Жените ги победуваат мажите на благајните

29.03.2019 00:21
Жените ги победуваат мажите на благајните

"Trolls". "Teenage Mutant Ninja Turtles". "Moana". "Wonder Woman". Сите се светски кино хитови во кои главните улоги ги толкуваат жени.

Според податоците на Агенцијата за креативни уметници, компанија која ја основаше некогашната шефица по технологија во САД, Меган Смит, најгледани филмови во периодот помеѓу 2014 и 2017 година во кои глумеле жени заработиле повеќе од филмовите во кои главните улоги ги толкувале мажи, без разлика дали тие се снимени за десет или за сто милиони долари.

Истражувањата исто така покажаа дека филмовите кои го поминале тестот Бехдел - кој меѓу другото утврдува и дали женските ликови разговараат за нешто друго освен за мажите - ги надминале оние кои паднале на тестот.

„Врежаниот став дека не е добро за бизнисот да се избере жена како водечки лик едноставно не е вистинит“, истакнува Кристи Хобегер од агенцијата Ц. А. А.

Сепак, да се избере жена за главна улога во Холивуд и натаму повеќе е исклучок отколку правило.

Во најгледаните филмови во 2017 година жените однеле четвртина од главните улоги, а одиграле само една третина од поважните улоги, според податоците на Универзитетот во Сан Диего.

Новиот извештај на водечката агенција за таленти Ц. А. А. е дел од обидот да се изврши притисок на Холивуд да се вработуваат повеќе жени и обоени луѓе на екраните и зад сцената. Во 2017 година агенцијата објави извештај во кој наведените податоци покажуваат дека филмовите со глумци од различни етнички припадности доживеале поголем успех од оние кај кои актерската постава е похомогена.

Се поставува прашањето дали филмската индустрија ќе поведе сметка за ова. Истражувањето на Универзитетот во Сан Диего исто така покажа дека бројот на женски хероини кои глумат во најгледаните филмови во 2017 година бил понизок од оној во претходната година. Новите податоци на агенцијата Ц. А. А. покажуваат дека творците на овие филмови можеби им нанесуваат штета токму на филмовите.

Како „главен актер“ е одреден првиот што е наведен на листата на Грејснот, што значи дека филмовите „Star Wars: The Force Awakens" и „Star Wars: The Last Jedi“ се конципирани така што носечките улоги ги играат мажи.

Просечната заработка на филмовите со жени во главните улоги ја надминува просечната заработка на филмовите во кои главните улоги ги толкуваат мажи. Средната вредност покажува исти резултати, со еден исклучок: во категоријата филмови помеѓу 30 и 50 милиони, средната вредност за филмови во кои главните улоги ги играат мажи изнесува 104 милиони, а за жени 102 милиони.

Хобегер смета дека филмовите во кои важните или носечките улоги ги толкуваат жени или обоени луѓе се успешни пред сѐ затоа што публиката сака нови приказни.

„Има љубители на суперхерои кои во суперхеројските филмови не виделе никакви новитети веќе 36 години“, истакна таа.

Извор: New York Times/International Report