Еврото, дваесет години подоцна

05.04.2019 01:01
Еврото, дваесет години подоцна

Летото 2016 година, американскиот економист Џозеф Стиглиц ја објави книгата Евро. Како заедничката валута ја загрозува иднината на Европа, осуда на заедничката валута која се употребува во деветнаесет од дваесет и осум држави во Европската унија1. Значењето на оваа книга не лежи ни во анализата на структурните недостатови на еврото (примена на исти, монетаристички, политики во земји со различни економии), ниту во наведувањето на нивните последици (притисок во насока на намалување на платите, слаб раст, невработеност, мерки за штедење), туку во решенијата кои ги предлага.

Во недостаток на можности за длабоки реформи на институциите кои го уредуваат постоењето на еврото во насока на солидарност, авторот, некогашен главен економист на Светската банка, предложува или „меко“ напуштање од еврото, преку „пријателски развод“, или воспоставување „флексибилно евро“. Според второто сценарио, „различни држави (или групи држави) би можеле да имаат свое евро“, чија вредност би флуктуирала во рамки на заеднички утврден распон2. Реакцијата на која наиде ова дело во бројни држави од стариот континент потврдува дека по финансиската криза од 2008 година преиспитувањето на еврото веќе не е големо табу.

Сепак, Стиглиц заборава дека заедничката валута не е само прашање на избор на економска политика и, како таква, производ на рационални колективни одлуки. За следбениците, како и за противниците, таа претставува политички фетиш, симбол на ЕУ и основа за интеграција. Еврото е триумф на федерализмот над суверените држави. Да се сетиме на зборовите со кои некогашната британска премиерка Маргарет Тачер искажа противење на овој проект: „[Економската и монетарна унија] е тројански коњ на федерална Европа, на што ние апсолутно и во целост се противиме3.“

Во постоечките договои не постои ниеден пропис кој предвидува можност за унилатерално напуштање на еврозоната. Дали земјата која ќе се одлучи на таков чекор ќе мора да се повика на членот 50 од Мастрихтскиот договор за излегување од ЕУ или ќе треба да преговара за посебна процедура? Одговорот на претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер е недвосмислен: „Не може да излезете од еврозоната и да останете во Европската унија. Покрај тоа, за да се вратите во ЕУ, за тоа ќе треба да се согласат сите дваесет и осум национални парламенти и да се потпише договор за пристапување, со неопходна ратификација. Тоа е сценарио од соништата4.“

За волја на вистината, воведувањењто на еврото не се одвиваше секогаш подмачкано. Одредени економисти ги критикуваа подготвителните критериуми за економска конвергенција, изработени во 1992 кога се усвојуваше Мастрихтскиот договор, сметајќи дека тие доведоа до политика на нефлексибилност во текот на деведесеттите.

Некои од државите одолговлекуваа - Данска на референдумот од 2 јуни 1992 година го отфрли договорот. Други одбија да ѝ се приклучат на еврозоната заради политичките одлуки од врвот (Велика Британија, заради притисокот на конзервативците) или плебисцит (Шведска, на референдумот од 14 септември 2003 година). Меѓутоа, откако беше воведена во 1999 година, заедничката валута доби „заедничко достигнување“.

Некој спомена „сценарио од соништата“? Кризата на јавниот долг која од 2010 година па наваму погоди повеќе земји (Шпанија, Грција, Ирска, Италија), предизвика ненадејна „криза на еврозоната“ која преку ноќ стана централна тема на политичките дискусии. Излегувањето на некои од државите членки, дури и колапсот на целата еврозона, се чинат како можно сценарио во државите чии долгови излегоа од контрола и кои ја изгубија можноста да се финансираат по одржливи каматни стапки на финансиските пазари. Во тој контекст, политичките и интелектуалните критики на заедничката валута дотогаш добија невидени размери, особено во државите основачки на ЕУ.

Ширењето ерес дојде дури и до чуварите на храмот. Имено, кризата на еврозоната во Германија предизвика тотална психоза. Експертите, високите функционери и водечките политичари се зафатија со борба против секоја девијација од принципите на кои се заснова монетарниот систем на нивните држави. Тие не сакаат да дојде до создавање „унија на трансфери“ на трошок на Германија. Економистот Ханс Вернер Син ги опиша мерките на Европската централна банка (ЕЦБ) за одбрана на еврото како „огромна позајмица на Сојузната Република [Германија] за државите што имаат проблем5“. И покрај тоа, доколку сиромашните држави не можат да ги почитуваат своите обврски, никој не ги задржува во ЕУ!

Идејата дека „Германија не мора да плаќа за другите“ стана главен повод за создавање нова политичка партија, Алтернатива за Германија (Alternative fur Eutschland - AfD), основана 2013 година. Оваа организација отворено ја поддржува поранешниот лидер на германските индустријалци Ханс Олаф Хенкел, заговорник на поделбата на еврозоната на послушни и непослушни.

Политичкиот напад на еврото врз основа на критиката на политиките за штедење се појави и во другите земји основачки на еврозоната. Во Франција, Националниот фронт (Front national - FM) на Марин Ле Пен оваа тема ја постави во прв план на кампањите за претседателските избори во 2012 и 2017 година. Неговиот наратив нуди кристализација на пријателството на одредени делови од сиромашните слоеви кон Брисел и европската бирократија и акцентот го става на потребата за посилна одбрана на наводно загрозените нации.

Во Италија, идејата за референдум за излегување од еврозоната беше главниот предлог на Движењето со 5 ѕвезди (Movimento 5 Stelle - M5S) на Џузепе Бепе Грило; за излегување од еврото се залага и Лигата на Матео Салвини, кој на гласањето за европскиот парламент во 2014 година излезе со маица со натпис „Basta euro“ („Доста е од еврото“) - слоган на својата кампања. Најпосле, во Холандија, подемот на Партијата за слобода на Герт Вилдерс секако влијаеше на одлуката на парламентот на оваа земја во февруари 2017 година да побара да се изработи извештај за можностите за напуштање на заедничката валута6.

Фактот дека десницата ја присвои идејата за отфрлање на заедничката валута делумно ја објаснува внимателноста со која левицата ѝ приоѓа на оваа тема. На пример, во Франција, делата на економистот Жак Никонов, Жак Сапиро или Фредерик Лордон7, како и интервенциите на француските или странските интелектуалци (како Емануел Тод или Волфганг Штрек) кои се занимаваат со напуштањето на еврото и прашањето за заедничката валута, поттикнаа жестоки дискусии надвор од прогресивистичките кругови. Меѓутоа, гледиштето кое го заговараат сите тие сѐ уште е малцинско, затрупано под предлогот да се поправат институциите од еврозоната (со споделување на јавниот долг, воведување парламенти на еврозоната, итн.).

Голем дел од левицата која ја критикува политиката на штедење на ЕУ останува непоколебливо лојален на слоганот „поинаква Европа“ - со тоа се подразбира Европа која е повеќе демократска, повеќе социјална и повеќе еколошка. Тоа се гледа и во постоењето на Движењето за демократија во Европа 2025 (Democracy in Europe Mouvement 2025 - DiEM25), иницијатива која ја покрена поранешниот министер за финансии на Грција, Јанис Варуфакис, а чија цел е демократизација на институциите на ЕУ. Во Франција слично гледиште заговараат економистот Томас Пикети и кандидатот на социјалистичката партија на претседателските избори во 2017 година, Беноа Амон, кои предлагаат „договор за демократизација на Европа“. За нив поентата е европскиот проект да се спаси од сопствените недостатоци. Националното ниво се смета застарено и неподобно за да се соочи со проблемите кои произлегуваат од неговите рамки. Исто така, тоа се толкува како резервоар на политичка заостанатост.

