Книжевен разговор со кипарскиот писател Мехмет Јашин

26.03.2019 01:02
Книжевен разговор со кипарскиот писател Мехмет Јашин

Издавачката куќа „Готен“ во рамки на проектот „Читајќи го Балканот“ организира книжевен разговор со писателот од Кипар Мехмет Јашин. Разговорот ќе се одржи на 26 март во книжарницата „Антолог“ (Димитрие Чупоски број 31, во близина на гимназијата „Јосип Броз Тито“), со почеток во 20 часот. Разговорот ќе го води Владимир Јанковски.

Мехмет Јашин во текот на март е гостин на резиденцијалната програма за писатели на издавачката куќа Готен, која е дел од проектот „Читајќи го Балканот“.

Мехмет Јашин е еден од необичните автори на современата литература од Кипар. Се смета дека неговите песни, романи и есеи се дел од литературата на Кипар и Грција заедно со литературата на Турција. Спецификата што ја внесува во поезијата на турски јазик се базира врз неговите хибридни литературни извори, комбинацијата на турските и на грчките култури на Медитеранот, како и во користењето на различни историски и географски елементи на турскиот јазик.

Јашин има објавено 10 поетски книги, 3 романи, 3 збирки есеи и три антологии и книжевни студии за кипарската поезија. Неговите книги имаат одиграна важна улога во редефинирањето на книжевната традиција на Кипар и Турција. Тој исто така е познат како една од водечките фигури на поезијата на Кипар по 1974 година и на турската поезија по крајот на 80-тите години. Неговите дела се преведени на повеќе од 20 јазици и неговите книги се објавени во бројни европски земји. Како литературна личност која покрај поезијата, е позната по своите романи, есеи и книжевна критика, Јашин има одиграно трансформативна улога во книжевната и културната традиција на Кипар, Турција и Грција.

Проектот „Читајќи го Балканот“ се реализира со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и на европската мрежа за превод и книги Традуки.