Заталкани мисли за демократијата… што не постои!

26.03.2019 17:09
Заталкани мисли за демократијата… што не постои!

 Мислам дека нема уставна власт на планетава – со исклучок на неколку реликти – што за себе не тврди дека е воспоставена на демократски принципи и дека суверенитетот што ја дефинира не произлегува од народот. А, сепак, не знам за демократија во која народот навистина владее: губењето на значењето на зборот и празнењето на неговата смисла, е особено актуелно прашање деновиве, при крајот на тинејџерството на 21 век, кога во мнозинството земји што и во името и во уставот се декларираат како демократски, се остваруваат политики во коишто демократијата или не може лесно да се распознае, или не постои воопшто, или пак, нема никаква смисла.

Сведоци сме и на гротескен перформанс, или подобро речено, на тажен и траорен колапс на парламентарната демократија и во Велика Британија, каде што таа – прва во новиот век – почнала да се кова дури таму некаде од крајот на 13 век. Начинот на кој институциите на британската парламентарна демократија – еве, веќе трета година – се препелкаат во тотална неефикасност што се граничи со апсурд, не само што ја доведува во прашање причината за постоењето на демократијата – ако е тоа нешто воопшто демократија – туку и нејзината смисла.

Празен поим

Ова би можело да забавува некои сеирџии, да не беше толку унисона историската поука од практично сите современи кризи на либералната демократија: тие секогаш завршуваат со десничарски популизам што пред неполн век не се срамеше себеси да се нарече фашизам. Ако би го искористил исказот што Адам Михњик го употреби за комунизмот, демократијата е ужасна не толку поради сопствените слабости, колку поради она што доаѓа по неа.

Но, ако земе човек да се замисли над секојдневните појави – и зборовите што ги означуваат – и си дозволи мислата невнимателно да му заталка во прашања што – додека постоеjа филозофи – беа филозофски теми, ќе се вчудовиди од празнотијата на темелните поими врз кои се гради целата наша општествено-политичка свест и стварност. Ова особено се однесува на поимот на демократијата, за кој и децата знаат дека значи „владеење на народот“. Меѓутоа, и во теоријата и во уставното право, како и во практиката – во „живите устави“ (како што милуваат да се изразат правниците по вокација), владеењето на народот ниту постои, а ниту, пак, некогаш било остварено! Ако го следиме упатството на Тејар де Шарден – дека сè што е можно е остварено, тогаш испаѓа дека демократијата во вистинската смисла на зборот, како владеење на народот, воопшто и не е можна, бидејќи историјата не запаметила дека таа некогаш се случила на јаве!

Да појаснам некои детали околу ова епохално откритие на топла вода, кое, сметам, почитувани читатели, од темели ќе го потресе светот… доколку имаме среќа работите да се завршат само со тресење. Еве и зошто: единствените два остварени облици на демократија се таканаречените „директна“ и „претставничка“ демократија. Трета форма на демократски систем на владеење уште не е измислен, иако дузини врвни светски мозоци деноноќно работат, на скриено и безбедно место, на нејзиното пронаоѓање.

Елем, директната демократија е всушност претседателски систем на владеење, во кое владетелот се избира на „директни“ или „непосредни“ избори, додека претставничка демократија е таканаречениот парламентарен систем на демократија, во која се избираат претставници од политичките партии, кои потоа формираат партиско мнозинство во парламентот што го бира првиот министер на владата. И во двата система на „демократско владеење“ народот има во најдобар случај занемарувачко, а во реалноста никакво влијание врз политичкото одлучување, односно во вршењето на власта на избраните.

Владеење на политичарите

Всушност, зборот и во колоквијална употреба и во јазичните стандарди означува владеење на политичарите и политичките партии што се врши ВО ИМЕ на народот. Чист еуфемизам, да не употребам потежок збор. Не е ни чудно тогаш, што под истиот поим што е разработен во уставите на парламентарните либерални и какви се не демократии, се одвива жив паноптикум на практики на владеење: фашизми и нацизми, диктатури, мафиократии, олигархии, плутократии и секакви други видови на владеење на поединци и групи, владејачки елити што практикуваат власт над сите други, над народот, а во негово име. Тапа!

Најдлабок увид во слабостите на демократијата имал – кој друг, ако не – Платон, кој уште врз искуствата од првата демократија на планетата се посомневал во нејзината оправданост, сметајќи дека демократски избраните се секогаш под можностите на сфаќањето на прашањата за коишто треба да решаваат. Но, сепак, најчистата дефиниција на демократијата ја дал Аристотел, во неговата „Политика“: „Демократијата не е задолжително она кога мнозинството е тоа што ја држи власта. Од друга страна, олигархијата не е задолжително она кога малцинството ја има власта над системот. Доколку мнозинството во државата се богатите и ја држат власта, никој тоа не би го нарекол демократија, исто како што доколку мал број сиромашни имаат контрола над поголемата популација богати, никој тоа не би го нарекол олигархија.

Всушност, демократија е единствено кога сите слободни граѓани – а особено сиромашните – ја имаат власта, а олигархија е доколку неа ја држат само богатите“. Што да се каже повеќе? Од Аристотеловата дефиниција е јасно дека демократијата во капитализмот воопшто не е можна, зашто во тој општествено-политички систем моќта – економската како и политичката – по природата на нештата ја имаат само оние што го поседуваат капиталот. А, во неолибералниот капитализам на 21 век нивниот број секавично се намалува. Со истата динамика како што исчезнува и смислата, та дури и привидот на демократијата.



Карикатури: Vladimir Kazanevsky
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото