И по Груевски – груевизам

03.04.2019 14:51
И по Груевски – груевизам

Пред некој ден една моја многу драга пријателка ми рече да олабавам со критиките на власта.

Според неа, сум останала сама и правам повеќе лошо отколку добро.

И ме праша: зарем сакаш да се врати Грујо или Мицкоски да ни стане премиер?

И ми соопшти дека таа е спремна да направи сѐ, само тоа да не се случи.

Пријателката уште ми е драга. И вистина е дека некои луѓе, кои ми барале мислење, веќе не ми бараат, а некои луѓе кои ги ценеле моите ставови, не ме дружат. И некои луѓе кои ми се јавувале да ми кажат дека многу им се допаднал некој мој напис, веќе не ми се јавуваат.

А јас, ете, мислам дека мојата пријателка погрешно мисли дека груевизмот ќе се врати со враќање на Груевски или доаѓање на Мицкоски на власт. Или дека ќе ја отвориме вратата на груевизмот со евентуален избор на Гордана Силјановска за претседател на државата.

За да постои груевизмот, не е потребен Груевски или Мицкоски или Силјановска. Груевизмот може да се врати во секој момент и со било кого.

Кога се прекршуваат законите во согласност со законот, тоа е груевизам без Груевски и без Мицкоски и без Силјановска. Кога се донесуваат закони по скратена постапка, кога независните тела се партиски диригирани, кога се корумпираат граѓаните со ситни добивки, наместо да се направат системски промени, кога се зголемува бројот на министерствата, кога се билдаат „оправдани“ трошоци на функционерите, кога цветаат управни и надзорни одбори за штанцање дневници, кога јавниот обвинител е нема кукла, кога нема лична одговорност, кога правото е договор меѓу партиските лидери, кога кариерното напредување се вари во некој партиски штаб, кога не се бара следење на потеклото на имотот, кога недомаќински се трошат државните пари, кога полицијата не смее да казнува функционери, кога популизмот е замена за правилата и критериумите и процедурите, кога државата е најголем работодавач, кога сѐ што е добро мора да биде уништено, кога лаиците се нарекуваат професионалци, кога… ете, тогаш станува збор за груевизам. Како состојба. Како начин на размислување и на делување. Како катран на нозете кои не можеме да ги подигнеме за да го направиме следниот чекор.

Не успеав ова да ѝ го објаснам на мојата драга пријателка, затоа што упорно повторуваше: зарем сакаш Мицкоски да стане премиер, зарем сакаш Мицкоски да стане премиер…

Не, драга моја пријателке. Нема мојата критика да го врати груевизмот. Груевизмот ќе го врати твоето молчење. А дури може и да ни го донесе триото Груевски – Мицкоски – Силјановска! На многу долго.


Слики: Свирачиња