Сина книга: Тајните извештаи за НЛО основа за ТВ серија

28.03.2019 01:54
Сина книга: Тајните извештаи за НЛО основа за ТВ серија

Новата серија „Проект: Сина книга“, која се емитува на каналот „History“ зборува за американската програма за истражување на НЛО (неидентификувани летечки објекти), но работите не ги прикажува сосема точно. Во серијата, вистинските случаи се прикажани сензационалистички, а на приказните им се додадени елементи кои никаде не биле забележани. „Project Blue Book“ или Проект Сина книга била тајна шифра за програмата на Американското воено воздухопловство од 1952 година кое се занимавало со истражување на неидентификуваните летечки објекти кои биле пријавувани во времето на Студената војна. Целта на оваа програма била да се објаснат пријавените случаи и да се неутрализира потенцијалната паника, а и јавноста да се заштити од потенцијалниот национален безбедносен проблем: очигледно технолошкиот феномен кој бил надвор од човечка контрола. Тој не бил од руско потекло, но кој, сеедно претставувал неодгатливa можна закана.

Главниот јунак на оваа серија, астрономот Џ. Ален Хајнек, кој го толкува Ејдан Џилен, го регрутираат како научен консултант на Проектот Сина книга, а тој станува необично посветен на разјаснувањето на летечките чинии како природен феномен или погрешно идентификувани објекти. Меѓутоа, тој постепено почнува да согледува дека летечките објекти се вистински и дека треба да им се посвети начно внимание. (Иако тој никогаш не видел вонземјанин, како што се наведува во серијата). Додека др. Хајнек работел на проектот, во „Сината книга“ биле собрани 12 618 извештаи за тоа дека бил виден НЛО од кои 701 случај останале неразрешени.

Сè почнало во 1947 година, кога генерал полковник Нејтан Твининг испратил тајно писмо до командантот на Американското воздухопловство во кое тој пишува дека „наведениот феномен е нешто вистинско, а не фиктивно или визионерско“.

Новиот проект чиешто кодно име било „Знак“ имал цел да ги собере извештаите за НЛО и да утврди дали постои вистинска закана за националната безбедност. Тимот на овој проект напишал таен извештај во кој се заклучува дека, врз основа на собраните докази, „неидентификуваните летечки објекти“ имаат „интерпланетарно“ потекло.

Генералот Хојт Ванденберг, началник на штабот на Военото воздухопловство, го одбил овој извештај. Тогаш застапниците на теоријата за вонземјанско потекло на овие објекти се повлекле, а генералот Ванденберг побарал, односно наредил да се пронајде поконвенционално објаснување.

Проектот „Знак“ со текот на времето еволуирал во „Проект: Сина книга“ на која, една од целите била да ја убеди јавноста дека за летечките чинии мора да постои рационално објаснување. Сепак, во позадина, властите се бореле со нешто отрезнувачко: добро документираните средби со НЛО, кои ги бележеле обучени набљудувачи, радари, фотографии, траги на земјата и физички ефекти на авионите.

Канцеларијата на генералот мајор Џон Семфорд, директор на разузнувачката служба на Военото воздухопловство, во 1952 година, соопштила дека според владините документи „не е потполно исклучена опцијата дека воочените објекти би можеле да бидат бродови од друга планета, како што е Марс“. Паралелно со тие извештаи растела и загриженоста за националната безбедност. Откако авионите на Военото воздухопловство тргнале да ги пресретнат летечките објекти кои во 1952 година биле забележани на радарот над Вашингтон, генерал мајорот Џон Семфорд организирал прес конференција за да ја смири јавноста.

Тој кажал дека службата не дошла до никакви одредени заклучоци, но дека е отфрлена можноста за каква било потенцијална „закана“ за Соединетите американски држави.
До 1953 година, властите станале уште позагрижени дека стотиците пријави за средби или видени НЛО би можеле да бидат опасни, бидејќи Советскиот сојуз би можел да симулира НЛО, а потоа и да ја нападне САД.

ЦИА издала таен документ во кој се препорачува поттикнување на пропаганда која ќе го неутрализира јавниот интерес за овие објекти.

„Целата операција „Сина книга“ беше грешка заснована врз категоричната премиса дека неверојатните работи кои биле пријавени никако не би можеле да имаат фактичка занованост“, напишал др Хајнек во седумдесеттите години на минатиот век, кога конечно бил слободен да ја каже вистината.

Денес, научниците лесно би можеле да дознаат многу повеќе за однесувањето и карактеристиките на НЛО, но и да бидат поблиску до разбирањето на кој начин функционира технологијата, судејќи според документите и интервјуата од програмата.

Меѓутоа, владата и понатаму на сите можни начини се обидува да ги држи во длабока тајност сите сознанија и истраги и да порекнува каква била вмешаност во тоа.

Извор: The New York Times