При посетата на Ципрас нема законски прекршувања за химната

05.04.2019 23:38
При посетата на Ципрас нема законски прекршувања за химната

Кандидатот за претседател на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, професорката Гордана Силјановска Давкова, на 02.04.2019 година, го обвини премиерот Зоран Заев, дека при посетата и официјалниот пречек на неговиот грчки колега Алексис Ципрас во Скопје, го прекршил Законот за употреба на грбот, знамето и химната.

Целата македонска приказна е во химната, во борбата за правдините. Денеска премиерот го прекрши Законот за грбот, знамето и химната. Закон што се носи со дво-третинско мнозинство. Закон во кој се вели во било каква официјална средба мора да се емитуваат химните на двете држави – рече Силјановска Давкова.

[Извор: Република, датум: 02.04.2019]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ваквиот став на Силјановска, дека премиерот Заев го прекршил Законот за употреба на знамето, грбот и химната, е неточен. Иако, неинтонирањето на химните на двете држави при посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас, претставува пропуст, сепак, со ваквата постапка формално не е прекршен Законот за употреба на грбот, знамето и химната.

Законот за употреба на грбот, знамето и химната, во членот 25 пропишува дека:

IV. ИЗВЕДУВАЊЕ НА ХИМНАТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Член 25

Химната на Република Македонија се изведува:

1) при испраќање на претседателот на Републиката од Република Македонија во официјални посети на странски држави и при неговото враќање во Република Македонија;

2) при официјално доаѓање во Република Македонија, односно при испраќање од Република Македонија на претседател на држава, суверен или овластен претставник на меѓународна организација;

3) при полагање венци на воени гробишта, гробови на паднати борци и на други слични места од страна на официјалните претставници на Република Македонија и

4) во други случаи предвидени со закон.

Во Законот е јасно наведено дека химната се изведува „при официјално доаѓање во Република Македонија, односно при испраќање од Република Македонија на претседател на држава, суверен или овластен претставник на меѓународна организација“. Никаде не се спомнува и не е прецизирано дека химната задолжително се изведува при посета на премиер на некоја држава.

Ваквиот став го потврдува и поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски, кој во изјава за Слободен печат посочува дека неинтонирањето на химната при официјалниот пречек на Ципрас пред Владата, е свесен пропуст од вообичаениот начин на пречек на високи странски гости.

Химната може да се интонира, но тоа не е задолжително, тоа зависи од одлуката на протоколот на домаќинот. Можеби во оваа констелација на односи и сè уште не докрај имплементиран Договор од Преспа се проценило дека посетата може да помине и без овие протоколарности. Не гледам дека е направено некакво кривично дело како што тврди опозицијата – вели Ивановски.

Од Владата официјално објаснија дека химната не се интонирала, бидејќи немало време за тоа.

Поради доцнењето на слетувањето на авионот беа изоставени сите свечени активности при дочекот вклучувајќи ја гардата, цвеќиња поставување и интонирање на химната со цел да се добие на време. Посетата беше работна и во текот на тој еден ден имаше премногу активности – рече портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

ИЗВОРИ:
Република (02.04.2019) – Силјановска: Заев го прекрши Законот за грбот, знамето и химната [Пристапено: 05.04.2018]
Слободен печат (03.04.2019) – Неинтонирањето на химната е пропуст, но не и кривично дело [Пристапено: 05.04.2018]
Акт.мк – Закон за употребата на грбот, знамето и химната на Република Македонија [Пристапено: 05.04.2018]
Фокус (03.04.2019) – Бошњаковски: Грција нема ништо против нашата химна, ниту цвеќиња не беа поставени за дочекот на Ципрас [Пристапено: 05.04.2018]

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Извор: Вистиномер