Други сметаат дека она што ја кочи левицата е стравот да биде протолкувана како националистичка и антиевропска. Тој сентимент е толку силен што ја ослабува нејзината борбеност, ја раскинува кохерентноста на нејзината анализа и, со самото тоа, ги потхранува илузиите дека е можно да ја трансформира ЕУ цврсто закотвена во либерализмот.

Во меѓувреме левицата беше шокирана од судбината на грчкиот народ, како и од одлуката на владата на Алексис Ципрас да ги исполни барањата на „тројката“ (која ја сочинуваат Европската комисија, ММФ и ЕЦБ), наместо да осмисли начин да истапи од еврозоната. Таа одлука предизвика бројни и долги дискусии во левиот сојуз. Така, додека шпанското движење Подемос, кое го предводи Пабло Иглесијас, му пружа поддршка на Ципрас, сметајќи дека неговиот избор беше единствено можен, Непокорена Франција (La France insoumise) ја критикува „капитулацијата“. „Ако изборот е помеѓу еврото и националниот суверенитет“, изјави нејзиниот лидер, Жан Лик Меланшон, „го избирам националниот суверенитет8.“

Во суштина, од исходот на овие дискусии зависи како ќе изгледа маневарскиот простор на идните леви влади, како и прекинот со европската рамка на кој таа мора да биде подготвена за да може да ја спроведува својата политика. Ова прашање има и тактичка димензија. Значителен дел од гласачкото тело е отворен за левата критичка мисла - најпрвин високообразованата средна класа - и очигледно е мошне поврзан со европската идеја. Според истражувањата на јавното мислење, еврото денес е попопуларно од Европската унија, иако потенцијалното изглегување на нејзините членки предизвикува страв9. Затоа движењата чија стратегија подразбира доаѓање на власт одбиваат отворено да застанат зад позициите за кои сметаат дека би ги ослабнале. Оттука и потребата да не се бара автоматско излегување од еврозоната, туку порадо се предлагаат исправки на недостатоците, да се зборува за „потенцијално поинаква улога на Европската централна банка“, „напуштање на договорот“, „крај на штедењето“. Стратегијата на планот А и планот Б која ја изработи Непокорена Франција дозволува истовремена можност за трансформација на Унијата (нови преговори) и доведување во прашање на целата нејзина рамка доколку таа почне да го гуши спроведувањето на програмата за реформи (непослушност).

Брегзитот отпочна нова етапа од нов процес. Одеднаш, евроинтеграциите престанаа да бидат неповратен процес. Сепак - парадоксално - иако европските лидери се плашеа дека заразата ќе се прошири, овој настан не им даде ветер во грбот на сецесионистичките иницијативи - веројатно заради медиумската драма околу Брегзитот, но и затоа што стана очигледно колку е комплексен процесот за излегување во техничка и политичка смисла и колку неизвесности подразбира. Истовремено, „кризата на еврозоната“ доживеа затишје и падна во сенка на други прашања, на прво место, прашањата за миграциите.

Затоа партиите од екстремната десница ја ревидираа сопствената линија и ја потиснаа критиката на еврото во втор план фокусирајќи го дискурсот на заканата од миграциите и исламизмот. Тоа е случај со АфД од 2015 година, кога на чело на партијата доаѓа Фрауке Петри. Претседателката на Националниот сојуз (Rassemblement national, новото име на францускиот ФН) исто така спроведе слична трансформација: „Заклучивме дека приоритет ни се границите, имиграциите и договорите за слободна трговија кои ни се наметнати“, изјави Марин Ле Пен.

Оваа трансформација предизвика промена на односите на силите. „Бевме донекаде изолирани. Изборот беше едноставен: или да ѝ се покориме на Европската унија или да излеземе од неа. Меѓутоа, ситуацијата се смени.“ Сега, смета таа, „ние му помагаме на бунтот на европските народи“ кој може да доведе до промена на мнозинството во Европскиот парламент, што би отворило пат кон „длабока промена на целата Европска унија“10.

