1023 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 07:59
Емануел Макрон и Луиџи ди Мајо
Во конфликтот помеѓу Италија и Франција уште на прв поглед е јасно кој ќе го извлече подебелиот крај, ако потрае двобојот на двете алпско-медитерански земји. Дилетантизмот, авантуризмот, вообразеноста, површноста, непознавањето на основните правила во односите помеѓу државите, злоупотребата на ЕУ за остварување ситни поени за придобивање гласови или популарност кај домашното гласачко тело, ја доведоа Италија во изолација во каква не била уште од триесеттите години на минатиот век кога ѝ беа воведени санкции заради колонизацијата на Етиопија.
Движењето со пет ѕвезди (М5С) во паника заради вртоглавиот пад на популарноста, и сѐ поизвесниот дебакл на изборите за Европскиот парламент - резултатот од неделните покраински избори во Абруцо е индикативен, М5С изгуби половина од гласовите за помалку од една година, паднаа од 40 на 20 проценти поддршка во централно-апенинската покраина - заигра на картата на шовинизмот против Франција, односно нејзиниот претседател Емануел Макрон, целејќи на наклонетоста на Италијанците во Французите да ги видат сите свои недостатоци и фрустрации.
Просто е неверојатно со каква ноншалантност лидерите на М5С секојдневно го покажуваат сопственото незнаење, надменоста, неподготвеноста и не трепнуваат ни со око кога себеси си скокаат во уста. Италија ја блокираше одлуката на ЕУ за признавање на Гуаидо за претседател на Венецуела зашто М5С застана во одбрана на диктаторот Мадуро со оправдување дека не може да се меша во внатрешните работи на други земји.
Истовремено, лидерите на М5С, Алесандро ди Батиста и потпретседателот на владата Луиџи ди Мајо отидоа во Франција - без исвестување на владата во Париз, како што наложува дипломатската практика во односуте на членките на ЕУ кога во посета доаѓаат високи официјални претставници од друга држава - каде се сретнаа со екстремното десничарско крило на „жолтите елеци“ чии лидери повикуваат на воен пуч и симнување од власт на легално избраниот претседател Макрон.
На Ди Мајо и Ди Батиста ни тоа не им беше доволно па на социјалните мрежи поставија фотографии со заговорниците на пучот во Фрација со дидаскалијата: „Ветерот на промените ги помина Алпите“. Очајничкиот потег на М5С да пронајдат сојузници за кеирање блок во Европскиот паралемент и формирање пратеничка група ја прелеа чашата на трпението на владата на Макрон и Париз одлучи по речиси 80 години да го повика амбасадорот во Рим на консултации во знак на предупредување дека нема да го толерира некоректното и субверзивно однесување на луѓето кои, во моментов, ја претставуваат власта во Италија.
Гротескната страна на личносите на Ди Мајо и Ди Батиста, кои се прославија со своите гафови и веселото демонстрирање на своите дупки во образованието и општата култура, доби ново поглавје. Во писмото упатено до „Монд“, Ди Мајо не го демонстрираше само своето трагично незнаење туку и елементарната мудрост во својот кабинет да вработи неколку умни информирани луѓе кои ќе ги исправаат неговите небулози. Нарекувајќи ја Франција „илјадагодишна демократија“, Ди Мајо ја надмина дури и „брилијантната“ споредба на поранешниот италијански премиер Ренци со „венецуелскиот диктатор Пиноче“ или забелешката на својот политички близнак Ди Батиста дека Нигерија е 60 проценти ИСИС, а 40 проценти ебола.
За сето тоа да биде уште потрагикомично, платформата која ја користи М5С за својата таканаречена директна демократија се вика „Русо“. Според Жан Жак Русо, филозофот со чии идеи, заедно со оние на Волтер и Монтескје во 1789 година беше крената Француската револуција и беше отстранет монархистичко-апсолутистичкиот режим кој беше на сила во Франција илјада години.
Особина на вообразените и надмените луѓе е да не ја гледаат шумата од дрвјата. Така Ди Мајо и Ди Батиста се заслепени од идејата дека сојузништвото со „жолтите елеци“ би им донело повеќекратни бенефити на овогодинешните изборни состаноци и ставија во опасност 50 милијарди од италијанскиот извоз во Франција и стотици илјади работни места кои директно зависат од извозот во Петтата република. За сето тоа да биде попоразително, Ди Мајо е на чело на министерството во чие портфолио се индустријата и економскиот развој и би требало да знае дека Франција е вториот економско-трговски партнер со кој Италијанците имаат суфицит во размената од речиси 7 милијарди евра.
