Кон дигитална симулација на општеството

08.04.2019 01:11
Кон дигитална симулација на општеството

Идејата за математичко предвидување на општествените процеси е стара утописка амбиција на општествените науки. Потецијалната награда е овладување и управување со комплексните општества. Растечките потенцијали на современата информациска технологија резултирале во покренување на сериозни истражувачки проекти во тој правец.

Управување со иднината преку науката и технологијата, токму кон тоа тежнее истражувачкиот мегапроект FuturICT („информација, комуникација, технологија“). „Голем број на актуелни проблеми - финансиски кризи, социјална и економска нестабилност, војни, епидемии – се поврзани со човечкото однесување“, заклучуваат истражувачите кои го водат. „Но, постои сериозен недостаток на разбирање на начинот на кој функционираат општеството и економијата.“1 

FuturICT влезе во потесниот круг за избор во рамки на најголемата програма за истражувачка поддршка која Европската Унија некогаш ја покренала. Ако на крајот и не добијат финансиска поддршка во износ од една милијарда евра, односно ако Унијата се одлучи за финансирање на Проектот за човечкиот мозок (Human Brain Project) кој има за цел симулација на мозокот, или за проектот кој ги истражува можностите за користење на графенот во електрониката, комуникациската технологија итн., прашањата кои ги поставува FuturICT и тоа како остануваат на дневен ред.

Всушност се работи за искористување на можностите кои ги пружа компјутерската обработка за на едно место да се собере сето знаење за инженерството, природните и хуманистичките науки со цел општествено управување. Лавината на податоци настанати, меѓу другото, и со развојот на интернетот, порастот на бројот на сензори и размена на таканаречените општествени електронски мрежи, овозможува обработка на маса податоци (big data) за која веќе замислуваме примени кои се сè само не безначајни. Во Соединетите Држави агенцијата Intelligence Advanced Research Projects Activity (IARPA), задолжена за водење на истражувања поврзани со обработка на податоци, од 2011 година го финансира проектот што заеднички го водат претпријатија и универзитетски професори, а кој настојува автоматски да ги забележува интернет податоците од латиноамериканските земји со цел да се „развијат (математички) методи за предвидување и спречување на можни побуни“.

Идејата за користење научни методи за управување со општеството не е нова.2  Но, било потребно да се дочека изумување на статистиката за да стане оперативна. Со цел подобро собирање на даноци и регрутација на војници, европските држави од 19 век го попишуваат своето богатство и население. Тоа бара воспоставување правна и материјална инфраструктура, воопштување различни инструменти како мапи или катастар, хомогенизација на мерните единици и јазикот или пак стабилизација на презимињата. За на централните управи да им се овозможи користење на тие информации, повикан е големиот математичар Пјер-Симон де Лаплас кој ги измислил математичките средства, како пресметувањето на веројатноста, за процена на бројот на населението врз основа на непотполни податоци.

Сепак, вистинскиот основач на „науката“ за општеството бил непозната личност, белгискиот астроном Адолф Кетеле. Стапувајќи во контакт со Лаплас на Опсерваторијата во Париз, дознал за националните пописи и бил фасциниран со релативната константност на бројот на самоубиства и злочини. Од тоа заклучил дека поединечните непредвидливости можат да се надоместат кога ќе се опфати доволно голем број на поединци, односно дека она што се врзува за човечкиот вид како целина произлегува од физички факти. Потоа сакал да создаде „општествена механика“, еднакво строга како што била Лапласовата „небеска механика“, способна за управување со човечките маси. Таа анализа на правилноста и предвидливоста на општествените групи послужила како почетна точка за философот и социолог Емил Диркем (1858-1917), односно за науката за модерното општество, социологијата.