Во Италија, Лигата и М5С, кои од јуни 2018 година ја сочинуваат владејачката коалиција, го зборуваат истото: според нивните проценки, правилата на игра ќе се менуваат на европските избори во 2019 година. Сепак, уште сега, со зголемување на шансите за нивна победа во анкетите, нивниот антиевропски жар спласнува. Исто така, треба да се нагласи дека владејачката класа умее да покаже заби. Минатиот мај, претседателот на Италија, Серџо Матарела, го одби предлогот за состав на нова влада со Лигата и М5С. За него беше неприфатливо поставувањето екстремен десничар на местото министер за внатрешни работи, туку номинација на познатиот евроскептик на местото министер за економија. Своето вето го правдаше со следните зборови: „Неизвесноста за нашето останување во еврозоната ги загрижи домашните и странските инвеститори, што ја загрози подготвеноста на домаќинствата и фирмите да штедат“. Најпосле, двете партии се согласија за друг министер за економија и престанаа да инсинуираат дека ќе се доведе во прашање останувањето на Италија во еврозоната. Сето тоа го наведе уредникот на Фајненшнел тајмс, Волфганг Муншау да се подбива со тромавоста на ФН или М5С во агитирањето околу излегувањето од еврозоната, обивнувајќи ги дека таа одлука ќе ја одложуваат колку што е можно повеќе. „Ако сте навистина сериозни [околу тоа прашање], ќе сфатите дека се работи за многу важно нешто - клучното прашање од кое ќе зависи колку долго ќе останете на власт11.“

Оваа изјава го рефлектира драматичниот тон на бројните коментатори кои сакаат да оспорат каква било идеја за напуштање на заедничката валута, особено во државите како Италија, Шпанија или Франција. „Излегувањето би ги уништило и штедачите и заемодавачите“; „Да се напушти еврото значи неповратно да се осиромаши“; „Кејнс нема да нѐ спаси“; со вакви гледишта нѐ опсипуваат Патрик Артус, економист од Натиксис банката и Мари Пол Вирар, економска новинарка12.

За време на предизборната кампања за француските претседателски избори во 2017 година, Институтот Монтењ, труст на мозоци во служба на крупниот капитал, ја предупреди јавноста да се држи настрана од предлогот на Ле Пен за „повторно воведување на франкот“, предвидувајќи дека таквиот потег би довел до долгорочен пад на БДП од 4 проценти („најдобро сценарио“) и 13 проценти („најлошо сценарио“). Јасно, Французите и Французинките не би требало да посакуваат „губење половина милион работни места“13. Сепак, овој астрономски број се заснова на студии за влијанието на Брегзитот, иако Велика Британија има специфични економски карактеристики и не е членка на еврозоната14.

Последиците од излегувањето на некои земји од еврозоната - и со самото тоа од ЕУ - сѐ уште не се познати и добро истражени15. Аргументите се бројни, но длабинските студии за ефектите се вистинска реткост, односно, барем во Франција, не постојат16. И покрај тоа, пречките на патот од еврозоната се и тоа колку реални, а политичката храброст нема да биде доволна тие да се надминат.

Напуштањето на заедничката валута ги предизвикало бегство на капиталот

На правосудно ниво, непридржувањето до договорот не значи само одбивање да се покори на апстрактните надворешни ограничувања (Европската унија), ниту привремено кршење на одредени правила (на пример, правилата за одобрен буџетски дефицит од 3 проценти од БДП). На различни полиња, вклучувајќи и некои од најважните (како прашањето за конкуренцијата), европското право е веќе постаро од националното, а уставните судови, на кои се темелат конечните одлуки, се грижат за почитување на „европските обврски“.

Истовремено, потешкотиите поврзани со напуштањето на еврото не се исклучиво економски (долгорочните ефекти од враќањето на монетарната политика во рацете на една држава и можната девалвација на нејзината валута), како ни од техничка природа (процесот на воведување нова валута). Тие се однесуваат и на правните неизвесности поврзани со деноминацијата на долгот во новата валута. Да не ја споменуваме негативната реакција на пазарите, односно бегството на капиталот кој нужно ќе бара повторно воведување контрола над неговото движење.

Секоја влада одлучна да спроведе политика која произлегува од неолибералните рамки ќе мора да очекува ваков конфликт со финансиските пазари17. Излегувањето од еврозоната е само еден аспект на тој проблем. Неговите заговорници го толкуваат како неопходна, тешка и клучна етапа во повторното освојување на демократската контрола над економијата.

Антоан Шварц е политиколог истражувач на универзитетот Париз Нантер, со Франсоа Денор, автор на книгата L'Europe sociale n'aura pas lieu, Raisons d'agir, Париз, 2009.

____________________________________________________

(1) Џозеф Стиглиц, L'Euro. Comment la monnaie unique menace l'avenir de l'Europe, Les Liens qui liberent, Париз, 2016.
(2) Овој принцип е близок до условите кои владееја во периодот на европскиот монетарен систем, пред усвојувањето на заедничката валута.
(3) Наведено според. Стивен Вол, A Stranger in Europe: Britain and the EU from Thatcher to Blair, Oxford University Press, 2008.
(4) Жан-Жак Мевел, „Jean-Claude Juncker: 'La Grece doit respecter l'Europe'", Le Figaro, Париз, 28 јануари 2015.
(5) Handselblatt, бр. 218, Дизелдорф, 10 ноември 2011. Cf. Hans Verner Sin, Die Target Falle. Gefahren fur unser Geld und unsere Kinder, Carl Hanser Verlag, Минхен, 2012.
(6) Ројтерс, Лондон, 24 февруари 2017.
(7) По ред, авторите на делата Sortons de l'euro! Restituter la souverainete monetaire au peuple, Mille et une nuits, Париз, 2011; Faut-il sortir de l'euro?, Сеуил, Париз, 2012; и La Malfacon. Monnaie europeenne et souverainete democratique, Les Liens qui liberent, 2014. Cf. исто така Седрик Диран, En finir avec l'Europe, La Fabrique, Париз, 2013; Франк Дедју, Бенџамин Мас Стомберже, Беатрис Матју и Лора Рајм, Casser l'euro pour sauver l'Europe, Les Liens qui liberent, 2014.
(8) Ан Шарлот Дусо, „Melenchon au JDD: "'Europe allemande, ce n'est pas possible'", Le Journal du dimanche, Париз, 23 август 2015.
(9) Во истражувањето на „Евробарометар“ кое го објави Европската комисија на 20 ноември 2018 година, 74 проценти од испитаниците и испитаничките од земјите на еврозоната изјавиле дека постоењето на еврото е „добра работа“.
(10) Europe 1, 23 септември 2018.
(11) Волфганг Муншау, „Euro exit for Italy or France would be a trauma", Financial Times, Лондон, 9 април, 2017.
(12) Патрик Артус и Мари-Пол Вирар, Euro. Par ici la sorti? Fayard, Париз, 2017.
(13) „Sortir de l'euro et restaurer une monnaie nationale, le franc", Институт Монтењ, Париз, www.institutmontaigne.org.
(14) Во меѓувреме, најпесимистичките прогнози за економската судбина на Велика Британија не се реализираа.
(15) Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека ќе направи сѐ што е во нејзина моќ за да го спречи излегувањето на Грција од еврозоната, токму заради неизвесноста од последиците (Financial Times, 11 мај, 2014).
(16) Стиглиц на прашањето за унилатералното излегување на државите од еврозоната му посвети едно поглавје со помалку од 25 страници од книгата од вкупно над 500 (џебно издание).
(17) Да се прочита: Рено Ламбер и Силвијан Ледер, „Face aux marches, le scenario d'un bras de fer“, Le Monde diplomatique, октомври 2018.

Извор: Le Monde Diplomatique