Националпопулистите имаат постојана потреба да создаваат непријатели, реални и имагинарни. Колку повеќе се во криза, колку повеќе се во паника, колку повеќе им паѓа популарноста и поддршката кај гласачкото тело, толку е поголема пролиферацијата на непријателите.
Тоа објаснува зошто Матео Салвини го ублажува речникот: неговата популарност расте и тој ќе биде на чело на политичкиот блок кој ќе се бори за второто место во Европскиот парламент. М5С ќе остане „сираче“ во Европскиот парламент, нема да има со кого да направи пратеничка група а тоа значи и помалку пари, помала видливост, помалку функции, пред сѐ голем удар за меѓународниот престиж.
Изјавата на Макрон дека популистите се „крастави“, во моментот кога дојдоа на власт во неколку држави членки на ЕУ, не беше најсреќната. Таа е израз на слабоста на претседателот на Франција кој исто така доживува голем пад на поддршката и популарноста како М5С во Италија. Макрон сонуваше за „Европа во движење“ и повторување на успехот на изборите за Европскиот парламент кој го имаше во Франција. Од тоа нема ништо. Политичката опција на Макрон во сојузот со „либералите“ во најдобар случај ќе биде четврта во Европскиот парламент, далеку зад „народњаците“, „социјалистите“ и „суверенистите“.
Во Франција, за разлика од Италија, не може да се мобилизираат гласачите, како што рече долгогодишниот дописник на „Монд“ од Рим, Филип Риде, на антииталијанската реторика: „Французите ги интересира италијанската политика колку што Италијанците ги болат поразите на француската рагби репрезентација.“
Останува фактот дека Франција се однесуваше некоректно за време на мигрантската криза: да се критикува јавно Италија заради третманот на мигрантите а да се држат затворени своите пристаништа за несреќниците од Африка, да се воспостави капиларна контрола на границата со Италија, да се прогонуваат и малтретираат мигрантите како животни со неовластено упаѓање на припадниците на жандармеријата на територијата на Италија, има призвук на лицемерство. Исто како што е и одолговлекувањето и подметнувањето тркала во клиповите за стратешко купување на француските бродоградилишта од страна на италијанскиот колос Финкантиери.
Односот помеѓу Италија и Франција отсекогаш бил исполнет со спротивни чувства и предзнаци: љубов и омраза, сојузништва и предавства, пријателства и ривалства, страст и незаинтересираност. Сентиментите, целите и релациите се менувале во зависност од историската епоха.
Би можело да се каже дека Италијанците ги удрија темелите на модерната француска држава, почнувајќи од двете на Де Медичи, Катарина и Марија, кои владееле како вдовици со француското кралство, кардиналот Мазарен, клучниот човек во кралството на Луј XIV, оној што велел „Државата, тоа сум јас“, Наполеон Бонапарта со италијанско потекло од Тоскана, преку Леон Гамбета, херој на отпорот кај Прусите и еден од татковците на Третата република, до Еторе Бугати, творецот на првите автомобили во Франција, незаборавниот глумец Жан Пол Белмондо, Колуша, комичарот од кој трепереше Митеран, модниот креатор Пјер Карден чие вистинско име е Пјетро Карин, најдобриот фудбалер Мишел Платини, до Карла Бруни, некогашната прва дама на Франција за време на мандатот на Никола Саркози.
Од друга страна, Французите им овозможија на Италијанците да се обединат. Без војската на Наполеон Трети, која ја поразила австроунгарската армија во битките кај Магента и Солферино, немало да се случи ни Рисорџиментото (назив за италијанското обединување, а ни Гарибалди немало да тргне со својата експедиција од илјада луѓе за да го освои кралството на Двете Сицилии.
Не треба да се заборави дека кралската фамилија од Савој се откажала од своите поседи во Франција. Освен Савој, според кој италијанското кралско семејство го носела името, Виторио Емануел Втори на Французите им предал и дел од Азурниот брег заедно со Ница, родниот град на Гарибалди - што „јунакот од двата света“ никогаш не му го простил - како дозвола за да го обедини Апенинскиот полуостров.
Секако, не планирале да создадат ривал на Париз. Нивната намера била да ја наметнат својата хегемонија на Апенинскиот полуостров. Меѓутоа, ги измамиле Англичаните кои сакале со еден удар да остварат две цели: да го елиминираат кралството на Двете Сицилии кое премногу се приближило до царска Русија и Италија да стане доволно голема и силна за Франција да не може да манипулира со неа.
