Амали Еми Нетер – непознатата математичарка генијалка

28.03.2019 12:02
Амали Еми Нетер – непознатата математичарка генијалка

„Животот на Еми е доказ за моќта на издржливоста; тој е сведоштво за едноставното следење на своите соништа без оглед на признанијата и наградите“, рекол физичарот Рансом Стивенс зборувајќи за Еми Нетер.

За германската математичарка и менторка на Алберт Ајнштајн чуле малкумина, особено надвор од научните кругови. Со оглед на влијанието што го имала на развојот на математиката и физиката, ни во својата струка не е доволно позната. Иронично или не, дури и кратерот на Месечината што е наречен по неа е сместен на подалечната страна, онаа што не ја гледаме од Земјата.

Нејзиниот животен пат е сведоштво за тешкотиите низ кои минувале жените на почетокот на 20 век и приказна за неправедната маргинализација на жените во научниот свет, која до ден-денес не е завршена.

Родена е на 23 март 1882 година во германскиот град Ерланген во еврејско семејство како најстара од четирите деца. Од малечка е воспитувана да чисти, да готви и да свири на пијано, значи, во согласност со времето во кое живеела, да знае сè што една жена би требало да знае. Одлично ѝ оделе јазиците, а положила и испит што ѝ овозможил да предава англиски и француски на девојки во средните училишта. Сепак, брзо се откажува од таа идеја и одлучува да студира математика на факултетот на кој предава нејзиниот татко, Макс Нетер, во тоа време познат професор и математичар.

Високото образование во Германија сè уште не им било дозволено на жените, па Еми не можела да учествува на предавањата. Можела само да ги слуша и тоа само со дозвола на секој професор поединечно.

Три години подоцна сепак ѝ е дозволено да пристапи кон завршните испити, кои успешно ги положила. Примена е на дипломските студии како една од првите жени во Германија. Докторирала 1907 година со трудот On Complete Systems of Invariants for Ternary Biquadratic Forms, под менторство на Паул Гордан, по што полни седум години работи на Математичкиот институт во Ерланген, без плата. Наследниците на предавачкото место на Гордан, Ерхард Шмит и Ернст Фишер, имале големо влијание на неа и на нејзината работа, запознавајќи ја со работата на другите математичари.

Давид Хилберт и Феликс Клајн предизвикале збрка на факултетот во Гетинген со повикувањето на Еми да им се придружи во работата на отсекот за математика. Остатокот од факултетскиот колектив не бил подготвен да прифати жена за колешка. Еден професор коментирал: „Што ќе мислат нашите војници кога ќе се вратат на факултет и кога ќе видат дека од нив се очекува да учат од жена?“

Со помош на Хилберт успеала да остане да работи на факултетот, но без службена позиција и без никаква плата првата година. Им предавала на студентите на предавањата што се најавувани под името на Хилберт.

Иако подоцна ја добила титулата Privatdozent и nicht beamteter ausserordentlicher Professor (нешто како нередовен вонреден професор), никогаш не е примена во академијата ниту е призната како редовна професорка и покрај тоа што предавањата, покрај истражувањето, биле она со што се занимавала поголемиот дел од својот живот.

Била страсна предавачка и, иако често зборувала пребрзо, студентите ја памтат по стрпливоста и уважувањето на другите. Знаела да се оддалечи од темата и да води долги дискусии со студентите, меѓу кои посебно е позната една група верни студенти, т.н. „момците на Нетер“, од кои многумина подоцна станале важни математичари, притоа секогаш спомнувајќи ја важноста на нејзиното влијание врз нивната работа.

Во 1933 година се нашла на удар на нацистичката власт, која, покрај тоа што е жена и Еврејка, ѝ замерувала и за либералните и пацифистичките ставови. Одлуката за исфрлање од факултетот ја примила мирно, останувајќи фокусирана на математиката и студентите што со задоволство ги собирала во својот дом. Сепак, кон крајот на истата година се сели во Америка каде што предава на женскиот факултет Брин Мар (Bryn Mawr). Следната година Абрахам Флекснер и Освалд Веблен ја повикуваат да предава на Принстон каде што пак се нашла во машки свет. Периодот во Америка го поминала пријатно, целосно посветена на математиката.

Починала 1935 година откако настанале компликации по операција на рак на матката.

За нејзиниот придонес во науката тешко е да се пишува од лаичка перспектива. Во својот живот објавила околу 40 труда (и со нивното објавување имала проблеми затоа што е жена), а многу нејзини идеи се објавени подоцна, од белешките на нејзините студенти. Исто така, често нејзините белешки и коментари им помагале на колегите и на студентите да ги усовршат своите идеи и теории.

Нејзин најголем придонес секако останува теоремата што останува позната под нејзино име, која ја објаснува фундаменталната поврзаност на симетријата и законот за зачувување. Едноставно речено, секоја симетрија во природата упатува на соодветниот закон за зачувување, било да е тоа полнеж, енергија или импулс...

Теоремата покажува дека симетријата на времето е директно поврзана со зачувувањето на енергијата, ако извршиме експеримент денес или утре, резултатите ќе бидат исти, енергијата во тој систем ќе биде зачувана. Важноста на теоремата ја истакнал и тандемот Хил-Ледермн во книгата Symmetry and the Beautiful Universe: „Нетерината теорема секако е едно од најважните математички правила во развојот на модерната физика на сите времиња“.

Нетер ја револуционализирала теоријата на прстените и полињата, ја споила теоријата на репрезентација на групите со теоријата на модули и идеали. Силно влијаела на примената на аксиоматските методи во математиката и го променила начинот на кој математичарите ја разгледуваат апстрактната алгебра. Иако сето тоа звучи многу неопипливо, многу зборува за фактот дека еден од најпознатите физичари на сите времиња, Алберт Ајнштајн, за формулацијата на општата теорија на релативноста користел идеи на Еми. За него знаат сите, за неа речиси никој.

Стивенс заклучува: „Тоа што Еми Нетер никогаш не добила признание како нејзините машки колеги е трагедија на културата. Тоа што нејзината страст не е поколебана и што нејзините успеси не се забавени поради културните пречки и неправди сведочи за нејзиниот дух“.

Извор: voxfeminae.net
Илустрација: Теа Шокац
Превод: Ѓ. З.

Слични содржини

Наука / Живот / Теорија

ОкоБоли главаВицФото