Контраспин: Аудито на Мерко е грдо зашто е луксузирање со пари на граѓаните на Општина со долгови

04.04.2019 00:23
Контраспин: Аудито на Мерко е грдо зашто е луксузирање со пари на граѓаните на Општина со долгови Од Тео Блажевски  On Apr 3, 2019

Возилото на Мерко не е убаво, како што вели тој. Тоа е симболички грдо, најгрдо возило во моментов во државата, зашто е непотребен луксуз со јавни пари во Општина која има милионски долгови во евра

Градоначалникот на Струга, Размиз Мерко, гостувајќи на ТВ интервју изрече серија спинови поврзани со новото службено возило – Ауди А6:

Спин: Али, како јас ќе дојдев вечерва тука кај вас ако немав возило… Видите, Струга е одалечена од тука 200 километри. На едно доаѓање тоа се 400 километри и не е срамота еден градоначалник да седи по патишта?“

На прашање зошто не со Шкода туку со Ауди, Мерко одговара:

Затоа што Шкодата ќе оди со помала брзина и не тоа, тоа… Види, јас увидов и се изгласа на Совет дека ќе земиме таква кола, и што има тука проблем?

„Ајде да го видиме уште еднаш, колку е убаво, види го, види го (камерата снима инсерти од Аудито пред влезот на тв куќата, додека Мерко гордо се смее – н.з.)…. Па каков градоначалник ви се гледам јас, ќе одам со Фиќо? Видете да ви кажам, во 2006 г. во посета на Струга дојде Тадиќ претседател на Србија и Прванов, заедно со господинот Бранко Црвенковски, бевме во Калишта, во „Бисер“ и ја на минување од Струга према Калишта, стотина коли Ауди, Мерцедеси, едно, друго, јас со Опел Вектра. Па не вреди еден градоначалник (ако оди – н.з.) со скинати алишта и со слаба кола… Не сум пишман за тоа што сум го купил…Може требаше да земам уште поубаво возило…

[Извор: 24 Анализа – Интервју со Мерко (од 41 мин.) – датум: 29.03.2019]


Контраспин: Рамиз Мерко, градоначалник на Струга, уште пред повеќе од еден месец ја испровоцира јавноста со купување на службено возило за потребите на градоначалникот за 67 илјади евра, иако со истата набавка биле купени плус уште три возила од марката Шкода, при што две од моделот Октавија, а една од моделот Рапид, за многу помали суми – околу 20-тина илјади евра, како што вели самиот градначалник.

Гостувајќи на ТВ интервју на 24 Анализа, Мерко, всушност, покажа дека не се работи за незнаење и за некоја одлука што евентуално му ја подметнале службите, туку за свесно посегање по јавни пари за луксузно возило од висока класа, затоа што, едноставно, Мерко смета дека не заслужува да се вози во поефтино возило.

Притоа, обидувајќи се да најде оправдување, Мерко изрече серија извртени вистини и невистини, т.е. спинови, меѓу кои дека Аудито било побрзо од Шкодата, што де факто е точно, но за што веднаш треба да даде одговор со колку километри на час го возат, зашто максималната брзина во државава е 130 км/ч на автопат, па потоа, дека градоначалникот не вредел ако немал скапа облека и скапо возило, до тоа дека му било срам што пред Тадиќ, Прванов и Црвенковски пред 13 години, тој како градночалник се возел, замислете, во обична Опел Вектра, уште позајмена или купена од Општина Луково!?

Мерко очигледно има многу високо мислење за себе, но уште пострашно е што не гледа каде е проблемот, туку на крај вели дека требало да купи уште поубаво (читај поскапо) возило.

Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, не разбира дека купување службено возило од 70 наместо од 20 илјади евра, е непотребно трошење јавни пари, пари на сите граѓани на Струга и на државата кои вложуваат во општинската каса на Струга. Рамиз Мерко не разбира, всушност, дека со тие пари можел да купи најмалку две до три амбулантни возила за потребите на јавното здравство во Струга или барем едно супер опремено пожарникарско возило за потребите на пртивпожарната единициа во Струга.

Мерко, конечно, не разбира дека тој не купува, туку Аудито му го купуваат граѓаните, за што, секако, вина носат и советниците во Советот што му ја изгласале одлуката. Но, дел од вината носи и централната власт, бидејќи не најде или не сака да најде механизми да ги спречи ваквите луксузирања на една единица на локалната самоуправа, помогната и со пари од централната власт. И тоа само во декември лани со над два милиони евра бесповратен трансфер, а Струга во септември октомври 2018 г. должела над 4 милиони евра!!!

И најконечно – возилото на Мерко не е убаво, како што вели тој. Тоа е симболички грдо, најгрдо возило во моментов во државата, зашто е непотребен луксуз со јавни пари во Општина која има милионски долгови во евра и Општина во која има многу сиромашни граѓани, кои имаат други потреби од општинската власт, а не луксузирање со скапи возила за многу специфичните потреби на градоначалникот.

Затоа, сè што кажа Мерко во емисијата во врска со возилото, го оценуваме како чист спин.

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Извор: Вистиномер

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото