Марш за видливост

30.03.19 02:00

На „Маршот за видливост“ трансродовите лица маршираа од Министерството за правда низ центарот на Скопје и од овој настан упатија порака да се намалат насилството и дискриминацијата со кои секојдневно се соочува оваа маргинализирана група.

Трансродовите луѓе и поддржувачите на трансродовата заедница од граѓанскиот сектор на 29 март со транспаренти  со слоганите „Јас сум лице Х“, „ТрансФормирај се!“, „ТрансИнформирај се!“, порачаа дека со „Маршот за видливост“ сакаат да ги охрабрат „институциите и стручната јавност да го отворат прашањето за регулација на правата на трансродовите лица“.

„Во 2018 преку коалицијата ‘Маргини’ во државата се поднесени 49 пријави на случаи на повреда на правата на трансродовите лица, од кои 27 пријави се однесуваат на разни форми на насилство, 4 пријави до полиција за непостапување и 2 пријави до државни институции за вознемирување врз основа на родов идентитет.

Во 2019 година нашата држава е на дното, меѓу последните држави во Европа кои немаат никаква регулатива за правно признавање на родот. Токму затоа и маршираме денеска. Неодамнешната пресуда во корист на трансродов маж од Македонија од страна на Европскиот суд за човекови права во Стразбур испрати јасна порака – дека нашата држава има обврска да усвои законска рамка за правно признавање на родот.

Потсетуваме дека притоа мора да се почитува нашиот телесен интегритет, кој е заштитен од Уставот. Апелираме институциите непристрасно и професионално да ги исполнат своите обврски со што трансродовите лица би можеле на брз, транспарентен и лесно достапен начин да добијат усогласени документи, како и сите други граѓани“, рече Лила Милиќ.

Со маршот за видливост, кој иницијативата „ТрансФормА“ го организира првпат, се приклучи кон одбележување на Меѓународниот ден на видливоста на трансродовите луѓе, 31 март, посветен на јакнење на општествената свест за проблемите со дискриминацијата со која секојдневно се соочуваат трансродовите луѓе ширум светот, а востановен е во 2009 година во Мичиген, САД, од американската трансродова активистка Рејчел Крндалд.

Фотографии: Ванчо Џамбаски

ОкоБоли главаВицФото