Нема равенство меѓу упадот на демонстрантите во РТС и „крвавиот четврток“

27.03.2019 02:02
Нема равенство меѓу упадот на демонстрантите во РТС и „крвавиот четврток“

Српскиот претседател Александар Вучиќ деновиве на прес-конференција, прашан за коментар зошто странските амбасадори не реагирале со осуда на упадот во државната телевизија, направи паралела со случувањата на 27 април 2017 година во македонското Собрание, нагласувајќи притоа дека главните водачи на демонстрантите се блиски пријатели и соработници на македонскиот премиер, Зоран Заев.

Како е можно амбасадорите на западните земји да не го осудат, а го осдуија во истата секунда кога оние кои не им се допаѓаат упаднаа во македонските институции. Па големиот пријател на тајкунот Јеремиќ и тајкунот Ѓилас, Зоран Заев се пофали како го осуди министерот за внатрешни работи Чавков мислам ако не грешам, така ли е Вељо, Чавков на 18 години затвор затоа што не ги спречил граѓаните да влезат во Парламентот. По тој принцип тогаш ние би можеле да размислуваме за одговорност на Небојша Стефановиќ затоа што го пушти фашистот Обрадовиќ и тајкунот Ѓилас да влезат внатре. Па има група криминалци оттука, од Белград, која сака да работи во Скопје. Бандити кои ние ги протеравме оттука. Од Саша Мирковиќ, Башановиќ. Сите докажани криминалци. Овој крадеше гаќи во трговски центар во Америка и така натаму. Сега е голем советник и е многу важен а за другиот не сакам ниту да зборувам, изјави Вучиќ.

[Извор:Телма, датум: 17.03.2018]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ваквиот став на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, искажан на вонредната прес-конференција, во кој, всушност, става равенство меѓу упадот на демонстрантите во седиштето на РТС и собраниските инциденти од пред две години во Македонија, е неточен.

Протестите кои се случија во Македонија ги организираа претставници од тогашната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ (што се докажа и низ судските процеси за собраниските настани), која не дозволуваше да се случи мирниот трансфер на власта. Претседателот Ѓорѓе Иванов, не му го даваше мандатот за состав на новата Влада на социјалдемократот Зоран Заев, во тоа време опозициски лидер. Од друга страна, во Собранието намерно се одолговлекуваше процедурата за избор на собраниски спикер, а на самиот ден кога се случи крвавиот инцидент во Парламентот, според исказите на сведоците пред судот, имало планови за воведување воена состојба.

Сликата со протестите во Србија, пак, е сосема поинаква. Таму опозицијата бара оставка од Вучиќ, чие владеење го смета за авторитарно, а од јавниот радиодуфузен сервис бара да известува објективно. И за волја на вистината, владеењето на Вучиќ многу потсетува на режимот на експремиерот Никола Груевски.

Интересно е и тоа што, изедначувајќи ги настаните во Србија со оние во македонското Собрание (2017), српскиот претседател директно ја поврза македонската Влада со организаторите на упадот во седиштето на Радио телевизија Србија. Имено, според Вучиќ главните актери на упадот се блиски соработници на Заев.

Па има група криминалци од тука, од Белград, која сака да работи во Скопје. Бандити кои ние ги протеравме оттука. Од Саша Мирковиќ, Башановиќ. Сите докажани криминалци.

Но, од Владата ги негираа ваквите тврдења на Вучиќ, со став дека двете земји постојано работат на унапредување на односите:

Демократијата треба да се развива и зајакнува во земјите од регионот, а за таа цел неопходни се дијалог, посветеност и конструктивност од страна на властите, опозициите и граѓанските организации. Сите работиме за исти цели: мир, просперитет, подобар живот за граѓаните, зајакната регионална соработка и забрзани евроинтеграции. Насилствата никогаш не може да донесат решенија, таквите дејствија штетат на демократијата и напредокот. Северна Македонија и Србија се пријателски земји, нашите народи се пријателски и ние постојано ја унапредуваме меѓусебната соработка и почитувањето, се вели во реакцијата на Владата

Фактички, ова не е првпат српските власти да прават паралела со „крвавиот четврток“ во Македонија, посочувајќи го секогаш „македонското сценарио“ во негативен контекст и како пример за насилно уривање на власта, што е погрешно.,

Изјава во таква конотација, на пример, даде и министерот за внатрешни работи на Србија, Небојша Стефановиќ на 16.03.2019 г., откако група демонстранти и лидерите на опозицијата влегоа во РТС. Стефановиќ тогаш изјави дека демонстрантите одат по македонското сценарио:

Државата на ова ќе мора да одговори и секој кој беше во РТС насилно, против законски, правел насилство, се заканувал или на друг начин ги кршел законите, ќе одговара прекршочно и кривично, секој човек. Овие луѓе кои се восхитуваат со „македонското сценарио“ и велат дека е прекрасно што некој е осуден во Македонија и што некој дозволил народот да влезе во Собранието, осуден на 18 години затвор, сега го прават тоа, упаѓаат во РТС, повикуваат на насилство, на кршење на законот, на насилство кон новинарите и вработените во РТС

Да потсетиме дека и пред две години Вучиќ како тогашен премиер и претседателски кандидат, ги обвини неговите опозициски противкандидати дека сакаат да предизвикаат „македонско сценарио“ и нестабилност во Србија. Тој на митинг во Пожаревац ги обвини опозициските кандидати дека користат „таков речник на навреди, каков што никогаш не постоел на политичката сцена на Србија“.

Ме загрижува нивната желба да предизвикаат нереди и немири во Србија. Тие остануваат на тоа дека сакаат да предизвикаат македонско сценарио во Србија. Тоа не е успех за Србија, успехот е мир и стабилност, да размислуваме за успеси и победи, а не за судири. Што и да прават, нема да им дозволам да го загрозат мирот и спокојот на вашите деца. (Вучиќ).

ИЗВОРИ:
Телма (17.03.2019): Вучиќ: Има група криминалци од Белград која сака да работи во Скопје [Пристапено: 26.03.2018]
mondo.rs (20.03.2019): Zoran Zaev: Nema makedonskog scenarija u Srbiji [Пристапено: 26.03.2018]
Сител ТВ (17.03.2019): Вучиќ го поврза Заев преку негови советници од Србија за сценариото во Белград, владата демантира поврзаност [Пристапено: 26.03.2018]
ТВ 21 (16.03.2019):„Демонстраните одат по македонско сценарио“, рече српскиот министер за внатрешни работи на вонредна прес конференција [Пристапено: 26.03.2018]
Макфакс (09.03.2017): Вучиќ: Опозициските кандидати сакаат „македонско сценарио“ во Србија [Пристапено: 26.03.2018]


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Извор: Вистиномер