Републиката во пламен - системот за кризи оди на ревизија!

05.04.2019 01:12
Републиката во пламен - системот за кризи оди на ревизија!

Големиот број пожари што ја зафатија Северна Македонија, покрај огромните штети на шумскиот фонд, на земјоделски посеви и страотните фотографии од мртви животни, на површина изнесоа и еден поразителен податок: недостиг на координација во справувањето со пламените јазици. Според упатени во состојбите, Центарот за Управување со кризи (ЦУК) и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) институции во кои има по околу 300 вработени, функционираат без соодветна координација. Проблем е и што локалните самоуправи во чиј атар се случуваат пожарите (и под чија надлежност се противпожарните единици), во многу случаи не го активираат штабот за цивилна заштита со цел веднаш да се реагира, туку прво „се јавуваат во Скопје“.

Поради ваквите и други состојби детектирани во изминатиот период, Владата ќе започне процес на реформи во системот за справување со кризи. На 124. владина седница одржана на 5 март, била разгледана „Информацијата за поставеноста и дејствувањето на целокупниот систем за кризи, имплементацијата на Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи и насоките за реформирање на овој систем“. Владата го задложила Министерството за одбрана во рок од осум дена да формира меѓуресорска работна група во која ќе учествуваат претставници од 9 ресори - одбрана, внатрешни и надворешни работи, транспорт, труд, животна средина, правда, земјоделство, здравство, како и од Генералшатабот на Армијата, ЦУК, ДЗС, ЗЕЛС и Националниот координатор за имплементација на „Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи“.

Националниот координатор во соработка со ЦУК и ДСЗ во рок од два месеца треба да направи ревидирање и усогласување на постоечката национална платформа и нејзино усогласување со приоритетите на Сендаи Рамката. Таа рамка (Sendai framework for reducing risks from disasters) е усвоена од ООН во 2015 година за периодот 2015-2030 година. Фокусот е ставен на четири приоритети: разбирање на ризиците од катастрофи; зајакнување на управувањето на ризиците од катастрофи; инвестирањето во намалување на ризикот од катастрофи; подготвеност за ефикасен одговор во процесот на закрепнување, рехабилитација и реконструкција.

 Пријавете на 195

Додека надлежните го скицираат на хартија идното дејствување и координација, на терен состојбите се загрижувачки. И натаму доминира неодговорното палење стрништа и на локални депонии, подметнување пожари, но и недостиг на основни податоци. Колку луѓе да прашате, толку различни одговори ќе добиете на прашањето - на кој број треба да пријават пожар или неодговорно палење огнови. Владата вчера ги потсети граѓаните дека за ваквите случаи треба ги известат надлежните служби во најблиските институции или да се јават на 195 - телефонски број за итни повици на ЦУК, но и да пријават лица кои потпалуваат стрништа и оган во најблиските полициски станици или на телефонскиот број 192. До вчера МВР поднело 8 кривични пријави за сторено кривично дело „предизвикување на општа опасност“, а работи и на откривање на останатите сторители кои предизвикале пожари на отворено.

Во дел од случаите се работи за пожари предизвикани од палење на стрништа, но дел се и намерно подметнати“, велат од МВР.

Од 29 март е воведена забрана за движење во шума и шумско земјиште, која ќе трае сѐ до нејзиното отповикување. За нејзино непочитување на физички лица кои се затекнати да се движат во шума и шумско земјиште, согласно со членот 106 Законот за шумите ќе им се изрече глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност. Забраната не важи за вработените во национални паркови и шуми.

Возилата на противпожарните единици во многу градови имаат просечна старост поголема од 30 години (фото: Охрид)

Противпожарни возила и од 1996 година!

Според податоците од шумските стопанства, голем дел од пожарите се подметнати на терени кои се тешко достапни за протипожарни возила, кои и онака ги има во недоволен број, а се и во лоша состојба. Неодамна објавената база на податоци од Центарот за граѓански комуникации, покажа дека 30 територијални противпожарни единици во земјата имаат само 220 возила за противпожарна заштита, а во таа бројка не се само цистерните и возилата за гасење пожар, туку и сите други возила на противпожарните екипи. Просечната старост на овие возила е 27 години. Дури 154 од 220-те возила (70%) се произведени во минатиот век. Најстари се две возила од 1966 година кои ги поседуваат Струмица (од марката ФАП 13) и Валандово (од марката ТАМ 5500).

За споредба, министерствата и општините имаат на располагање 2.645 патнички возила, што значи дека на секое 12-то патничко возило доаѓа по едно противпожарно. За разлика од патничките возила кои главно се купуваат од буџетски пари, значаен дел од специјалните противпожарни возила се добиени како донации. Кај патничките возила ситуацијата е обратна: 29% се од минатиот век, а 71% се купени во новиот милениум. Наспроти просечната старост од 27 години кај противпожарните возила, патничките во просек се стари 12,5 години.

Најстари се противпожарните возила во Кратово - со просечна старост од 39 години, а најмладиот возен парк го има Велес - со просечна старост од 18 години. Просечната старост поголема од 30 години имаат и возилата на противпожарните единици во Битола, Гевгелија, Крива Паланка, Крушево, Охрид, Свети Николе, Струга и Струмица. Согласно со бројот на жители, најмногу возила има противпожарната единица на Град Скопје со 47 возила, просечно стари 26 години. Следува Битола (која ги покрива и Новаци и Могила) со 13 возила со просечна старост од 30 години. Во групата со повеќе од 10 возила спаѓа и Струмица (која ги покрива и општините Босилово, Василево и Ново Село), со 12 возила просечно стари 30 години. Најмалку, односно по 3 возила имаат територијалните единици во Демир Хисар (просечно стари 28 години), Кавадарци (просечно стари 25 години), Кратово (просечно стари 39 години), Крушево (просечно стари 38 години) и Македонски Брод (просечно стари 21 година).

Фотографии: Мета

Извор: DW

ОкоБоли главаВицФото