Триумфот на капитализмот и политичката криза

06.04.2019 01:13
Триумфот на капитализмот и политичката криза

Нема сомнение дека западниот свет поминува низ сериозна политичка криза која најдобро може да се опише како криза на довербата во политичките институции и во државата.

Сепак, две работи често се превидуваат. Прво, кризата на довербата во институциите не е ограничена само на западните земји, таа е глобална. Кризата на западот привлекува повеќе внимание затоа што западните медиуми се доминантни и затоа што некогаш се верувало дека економски развиените либерални општества не би смееле да страдаат од проширување на јазот помеѓу оние кои управуваат и оние со кои се управува.

Второ, кризата има подлабоки корени отколку што мислиме: нејзините почетоци треба да се бараат многу пред финансискиот слом во 2008 година и престројувањата предизвикани од глобализацијата. Всушност, кризата произлегла од многу импресивниот и донекаде неочекуваниот успех на проектот на воведување на капиталистичките односи во сите домени на животот, вклучувајќи го и приватниот живот и уште поважно – политиката.

Неолибералнте револуции од почетокот на 80-тите години, кои ги врзуваме за имињата на тогашните американскиот претседател Роналд Реган и британската премиерка Маргарет Тачер, а не треба да се заборави ниту важниот кинески лидер Денг Сјаопинг, следеа по превратот во економската мисла, кој меѓу другото, ја донесе теоријата на јавен избор и либертаријанизам, а благодарение на кои, политичкиот простор ќе почне сè поексплицитно да се третира како продолжение на секојдневните економски активности.

Така, политичарите станаа само уште една група претприемачи кои, наместо банкарство или развој на софтвер, избрале своите вештини и преференци во прифаќање на ризик да ги испробаат на теренот на политиката. Прифатен е ставот дека насоченоста кон остварувањето на целите и рационалното постапување во личен интерес не треба да се ограничува само на сферата на економијата зашто нивното важење е прилично пошироко и ја опфаќа и политиката.

Таквиот поглед на свет стекна огромна популарност. Не само што политичарите сè почесто се однесуваат онака како што најмногу им одговара на нивните лични интереси (што веројатно го правеле и претходно), туку таквото однесување сега и се очекува од нив. Можеби не наоѓа на одобрување, но стана очекувано дотолку повеќе што веќе никој не гледа нешто необично во тоа што поличарите, првенствено и пред сè мислат на своите сопствени финансиски интереси.

Блискоста и врските со центрите на моќ кои ги развиваат додека ја извршуваат политичката функција можат да се капитализираат со пронаоѓање на вносни работни места во приватниот сектор (Жозе Мануел Баросо, Тони Блер, Јим Ким од Светска банка). Можат да им држат говори на корпоративните могули за повеќемилионски хонорари (Барак Обама, Бил Клинтон, Хилари Клинтон). Или да седат во бројни управни одбори.

Некои од нив, оние што доаѓаат од приватниот сектор (Силвио Берлускони, Таксин Шианватра), своите политички партии отворено ги рекламираат како клиентелистички клубови. Имате проблем што треба да се реши? Влезете во напата партија. Се сеќавам дека во Милано видов една таква рекалма за Берлускони и Форца Италија, движење чијшто недостиг на идеологија, надвор од задоволувањето на личните економски интереси, се гледа и во баналноста на името украдено од италијанските фудбалски навивачи.

Долг е списокот на политичарите (и нивните следбеници) кои стекнувањето на богатство го прифатиле како природна функција на homo economicus во државна служба. За некои од најпознатите, слушнавме кога паднаа од власт, ако во своите сомнителни дејства отишле премногу далеку и не успеале доволно добро да ги прикријат. За нив знаеме од финансиските скандали и затворските казни. На пример, двајца од последните тројца претседатели на Бразил се наоѓаат во затвор поради корупција. Сите петмина последни перуански претседатели се осудувани на затворски казни за корупција, или се под истрага, или во бегство. Ќерката на починатиот узбекистански претседател е затворена заради проневера на повеќе милијарди долари. Истрага ѝ се заканува и на ќерката на поранешниот претседател на Ангола, а ако некогаш се врати во земјата истото ја чека и претседателката на државната нафтена компанија и најбогата жена во Африка.

