Десет години од „Првото архитектонско востание“

28.03.2019 15:13
Десет години од „Првото архитектонско востание“


Не замислував пред 10 години кога заедно со уште неколку колеги од факултет го организиравме Првото архитектонско востание против објект на плоштад (објект што требаше да биде црква) дека всушност ќе добиеме цел нов “барокен град“. Нов град кој сè уште не го сметам за мој и не знам уште колку века треба да поминат за „Скопје 2014“ да стане мое Скопје. И не знам дали воопшто беше успешен протестот ако успехот беше што се префрли црквата на улица Македонија. Ама барем сфатив дека јас, и уште многу други, имаме друга идеја за Скопје која не се базира на едно кратко видео без никаков концепт.

 

Сепак, многу ми е драго што во време кога низ сите ходници на факултетот се шушкаше колку оваа “нова“ архитектура што доаѓа е лоша, ние бевме единствени кои јавно го кажавме нашиот став. И тоа не беше само наш став ‒ тоа беше став на повеќето архитекти и на голем дел од Архитектонски факултет, којшто сепак не успеа јавно да каже дека тоа што нè учат на предавања и вежби всушност е правилно, а тоа што ќе се гради надвор е неправилно.


Мило ми е уште повеќе што успеавме да отвориме јавна дебата за архитектурата на нашето Скопје и се надевам успеавме некои луѓе да едуцираме што е архитектура. Успеавме јавно да разговараме и со градоначалници, и со професори, со архитекти и декани од странство, уредници на европски архитектонски списанија, да организираме изложби на студентски проекти и архитектонски тури низ градот и да ги натераме сите да сфатат дека сите ние сме дел од архитектурата и дека таа ни ги менува животите сакале ние или не. Дека архитектурата е една колективна меморија која несвесно нè потсеќа на некој простор и време. Мило ми е што успеавме да дебатираме и со тие кои ни се противеа и сметаа дека „Скопје 2014“ е тоа што ни треба, зашто добро е да дебатираме за архитектурата и урбанизмот, ама и добро е и да се убедиме (со факти) меѓу себе за тоа што е подобро. Како и да е, градот е наш и не вреди да го градиме преку конкурси со два пристигнати проекти, меѓу кои подобриот го освоил второ место.

Жал ми е што денес, десет години откако прв пат гласно почна да се зборува за архитектурата кај нас (после земјотресот), дојдовме до ниво да сметаме дека барокот е проблемот. Слабо се слушнаа нашите предавања во кои тврдевме дека имаме проблем со урбанизмот, со позицијата на објектите, со уништувањето на јавниот простор и со односот кон значајните архитектонски дела. Дојдовме до момент кога небарокен проект за ГТЦ требаше да покаже дека се сменил нашиот однос кон ГТЦ.

За жал, имаме уште многу да изодиме и да покажеме во 3Д дека има добри архитекти кај нас, а не само да зборуваме за тоа. А за среќа, имаме добри архитекти, само немаме систем кој тоа ќе го види. Можеби ние архитектите треба да почнеме од средување на системот, а не од критикување на архитектурата? Нека биде тоа идеја за нареден тивок и суптилен протест...


Слики: Матеј Богдановски
Извор: Фејсбук

Слични содржини

Никола Гелевски
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Став / Култура
Општество / Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото