„Што е филм?“ со Сафија Бенхаим во МСУ

01.04.2019 00:58
„Што е филм?“ со Сафија Бенхаим во МСУ

На 1 април (понеделник) започнува филмската и видео програма на Музејот на современата уметност, со филмски проекции, разговори и предавања, со наслов „Што е филм?“. Оваа филмска програма на МСУ се реализира во соработка со регионалната лабораторија за експериментален и документарен филм ACTive #3.

„Редовната програма на МСУ за филм и видео претставува серија на филмски проекции и разговори, со цел долгорочно програмирање, истражување и презентација на извонредни аудиовизуелни дела, кои го дефинираат широкиот спектар на филмската уметност во целиот нејзин современ израз“, вели кураторката на програмата, Кумјана Новакова.

Првата филмска  авторка чие творештво ќе биде претставено е Сафија Бенхаим. Како ќерка на марокански политички бегалци во нејзините филмови, прикажувани на филмски фестивали и во современи уметнички кругови, го истражува прогонот како тема и недефинираната граница меѓу документаристиката и играниот филм со посебен интерес кон приказните за духови. Нејзиниот филм „Магична треска“ ја освои наградата „Tiger Shorts“ на престижниот Меѓународен филмски фестивал во Ротердам.

Програма:

МСУ филм и видео // Што е филм? // Сафија Бенхаим

01.04.2019

20.00 часот
Магична треска, Сафија Бенхаим
Франција, Мароко, 40’, 2014
Разговор: Сафија Бенхаим, Кристоф Постик, Кумјана Новакова

02. 04. 2019
12.00 часот
Предавање: Што е филм? / Сафија Бенхаим, модератори Кристоф Постик и Кумјана Новакова

02. 04. 2019
20.00 часот
Темна крв, Сафија Бенхаим
Франција, 38', 2018
Разговор: Сафија Бенхаим, Кристоф Пости
к, Кумјана Новакова

Магична треска
Франција, Мароко, 40’, 2014
Во една грозничава ноќ, дете гледа дух - жена која доаѓа од морето, враќајќи се дома по долг политички прогон.
Тивки приказни, бестелесни гласови и визии се мешаат во темнината на ноќта заедно со треската. Детето и дисидентката сега се едно и патуваат заедно до една чудна зграда на изгубени сеќавања. Историјата на деколонизацијата и заборавените политички борби се појавуваат и исчезнуваат. Но, нова борба, арапската пролет во Мароко, го поплавува минатото.

Темна крв
Франција, 38', 2018
Една ноќ, еден човек им кажува на своите деца чудна ловечка приказна: за исчезнувањето на неговиот пријател Џонатан, кој отишол сам во шумата следејќи елен со кој бил опседнат. Прогонуван од исчезнувањето, човекот се враќа на лов во далечните планини, на местото каде неговиот пријател исчезнал.
Во текот на ноќта човекот слуша елен како доаѓа во шумата и се среќава лице в лице со својот долгогодишен изчезнат пријател, Џонатан. Во мрачната шумата, Џонатан му раскажува за неговата потрага по невидливиот ѕвер.