Во Европа, поранешниот француски претседател Никола Саркози беше под истрага заради вмешаност во повеќе финансиски скандали, од кои најсериозен беше оној поврзан со тајни донации за изборната кампања во 2007 година од починатиот дикататор од Либија, Моамер Гадафи. Поранешниот германски канцелат Хелмут Кол, во 2000 година, морал да се откаже од титулата почесен претседател на ЦДУ откако се откриле повеќе тајни партиски сметки со кои тој управувал.

Освен што одбива да ги покаже даночните пријави, американскиот претседател Доналд Трамп заборави своите деловни интереси да ги пренесе на трети лица, што би морал да го направи за да се заштити од надворешни влијанија додека ја извршува претседателската функција. Неговиот руски колега, Владимир Путин ја искористи политичката моќ за да стекне богатство кое повеќекратно ги надминува неговите редовни приходи.

На исток и на запад, север и југ, политичарите ја потврдуваат неприкосновената доминација на неолибералната доктрина на „екномскиот империјализам“, идејата дека зад сите човечки активности стои желбата за материјален успех, дека успехот во правењето пари е показател на вредноста на човекот и дека политиката е бизнис како и секој друг.

Проблемот со таквиот пристап, кога ќе се примени врз политичката сфера, е што кај најшироката популација го поттикнува цинизмот. Официјалниот јазик на политиката секогаш е фокусиран на заедничките интереси и јавното добро, иако стварноста и идеолошките оправдувања на таа стварност даваат сосема поинаква слика.

Тоа непоклопување сè полесно се воочува. Така, секој државен функционер станува лицемер кој нè убедува дека е тука затоа што на срцето му лежи јавното добро, иако е очигледно дека е во политиката за да ги наполни сопствените џебови, ако не веднаш тогаш наскоро, или ако веќе е богат, за да спречи донесување на политички одлуки кои би можеле да го загрозат неговото „царство“.

Дали тогаш е чудно што веќе никој не им верува на политичарите? Дали е необично што секоја нивна постапка ја толкуваме низ призмата на личните интереси или лобистички дикатат? Уште повеќе, пазарната револуција од 80-тите години и доминатната економска парадигма ни говорат дека така треба и да биде. И дека така е најдобро за сите.

Недовербата кон владејачките елити е последица на успешната проекција на капиталистичкиот модус на однесување на сите сфери на човековите активности, вклучувајќи ја и политиката. Незгодата е во тоа што ако го прифатиме тоа, нема да може да очекуваме од гласачите да поверуваат дека политиката се раководи од идеалот на јавниот интерес.

Тоа е проблем што не е лесно да се реши. За да се врати довербата, политиката би морала да се повлече од оние подрачја во кои владеат вообичаените капиталистички правила. А за да се случи тоа, политичарите би морале да се откажат од збир на вредности што ги имплицира капиталистичкиот систем, а во чие средиште е максимализацијата на финансискиот интерес.

Како и каде да најдеме такви политичари? Да се угледаме на Тибет и новите лидери да ги побараме во зафрлените села уште незагадени од хиперкомерцијализацијата? А бидејќи изгледите за такво нешто се мали, мислам дека треба да се навикнеме на идејата дека недовербата ќе потрае и провалијата која ја разделува политичката елита и најголемиот дел од популацијата – нема скоро да исчезне.

Заради тоа политичкиот живот уште долго време ќе биде комплициран. А за општата малаксаност на политичкиот систем и неволјите што доправа нè очекуваат може да го обвиниме триумфот на капитализмот.

Слики: Nate Kitch

Извор: Social Europe

 

ОкоБоли главаВицФото