Уште во текот на француските повоени „славни триесет години“3 централизираните држави ќе управуваат со населението замислено како низа хомогени општествени групи кои центрите на моќ ги сфаќале како административни, однапред дефинирани категории (возраст, пол, социо-професионална категорија...). Неолибералната држава од 1980-тите ја напушта идејата за општеството поделено на така дефинирани категории. Наместо тоа, го замислува, пред сè, како јукстапозиција на изолирани поединци, „општествени атоми“ во конкурентска борба на слободниот пазар, со кои би требало да управува со помош на стимулации и ранг-листи.

Комбинирајќи ја со, драгиот на либерализмот, концепт на „општествени атоми“, FuturICT ја оживува старата идеја на Кетеле за постоењето на општествените закони. Една од неговите цели е „разоткривање на скриените закони кои лежат во темелот на нашето комплексно општество“. Благодарејќи на тие закони ќе можеме да произведеме виртуелни општества во кои ќе испробуваме различни сценарија; тоа ќе овозможи одбирање на „најдобрите“ и со тоа ќе ги „спречи кризите кои редовно го потресуваат светот“. Веќе денес е возможна употребата на симулатори на градскиот промет кои, со мерење на просечниот проток на возила, би го усовршиле циклусот на семафори. Но, Дирк Хелбинг, еден од двајцата носители на проектот FuturICT, истражува поинаков пристап кон истиот проблем – благодарејќи на податоците за прометот на ниво на поединечни возила, во соработка со својот тим создал модел на однесување на возачите, водејќи сметка за параметрите како индивидуалното време на реакција. Доведувајќи во интеракција голем број „роботски возила“ во опкружувања кои вклучувале семафори координирани на различни начини, можел да го проучи времето на возење и да покаже дека со оспособување на семафорите за мерење на протоколот на возила во реално време и размена на податоци со соседни семафори со цел координација, можел да предвиди пристигнување на одредени групи возила. Тоа „микросицијално“ инженерство може да биде од корист и во други подрачја – така интердисциплинарниот тим составен од информатичари, лекари и физичари воспоставил детален модел кој овозможува предвидување на епидемија на грип.

Проектот FuturICT предлага генерализација на тој тип пристап за сите општествени проблеми. Иако ја препознава невозможноста на создавањето модел кој би го симулирал севкупното население во земјите, пред сè поради недостапноста на приватните информации за секој од нас, FuturICT сепак размислува за „планетарен симулатор“ кој би бил снабдуван од „планетарен нервен состав“, светска мрежа на сензори кои секоја секунда би бележеле и собирале милијарди поединечни податоци и информации од околината. Идеално, тој симулатор би бил способен да го имитира функционирањето на општествата, што веќе се прави за комплексни состави во физиката, и така да ги тестира последиците од различните политики. И, како што хемичарите денес можат да речат: „Што велиш да помешам малку циркон и бакар за производството на гориво подобро да се катализира?“ и да ја тестираат идејата in silico (на компјутер), истражувачите на општествените процеси би можеле да речат: „А што велиш да ја зголемам мобилноста на луѓето, дали тоа ќе води кон посолидарно општество?“

Но, проблемот со тие сценарија е што тие атомски модели, во кои секое човечко суштество ќе биде претставено како економски агент кој следи некоe едноставно правило, често не успеваат адекватно да ја претстават реалноста. За да се увериме во тоа, доволно е да се задлабочиме во стотина теориски текстови посветени на симулација на „трагедијата на заедничките добра“, оние ситуации во кои личниот интерес го поттикнува секој претерано да експлоатира некое заедничко добро на штета на заедницата, одкои сите до еден потврдуваат потешкотии при избегнување на таа експлоатација. Но, како што покажува емпириското истражување кое на Елинор Остром4  ѝ ја донесе Наградата на шведската банка во сеќавање на Алфред Нобел, заедничките норми, семејните врски и дискусиите очи в очи играат клучна улога во воспоставувањето на реалните соработки, со резултат избегнување на наводно неизбежните „трагедии“. Тие елементи, меѓутоа, лежат вон досегот на симулација...

