оваа поврзаност се темелеа на секундарни анализи од големите сетови социјални податоци.

Како што вели Орбен, во ова истражување многу варијабли и опсервации се истражуваат со аналитичка флексибилност која може да води до лажни позитивни наоди и конфликтни резултати. Затоа, истражувањето на Орбен имало цел да ги адресира овие „методолошки предизвици“ со употреба на поригорозни статистички методи како што е СЦА (specification curve analysis) во однос на три сета податоци, односно на примерок од 355 358 испитаници за да се испита корелацијата од влијанието на употребата на дигиталната технологија на адолесцентите. Пронајдена е негативна врска која е толку мала што впрочем објаснува само 0,4 проценти варијанса.

Да преведеме: на примерок од над 350 илјади адолесценти испитувани се депресивни симптоми, суицидални идеи, проблеми во односите со врсниците, просоцијалното однесување и слично и утврдено е дека влијанието од користењето на дигиталните технологии на оваа варијабла е занемарливо. Лидија Денворт наведува дека, на пример, јадењето компири и носењето очила за вид на сличен начин е поврзано со менталното здравје на тинајџерите.

Засега истражувањето доби само позитивни коментари; Денворт вели дека го опишуваат како досега највнимателна анализа на врската помеѓу дигиталните технологии и благосостојбата на тинејџерите, а пораката е кристално јасна: нема причина за паничен страв од дигиталните технологии, а ефектот screen time (време поминато пред екран) е минимален во реалните животи на младите.

Шокирани сте? Ние не сме; анализата на идентични податоци покажа дека на пример консумацијата на марихуана и/или изложеноста на генерациско насилство има врска со менталното здравје и го објаснува повисокиот процент на варијабилност - од 2,7 до 4,3 проценти. Од друга страна, со менталното здравје позитивно се поврзани редовниот појадок и редовниот сон кај адолесцентите.

Она што е шокантно е дека во истражувањето е користен сет на податоци, на пример, Monitoring the future, од Универзитетот во Мичиген, кој се занимава со злоупотребата на дрога кај младите луѓе. Врз основа на истите податоци психологот Џин Твенџ ги напиша книгата и статијата кои повикуваат на аларматното влијание на дигиталните технологии на младите луѓе. Твенџ отиде толку далеку што тврдеше дека употребата на смарт телефоните уништи една цела генерација тинејџери. Меѓутоа, кога податоците кои ги користела ќе се постават во поширок контекст, испаѓа дека влијанието на смарт телефоните на младите е впрочем минорно. Да потенцираме - се работи за исти податоци, само поригорозно третирани.

Статистичкиот метод користен во оксфордското истражување, Specification curve analysis, испитува цел опсег можни корелации и мапира сума аналитички одлуки кои можат да бидат донесени кога ќе се анализираат квантитативните податоци. Во статистички рамки ова значи дека наместо дрвата ја гледаме шумата, и дека се поставуваат стандарди за систематски истражувања, вели Призбилиски, вториот автор на истражувањето.

Професорката по социјална психологија Соња Ливингстоун го спореди ова истражување со систематскиот приказ на неколку други истражувања во кои претходно е пронајдена негативна врска помеѓу screen time и здравјето на децата односно адолесцентите. Евалуирани се и критикувани резултатите од овие истражувања и утврдено е дека не постои или дека постои мошне слаба врска помеѓу времето поминато пред екран и анксиозноста, проблемите со вниманието и проблемите во однесувањето. Ливингстоун наведува дека и Американското здружение на педијатри повторно ја разгледува својата препорака дека децата под две години воопшто не би смееле да бидат изложени на екрани, а дека ни постарите не би требало да бидат изложени подолго од два часа дневно, признавајќи дека воопшто не е спроведлива во практиката, а веројатно тоа досега го заклучил секој родител.

Обилно се цитира и професорката по психологија Кендис Оџерс која, нималку изненадувачки, утврдила дека онлајн животот претставува огледало на офлајн животот, и обратно, и дека ефектите од технологијата навистина зависат од корисникот. Некој од неа има корист, а некој не, а ризиците се најголеми - погодувате - за децата кои веќе имаат проблеми со менталното здравје. Гледаме во погрешен правец, рече Оџерс; не се проблем смарт телефоните туку кампањата со дезинформации и стравот кај родителите и образовниот персонал. После оксфордското истражување и таа на својот Твитер профил им се заблагодари на истражувачите што се фокусираат на фактите а не на стравовите и што ја градат науката наспроти врескањето околу екраните.

Можеби (ние, родителите, возрасните кои работат со младите, како сакате) ќе сфатиме дека впрочем се плашиме од промени и од нештата што не ги разбираме, како и од реалните проблеми кои ги имаат конкретни млади личности, а кои е потешко да се решат отколку да се занимаваме со ефектите на технологијата, компирите и очичлата. Или, како што вели генијалниот психолог Патрик Марки на својот Твитер профил, навистина сакате да верувате дека компирите и очилата исто така ја уништуваат генерацијата?

Илустрации: Jean Jullien

Извор: http://www.psihobrlog.com

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото