Кон романот „Вергина“ на Јана Узунова или затемнетата книжевна рефлексија на Скопје

01.04.2019 11:32
Кон романот „Вергина“ на Јана Узунова или затемнетата книжевна рефлексија на Скопје

Едно нешто е сосема извесно: насловот, од прва, боде в очи како сончеви зраци. За работите да бидат на чисто, „Вергина“ е името на градот за кој и низ кој раскажува гласот на Тина Ковак, дваесетидеветгодишна кондуктерка и колекционерка на стари предмети. Тоа е град со културна разноликост, која се увезува и извезува на големо. Несвесен за своите потенцијали, а уште помалку свесен за своите недостатоци, овој град е персонифициран како „стара проститутка со многу шминка што сака да личи на девица “, но кој, всушност, многу повеќе личи на Скопје. (Узунова 2019: 18) На она Скопје кое можеше или би можело да ни се случи, за среќа или за жал.

Узунова не само што создава алузии, претпоставки, дистописки слики за градот; туку оди и чекор потаму: ги зема веќепостоечките и реални скопски околности и ги претопува во фикција. Затоа нејзините описи, предели, ликови не се ниту чисто скопски, ниту, пак, чисто вергински. Тие се креации помеѓу реалното и фиктивното.

Динамиката на романот е повеќе од очигледна. Описите се доволно детални, но не и тупаџиски. Мерката на Узунова во карактеризацијата на епизодните ликови, нивниот надворешен изглед, но и внатрешен свет, придонесува речиси секој од нив да остане запаметен. Токму поради нејзината сценаристичка прецизност, но и поради брзата промена на сетинзите, романот е повеќе од филмичен.

Градот како топос во романот на Јана Узунова е херметична средина: устоена и мрзелива, со луѓе-богови кои ништо не работат, кои седат на своите балкони, пушат и гледаат од високо како Олимпјани. Вергина е, исто така, град на лудило. Штиклите на сосетката летаат и удираат во ѕидот од собата на Тина Ковак; лудаците бегаат од лудницата и приредуваат перформанси среде улица; младите луѓе со револвери, пак, приредуваат филмски сцени во возови; и други лудории.

Траги од Скопје, постојано ја пробиваат фиктивната фасада на Вергина. Во овој град, покрај црно панорамско тркало „кое изгледа како да носи контејнери за јаглен “, има и една река по име Лета. (Узунова 2019: 41) Алудирањето на митското подземје (митскиот пекол) и истоимената река на заборавот, не е случајно, зашто Вергина е град “заборавен од Бога“, какошто пеколно-валканиот Вардар е заборавен од градските еко-служби.

Во овој град има и статуи за кои градските чувари посветено се грижат. Ги застрелуваат птиците што случајно ќе извршат нужда врз нив, исто како убиениот гулаб во кој се препознава и Тино Ковак. Вергина е град кој не ги сака оние што серат не само по статуите, туку и по едната или другата влада. „Со Вергина не се играше, таа беше големо бебе џин, кое во спиење ги смачкуваше другите бебиња во јаслите “ е уште една од персонификациите за градот на авторката. (Узунова 2019: 86) Како ниту еден дожд да не може да ја измие крвта на Вергина и како градот да е најголемиот непријател на луѓето и виновник за сѐ.

Колку и да се обидува да се раздвижи себеси, ликот на Тина Ковак останува пасивен. Воајерски, низ еден двоглед, го набљудува градот, жителите и властодршците; ги коментира и нѐ известува како камера што снима. Живее во светилник пренаменет во зграда, од кој будно го следи соседството; светилник кој за морнарите секогаш е знак за дома, но не и за неа. Растргната на крстопатите помеѓу сопствената устоеност и динамичноста на нејзината кондуктерска работа, Тина Ковак не успева да се вдоми себеси. Нејзината потреба некому да припаѓа, но и некој да ѝ припаѓа нејзе, одекнува како крик низ романот. За да го стиши, оди во „забранетиот“ дел од градот, во една стара биртија која се вика Маракеш, а за кој Узунова пишува „...Исто како да се наоѓаш во Мароко, тука беа измешани ориенталните култури со сите други и тој дел од градот како да беше заостанат во времето.“ Веќе потсетува на скопската Стара чаршија, но авторката продолжува „патиштата беа направени од надрочени и полегнати камења, нерамни и криви, а дуќаните беа мали и трошни, со мансарди од ‘рѓосано железо, во кои честопати имаа ателјеа најразлични уметници или каде каде што живееја најразлични држачи на антикварници, книжари, барови, љубовни мотели и слчично .“ (Узунова 2019: 45-46) Маракеш е паралелен универзум, „град“ среде град, прибежиште и издувен вентил на главната хероина, секогаш кога ќе посака да се почувствува жива.

Нејзините главни убедувања се дека на Вергина и Маракеш не им се застанува на патот зашто нештата треба, едноствно, да течат, исто како судбината. Дури ни заљубувањето во младиот Робсон, не е доволен мотив за нејзината трансформација. Но, кога Вергина ќе ја прелее чашата и ќе почне да ѝ ги одзема најблиските, Тина Ковак „ќе се разбуди“ и ќе премине на страната на одмаздата, брзо ќе стапи во дејство, но брзо и ќе се повлече.

Преморена од таа врска на љубов и омраза со сопствениот град, ќе отпатува и ќе го напушти за да може повторно да му се врати. Заминувањето ја претставува и потрагата по себе: пронаоѓајќи се себеси, би ја пронашла и љубовта кон градот, а прифаќајќи го онаков каков што е, без да го смени, би значело да го прифати и како љубовник.

Градот Вергина е затемнета, грдо-убава, егзотична, книжевна рефлексија на Скопје, а романот „Вергина“ е првиот роман на Узунова кој, воопшто, не личи дека ѝ е прв.

 

 

 

 

 

 

 

ОкоБоли главаВицФото