Не се прекина

30.03.2019 14:11
Не се прекина

По некои седум минути, кога сè се смири, излегов на сцена. Изгледаше дека сè застанало за миг за уште еднаш да го почувствувам просторот. Ме обзеде благодарност, некоја неодредена благодарност поради тоа. Одлично одиграната премиера беше зад мене. А потоа одеднаш се чу џагор. Се стресов сфаќајќи дека можев да го забележам и миг пред тоа да не ме напуштеше внимателноста. Но, бев обвиен со нешто што, собирајќи си ги впечатоците, на сè околу мене му придаваше некаков матен внатрешен сјај. За делче од секундата се почувствував забележан. За миг како да сум изложен на погледите надвор од ситуацијата. Меѓутоа, тоа не ме ни фати во доволна мера, а веќе ме пушти. Особено откако сфатив дека таму има сè на сè тројца луѓе што се појавуваа тивко разговарајќи, не обрнувајќи ми притоа нималку внимание. Потоа една фигура, машка, го забрза одењето и излезе од салата. Тоа беше проќелав маж, со маркантен изглед, со бела кошула, темносино сако и ешарпа, и бели панталони. Се свртев на другата страна од сцената и почнав бавно да чекорам, обидувајќи се да оставам впечаток дека нивното присуство воопшто не ме допира. Одеднаш се запалија уште неколку рефлектори и маса техничари се втурна на сцена. Ги тргаа реквизитите, сценографијата, орно, нервозно орно, како одеднаш да си ги пуштил од малечка кутија во која жестоко се туркале. Свртувајќи се потоа со целото тело кон излезот од салата, видов дека една од преостанатите две личности, постара, всушност ја познавам. Па тоа е таа! За миг ѝ замерив што не ми пријде побрзо, и што сепак јас ќе одам до неа, а не таа до мене, но за миг минав преку тоа и речиси се стрчав по скалите на бината.

Срдечна средба. Пак оној ист интензивен кармин, истиот малку поекстравагантен стил, скапа гардероба одбрана со вкус, при што за некоја, не сосема незабележлива нијанса, целата гардероба не се вклопува баш најдобро. Ама таа малечка стилистичка колизија во нејзината појава создаваше еден посебен шарм, станувајќи стилска. Недвосмислен знак за темперамент. И Медитеран. Остарела, си помислив. Ме претстави на својата пријателка – излезе дека се колешки – која, пак, се извини велејќи дека не сака да им пречи на старите пријатели што долго не се виделе и отиде да пуши на платото пред театарот. Некое време екстатично разговаравме, еуфорични поради неочекуваната средба. Ја пофали мојата глума. Сум ѝ го отворил текстот, рече, на потполно нов начин. Тој слој, ми рече, никогаш не го почувствувала во самото дело. Меѓутоа сега, вели, јасно се сеќава на него, сега кога толку јасно го доживеала благодарејќи ѝ на мојата интерпретација. Тоа тогаш значи дека секако и порано го имала забележано, иако несвесно, ѝ реков. Се согласи и речиси без премин продолжи да ми зборува со што сè се занимава. За периодите во кои воопшто нема работа, по кои доаѓаат периоди со премногу работа. А потоа се случи тоа.

Во еден миг како да излегов од себе. Не е дека можев да се видам себе како разговарам со неа од некоја висина, издигнат. Не се работеше за ништо визуелно. Тоа повеќе беше чувство во телото, во главата. Како да останав во себе да видам како е да не бидеш тука. Нешто само се измолкна. Го сетив и преминот. Отиде нагоре. Во пределот околу слепоочниците, во целиот тој појас сетив издигнување. А не ме спопадна малаксаност.

Излегов од себе, сетив вознесение, но како да останав во себе за да сетам како е да се биде во себе без себе, и на мое големо чудење – беше пријатно. Велам на мое големо чудење затоа што за миг се уплашив дека ќе паднам. Во текот на таа секунда додека некоја џиновска невидлива црпалка си го правеше своето, извлекувајќи ме од самиот себе, помислив дека морам да се придржам за нешто. Но не беше потребно. Изненаден од самиот процес, затечен од него, не ни стигнав да се потприсоберам, да видам каде точно ми стои раката, каде е потпирачот на седиштето пред мене, што има зад мене – можеби требаше да седнам – само ми беше важно таа, мојата соговорничка, да не почувствува ништо. Не сакав да ѝ кажам „ми се слоши“ или „ми се врти“ или дури „ќе паднам“, зашто сето тоа, на крајот на краиштата, не беше вистина. Не паднав, не ми се вртеше, не изгубив свест, ниту рамнотежа, изгубив нешто друго, не знаев што точно, но таа загуба беше пријатно свежа и на извесен начин слатка. И останав на нозе. Не паднав. И бев зачуден – како можам да стојам на свои нозе и додека не сум во себе. Нозете. Тие ме држеа. Не јас самиот себе. Со што го заслужив тоа.

Беше нешто како: само да видиш дека можеш и без себе. Можеби. Беше: чисто за да се увериш дека не си веќе толку слаб. Дека не паѓаш тукутака при секоја мала внатрешна промена, при секое престројување на духот надвор од улогата. Само да се увериш дека тоа кревкото нешто што сите нè држи исправени тука, на земјата, си успеал да го зајакнеш.

Да се биде надвор од себе, а да се остане во себе, да видиш како е тоа, и да не паднеш. Можеби нешто само од себе притекло во таа празнина по издигнувањето. Не можам да тврдам дека не е така. Помислувам на тоа зашто сепак самата состојба беше далеку од празнина. Празнината никогаш не се чувствува на тој начин. Всушност, тоа беше состојба на некоја чудна исполнетост. Парадоксално. Но, како можеше таа да биде тука кога тоа тешко излезе од мене. Блескава некоја исполнетост. Празнината никогаш не сум ја сетил така. Барем не празнината што ја познавав. А можам да речам дека ги познавам празнините. Дека ги распознавам. Оваа беше поинаква. Ако беше празнина. Макар што сè повеќе ми се чини дека не е. Како може празнината да биде нешто што толку исполнува.

Иван Антиќ е роден 1981 година во Јагодина. Дипломирал на групата Српска книжевност и српски јазик со општа книжевност на Филолошкиот факултет во Белград. Ги има објавено книгите раскази Тонус (во едицијата Прва књига, Матица српска, 2009) и Мембрани, мембрани (Културни центар Нови Сад, 2016). Расказите му се преведени на англиски, германски, полски, словенечки, романски и албански јазик и се дел од прозната антологија на Бетон, Nga Bergradi, me dashuri – Tregimi i ri nga Serbia (Приштина, 2011), антологијата на младата српска проза Пукања (Пуцања, Београд, 2012) и словенечката антологија Iz jezika v jezik (Ljubljana, 2014). Покрај пишувањето се занимава и со преведување од словенечки и работи како главен и одговорен уредник во издавачката дејност на Српскиот културен центар Данило Киш во Љубљана. Од 2012 година живее и работи во Љубљана.

Извор: Membrane, membrane, Kulturni centar Novog Sada, 2015.
Превод: Ѓ. З.
Слики: Eric Roux-Fontaine

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Јавни простори / Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото