Не се зголемени изворите за финансирање на општините од даноци

02.04.2019 01:23
Не се зголемени изворите за финансирање на општините од даноци

ВЕТВАЊЕ: Заедно со преносот на надлежности, ќе ги зголемуваме изворните приходи на општините. Нашата цел е приходите од ДДВ за општините долгорочно да се подигнат од 4,5 отсто на 7 отсто, приходите од персонален данок на доход од 3 на 35 отсто, а приходите од закуп на земјоделско земјиште од 20 на 80 отсто. Достигнувањето на оваа цел ќе се одвива во фази.

[Извор: Изборна програма на СДСМ „План за живот во Македонија“, стр. 256, датум:декември 2016]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
За предвремените парламентарни избори (декември 2016), СДСМ вети дека фазно ќе го реализира зголемувањето на изворите за финансирање на општините преку поголемо зафаќање од приходите остварени од даноците и тоа за ДДВ од 4,5% на 7%, за персонален данок на доход од 3% на 35%, а од закуп на земјоделско земјиште од 20% на 80%. Основна цел на ветувањето на СДСМ беше да се овозможи општините поуспешно да ги извршуваат обврските од децентрализацијата. Ветувањето СДСМ го даде во „Планот за живот во Македонија“ на стр. 256 и тоа досега (28.03.2019) не е исполнето.

Имено, во периодот од речиси две години по изборот на Владата (31 мај 2017), не се донесени, ниту, пак, се предложени измени на Законот за финансирање на општините во делот на финансирањето од даноците.

Според членот 9 од актуелниот Закон, приходите од данок на додадена вредност се обезбедуваат во висина од: – 4,5% од вкупно наплатениот ДДВ остварен во претходната фискална година. Распределбата на приходите од ДДВ се врши најмалку 50% според критериумот по жител и други критериуми утврдени со Уредбата за методологија за распределба на приходите од ДДВ што ја донесува Владата.

Членот 5, пак, утврдува дека приходите од персонален данок на доход наплатени во тековната година се распоредуваат по општини, и тоа: 3% од персоналниот данок на доход на лични примања од плати од физички лица наплатен во општината во која се пријавени со постојано живеалиште и престојувалиште и 100% од персоналниот данок на доход од физички лица кои се занимаваат со занаетчиска дејност, регистрирани согласно со Законот за занаетчиската дејност, на чие подрачје се регистрирани за вршење на дејноста.

И Уредбите за методологија за распределба на приходите од данокот на додадена вредност по општини за 2018 г. и за 2019 г., донесени на 9 декември 2017 година и на 26 јуни 2018 година ги следат законските одредби.

Според пресметката којашто ја подготви Министерството за финансии, средствата ќе се распределуваат по следниот модел: фиксен дел во износ од три милиони денари за сите општини и градот Скопје и променлив дел којшто ќе се распределува според математичка формула – во зависност од бројот на жителите во општината – 65 отсто, во зависност од површината на општината – 27 отсто и според бројот на населени места во општината – 8 отсто, наведува владината прес-служба.

Дека ветувањето на СДСМ не се реализира како што беше планирано потврди и претседателот на Заедницата на единиците на локалните самоуправи( ЗЕЛС), Петре Шилегов на 26 април лани во обраќањето на денот на општините.

Засега стои ветувањето дека ќе се реализира повеќегодишното барање на ЗЕЛС за зголемување на процентот на ДДВ кој сега оди во прилог на општинските каси во висина од 4,5 отсто, а ќе се залагаме зафаќањето од персоналниот данок од сегашните три да биде најмногу 30 отсто по примерот на многу европски држави, рече Шилегов.

ЗЕЛС во мај 2018 година испорача и свои барања во облик на систематизирани ставови во врска со зголемувањето на приходите со етапно зголемување на процентот од даноците наменет за општините, како и зголемување на дотациите од државата.

Од ДДВ на 10% и на приходите од персонален данок на лични примања од плати на физички лица на 50% и 50% од данокот на добивка на фирмите регистрирани на територија на општините. Данокот од игри на среќа и автомати да биде приход на општините. Исто така стапката на Данокот на имот како најсигурен и најправичен локален данок етапно да се зголеми од 0,10 % – 0,20 % на 0,40 % – 0,50 %. Итно да се изнајде прифатливо, поволно и правично решение за деблокирање на блокираните сметки на ЕЛС и раздолжување на ЕЛС од старите долгови со обезбедување на меки заеми со ниски каматни стапки и рок на отплата од 20 години. (ЗЕЛС ставови мај 2018)

Владата дури во февруари годинава (2019) формира меѓуресорска работна група која треба да направи анализа на состојбата и предложи нови модели за финансирање на општините, согласно најдобрите практики во ЕУ. Работната група допрва треба да ги ревидира постоечките уредби за распределба на блок-дотациите за образование, детска заштита, култура. Краен резултат треба да биде зголемување на финансискиот капацитет на општините, што е и програмска определба на Владата, како услов за успешно извршување на надлежностите и обезбедување поквалитетни услуги за граѓаните.

Според тоа, може да се заклучи дека ветувањето на СДСМ дека ќе ги зголеми изворните приходи на општините преку зголемување на приходите од ДДВ да се подигнат од 4,5% на 7%, приходите од персонален данок на доход од 3% на 35%, а приходите од закуп на земјоделско земјиште од 20% на 80%, досега не е исполнето.

ИЗВОРИ:
СДСМ Програма за парламентарни избори во 2016 година 
„План за живот во Македонија“, стр. 242 (Пристапено 28.03 2019)

Влада РМ: Програма за работа на владата 2017-2020 (Пристапено 28.03.2019)
Независен ( 22.02.2019): Се пресметува дали општините можат да преземаат нови надлежности (Пристапено 28.03 2019)
МКД (9 12,2017): Зголемување на процентот од приходите од ДДВ за рамномерен развој на општините (Пристапено 28.03 2019)
Министерство за финансии: Закон за финансирање на единиците на локалната самоуправа (Пристапено 28.03 2019)
ЗЕЛС – СИСТЕМАТИЗИРАНИ СТАВОВИ (Пристапено 28.03 2019)
ЗЕЛС (21 јуни 2018): Градоначалникот на општина Велес, Аце Коцевски избран за претседател на Комисијата за финансирање при ЗЕЛС (Пристапено 28.03 2019)
Тајм.мк (26. април 2018): Одбележан 46. роденден на ЗЕЛС и Денот на општините (Пристапено 28.03 2019)
Плусинфо (26.06.2018): Општините ќе добиваат средства од приходите од ДДВ (Пристапено 28.03 2019)

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Извор: Вистиномер