Кралството на Двете Сицилии
Французите не можеле да манипулираат само со родната Италија но ѝ ставале клипови и тркала и ја деградирале кога ќе можеле. Десет години војниците на Наполеон Трети го гарантирале опстанокот на Папската држава и оневозможувале Рим, природната престолнина на новата држава, да стане главен град на Италија, сѐ додека пруската армија на Бизмарк не ги дотепала француските империјални сили. Франција ја понижила Италија и 1881 година кога ѝ го зела Тунис и покрај тоа што италијанската заедница била многу побројна од француската. На Берлинската конференција 1884 и 1885 година, кога европските држави меѓусебно ја делеле Африка, Париз издејствувал на Рим да не му припадне ништо. Им помагале на Етиопјаните во Првата италијанско-абисинска војна.
Французите не се единствените кои на државно-дипломатски план ги третирале Италијанците како второкласни роднини. Тоа се случувало и во секојдневниот живот откако кон крајот на 19 век Французите со презир ги гледале мигрантите од Италија како што денес ги гледаат денешните од Африка и Азија. Во Ег Морт, летото 1893 година бил организиран колективен линч на Италијанците кои работеле како сезонски работници во рудникот за сол, откако се проширила лажна информација дека италијанските работници убиле еден локалец од Ег Морт. Во колективниот линч биле убиени 10 Италијанци а стотина биле повредени. За тоа злосторство не одговарал никој. Францускиот суд ги ослободил сите убијци со воодушавување и славење на целата француска јавност.
Франција била република со демократски и либерален режим пред Првата светска војна, а Италија монархија со конзервативен режим. Додека Французите ја доживувале Германија како смртен непријател, Италија била сојузник на Берлин, меѓу другото и затоа што профитирала не само од победата на Прусите над Французите туку и над Австријците, благодарение на што го добила Венето. Француските весници редовно ги претставувале италијанските премиери во униформа на пажови како му ги гланцаат чизмите на железниот канцелар Ото фон Бизмарк. Премиерот Криспи толку се налутил што вовел дополнителни царини за француската стока.
Меѓутоа, во текот на Првата светска војна, без француската помош Италијанците немало да успеат да закрепнат после катастрофата на Капорето и да ги задржат австроунгарските сили. Французите ги израмниле сметките уште на Версајската конференција 1919 година. Меѓу двете светски војни односите дополнително биле заострени зашто фашистичкиот режим санкциите на кои биле изложени заради окупациите на Етиопија и Еритреа ги доживеал како француско подметнување.
Реченицата на францускиот амбасадор во Рим, Андре Франсоа-Понсе после објавувањето војна на Италија и Франција, „Ни забивте нож во грбот“, упатена кон зетот на Мусолини и шефот на дипломатијата Галеацо Чиано, влезе во историските читанки. Иронија на судбината е дека Понсе бил последниот француски амбасадор повлечен од Рим пред актуелниот Кристијан Масе.
После Втората светска војна Франција успеала да го откине и „Монте Бјанко“ односно „Монблан“ од Италија но не успеала да ја земе Аостинската долина која премиерот Алчиде Де Гаспери успеал да ја сочува. Интересно е што за време на Де Гаспери, Италија имала најдобри односи со Франција на Роберт Шуман. Звучи како виц, но е вистина: Де Гаспери и Шуман меѓусебно зборувале на германски и одлично се разбирале, не само во билатералните односи туку и во изградбата на темелите на ЕУ, заради што двајцата се сметаат за татковци на денешната Унија. Односите биле толку добри што двете земји работеле на создавање царинска унија а подоцна и на заеднички проект за конструирање нуклеарна бомба.
Со враќањето на Шарл де Гол на власт во Франција, односите повторно стануваат, условно кажано, млаки. За деголовскиот „grandeur“ Италија била занемарлив партнер. Изреката на Генералот „Ах, тие Италијанци“ (Ah, Les Italien...) станала синоним за омаловажување на Италијанците. Едноставно, Франција на Де Гол ја игнорирала Италија или ја доживувала како еден вид помлад нестрашен роднина. Како и можело да биде поинаку кога Де Гол за свој соперник ги сметал САД и мечтаел да го собори Бретон Вудс и да го наметне францускиот франк наместо доларот како главна монета за трговска размена.