Аналогијата со симулациите кои се спроведуваат во физиката е погрешна на повеќе начини. Вториве се покажале релевантни бидејќи научниците не работат со природни туку со вештачки материјали, прочистени и контролирани во лабораториски услови. Освен тоа, примената на виртуелни симулации и тука сè уште претставува реткост бидејќи оптимални материјали е тешко да се произведат или се прескапи. Оттаму, резултатите од „планетарниот симулатор“ нема да можат да се применат, освен на општества кои се доволно изолирани да ја гарантираат основаноста на „општествените закони“, слично како што „економските закони“ не вредат надвор од светот кој, благодарејќи на монетизацијата на вредноста, го создале економистите. Да се верува во тие закони значи да се заборави дека финансиските пазари се изградени според теориски модел кој тргнува од претпоставки за нивната оптималност, а со тоа стои во функција на нивната идеолошка легитимација (била таа експлицитна или не). На општествен план, тоа би значело да се одбие во промислувањето да се вклучат политичките димензиии на оправданоста на општествените норми. Во тоа светло, индикативно е што еден од поимите кои редовно се појавуваат во презентацијата на проектот е „отпорност“, што има за цел да ја неутрализира самата можност за конфликти.

Па сепак, FuturICT е во право по една важна ставка – за академската заедница е важно да ја искористи дигитализацијата на општествата, подрачје чие управување го презеле приватни претпријатија, особено Google и Facebook. Се чини дека начинот на нејзина употреба отвора само два можни правци – зајакнување на комјутерската моќ на центарот кој се преправа дека управува со општествотоили развивање на средства кои би овозможиле усогласување на распрснатата интелигенција. FuturICT, всушност, усвојувајќи стратегија на анализа на големи количини податоци, одбрал концептуализација според која поединците кои се имитираат се само молекули на еден организам чииј мозок се наоѓа негде друге. Односно, зад Big Data се крие Big Brother.

Но, ако и на поединците, а не само на централизациските установи, се додаде интелигенција, би можел да настане еден друг дигитален свет. Веќе во 1975 еден аматер замислил компјутерска програма која, автоматски интегрирајќи купени намирници и предлагајќи рецепти, на луѓето би помагала во водење мали бази податоци за личната прехрана. Тогаш тоа било научна фантастика, но се ближи денот кога компјутерските програми ќе му овозможат секому да ги забележи своите податоци, да ги организира и да ги разменува со претпријатијата или властите, сето време задржувајќи контрола над нив. Но, таа визија е многу далеку од целите истакнати на мрежните станици низ Европската Унија: „Создавање и покренување опсерватории за набљудување на кризи и состави на поддршка при процесот на донесување одлуки за управителите на продажба и носителите на политики.“ Навистина многу чудна дефиниција на демократија...

Пабло Џенсен е истражувач во Националниот центар за научни истражувања (CNRS) во Лион. По докторатот по физика 15 години се занимава со моделирање на растот на наноструктури. По истакнатите успеси на тоа истражувачко поле, се одлучува да се посвети на проблематиката на моделирање на општествените состави. Текстот изворно е објавен во хрватското издание на Le Monde Diplomatique во 2013.


_____________________________________

(1) www.futurict.eu; Освен ако не е поинаку наведено, сите цитати се преземени од оваа страница
(2) ВидиФилип Ривиер, “Allende, l’informatique et la révolution”, Le Monde diplomatique, 2010.
(3) Се однесува на периодот 1945-1975 за време на кој Франција доживеала значаен демографски и економски развој
(4) Елинор Остром, La gouvernance des biens communs, De Boeck, Bruxelles, 2010. Види и Hervé Le Crosnier, “Elinor Ostrom ou la réinvention des biens communs”, Les Puces savantes, 15. јуни 2012.,http://blog.mondediplo.net

Извор: http://lemondediplomatique.hr/

Илустрации: Nicola Bealing

ОкоБоли главаВицФото