Шуман и Де Гаспери, татковците на денешната Унија
Навистина, во Елисејската палата смртно се навредиле кога Италијанците го избрале германскиот телевизиски систем (ПАЛ) наместо францускиот (СЕКАМ). Во Париз се муртеле и на двојната игра на италијанскиот нафтен колос Ени кој го финансирал алжирскиот ослободителен фронт. Де Гол и неговите наследници во Елисејската палата им се „осветиле“ на Италијанците така што ги спречиле Фиат и фамилијата Ањели да го купат Ситроен, потоа им прискокнале напомош на Муамер Гадафи вооружувајќи ја неговата армија која од Либија протерала 20 000 Италијанци, староседелци. Во оригиналната идеја на Валери Жискар Д’Естен немало место за Италија во групата најразвиени држави во светот (во тој момент), и само благодарение на инсистирањето на Вашингтон, Рим влезе во Г7.
Реформите на Де Гол од Франција направија „монархистичка“ република со централизирана власт додека, повеќе или помалку, во исто време Италија се движела по патот на децентрализацијата и федерализацијата со основањето 20 покраини, од кои пет со специјален статут. Французите во концентрацијата на власта во рацете на претседателот гледале решение за ефикасна власт додека Италијанците, трауматизирани од искуството на дваесетгодишниот период на фашизмот, напишале устав и закони кои оневозможуваат концентрација на власта во рацете на една личност. На пример, овластувањата кои ги има францускиот претседател во Италија се распределени на претседателот на републиката, парламентот, премиерот, министерот за одбрана и министерот за надворешни работи.
Од доаѓањето на Митеран на чело на Петтата република односите со двете страни на алпскиот ѕид стануваат подобри но и натаму мошне променливи. Бетино Кракси искрено му се воодушевувал на Митеран и се обидувал да ги применува неговите политичко-економски рецепти во Италија. Митеран уживал толку голем углед што тогаш никој претерано не му замерувал за таканаречената доктрина на Митеран според која им давал азил и заштита на италијанските терористи од левицата кои нашле засолниште во Петтата република. Ширак и Берлускони не можеле да се видат со очи, меѓу другото и затоа што Ширак лично го спречи влегувањето на медиумската империја на Берлускони, Медијасет, на францускиот пазар.
Од друга страна, Берлускони во првиот период беше во одлични односи со Саркози кои подоцна доживеаја инволуција и имаа епилог со јавното потсмевање на Саркози со Берлускони. Италијанските премиери Лета, Џентилони и Ренци имаа одлични односи со Оланд и Макрон. Лета е директор на Институтот за политички студии во Париз, Џентилони со Макрон имаше намера да направи историски договор каков што потпишаа Франција и Германија во 1963 година и неодамна го обновија во Ахен. Ако на последните избори победеше Ренци, денес Париз и Рим ќе беа движечка сила во ЕУ и Германија на Ангела Меркел ќе беше принудена да не тактизира околу федерализацијата на ЕУ.
Парадоксално, додека политичките односи на Италија и Франција секогаш беа подложни на ненадејни промени, подметнувања, мали и големи предавства, економските, трговските, културните, пријателските и семејните врски беа во постојан подем. Според грубите проценти над 6 милиони Французи имаат италијански корени, што значи дека секој десетти Французин во своето семејно стебло има директен предок Италијанец.
Економско-трговските односи меѓу двете страни на Алпите се во постојан подем и покрај повремените политичко-геостратешки несогласувања. Интересно е што француските стопанственици многу полесно го инвестираат својот капитал во Италија и купуваат италијански брендови отколку што италијанските компании успеваат да купат француски фирми и да ги пласираат своите инвестиции во границите на „Ек-сагон“. Од друга страна, италијанските производи се многу попопуларни во Франција отколку француските во Италија, така дојдовме до мошне симболична ситуација: големите француски трговски ланци се полни со италијански производи.
Француските банки НБП Парибас и Кредит Агрикол во Италија инвестираа 285 милијарди евра, преку купување на италијанскиот јавен долг и преку давање кредити за правни и физички лица. Заради споредба, германските банки се „изложени“ во Италија за само 58 милијарди евра.
Искрите помеѓу Париз и Рим во изминатите месеци се само продолжение на низата која почна од настанокот на Италија пред век и половина. Меѓутоа, тоа што националистичко-популистичката влада во Рим греши, не значи дека таканаречената проевропска влада на Емануел Макрон е во право. Конфликтот помеѓу Париз и Рим покажува колку неколку неодговорни луѓе, катапултирани во врвот на власта, можат брзо и лесно да ги расипат со децении добрите односи помеѓу државите и народите. Особено ако ја земеме предвид точната дефиниција на Кокто дека Французите се мрзоволно разбудени Италијанци.
Извор: Nedeljnik