Социјализам под палми

08.04.2019 00:20
Социјализам под палми

Ел Капитоло во Хавана е изграден 1929 година по примерот на Капитол во Вашингтон

Во Хавана одекнуваат саксофонските рифови на „Careless Whisper“ во изведба на кафански свирач, партискиот весник Гранма - наречен според јахтата од која во 1956 година излегле браќата Кастро, Ернесто Че Гевара и осумдесетина герилци, започнувајќи бунт против диктаторот Фулхенсио Батиста - објавува дека Кубанската пошта за 23 дена поделила 1 922 000 примероци од новиот устав, по патиштата зуи, грми и тропоти мешавина од советски Москвичи, стари и нови Лади, пеглички и пезетки, современи кинески автомобили и електрични скутери, чести коњски запреги и ретки Аудија и престижни американски класици од четириесеттите и педесеттите: Шевролети, Плимути, Бјуици, Доџови и Фордови. Космополитизам на автомобили и коегзистирање со децении.

Домашните и странците пијат даихири, мохито, канчанчара и други коктели, на странците на улиците и клубовите им се нудат млади Кубанки, домашните ги исмејуваат грингосите кои килаво играат салса. Во баровите од четвртта Ведадо трансвеститите полни со украси на плејбек пејат Аба. Измамниците шверцуваат рум и цигари, на плажите, меѓу западните туристи, се капат девојки од Ријека, Белграѓанки и тетовирани момци од Какањ и Горажде. На улиците има табли со имињата на латиноамериканските левичари и револуционери, како Августо Сандино, Салвадор Аљенде или неизбежниот Хозе Марти.

Во уличните теретани се тренира бокс, покрај безболот како најпопуларен спорт, во редови се чека за бонови за интернер и уште низа производи, ЛЕД екраните на градските автобуси апелираат населението на скорешниот референдум да го поддржи новиот устав, емитувајќи го натписот Yo Voto Si - „Гласам за“. Најпосле, тука се и боите, зашто кубанските градови, за разлика од европската монотонија, се впечатливо шарени: колонијалните улици се виолетови, жолти, сини, зелени или црвени како пионерските марами на училишните униформи.

Тоа се првите слики на „социјализмот под палми“, површни импресии од Куба собрани на почетокот од февруари, на туристичко патување. На посетителот од некогашна Југославија му се чини дека дошол во егзотична земја, во чија реалност препознава познат, интимно близок јазик: држава заснована на пркос на угнетените, жаргон на револуцијата, прокламирана еднаквост и подобра иднина, немаштија и авторитаризам, одредена опуштеност и друштвеност, споменатите црвени марами. Лутајќи по улиците можно е да се сретне и наводен поранешен југословенски зет, кој со скомен српскохрватски ќе објасни дека бил маж на внуката на Бата Живојионовиќ и ќе додаде: „Јас - неврзан!“ Сето тоа буди емоции, како враќање во некое изместено, но и сопствено, сновено минато.

Куба, влијателна членка на движењето на неврзаните, под Фидел Кастро заради бескомпромисното спротивставување на Американците стана инспирација за левите радикали ширум третиот свет. Советскиот амбасадор, стариот болшевик Анастас Микојан, соопшти дека Кастро е „вистински револуционер, сосема сличен на нас. Се чувствував како да се вратив во сопственото детство“. Фасцинацијата од Куба во голема мера ја помогна иконскиот лик на Че Гевара. Аргентинскиот лекар стана кубански национален херој, но и планетарен мит, симбол на отпорот на американскиот империјализам, замешан во војните и крвавите пучови ширум Латинска Америка.

Афирмативната кампања за референдумот се водеше насекаде, па и во овој бар

Хавана во Москва предизвикуваше страв. Борбеноста, претераниот револуционерен елан и амбициите, фактот дека ширум глобусот тренираше герилци и испраќаше сопствени војници, се сметаа за опасен авантуризам кој би можел да ги одвлече во војна и Советите. Сепак, апартхејдот во Јужна Африка главно падна благодарение на стотиците илјади Кубанци кои се бореа во Ангола против расистичкиот режим, за што на Кастро и Кубанците длабока благодарност им изрази Нелсон Мандела. Благодарение на констелацијата од студената војна, поразената инвазија на ЦИА во Заливот на свињите и ракетната криза, овој остров на 90 милји од Мајами, кој во средината на шеесеттите имаше едвај седум и пол милиони жители, беше турнат во самиот врв на светската геополитика. Кастро, пак, стана архинепријател на ЦИА, која наводно се обиде да го отстрани преку стотина неуспешни атентати.

Сето тоа е минато. Шеесет години по победата на револуцијата општеството и државата минуваат низ видливи промени. За време на нашата посета главна политичка тема е новиот устав на земјата, потврден на референдумот одржан на 24 февруари. Како цел во уставот и натаму се наведува „напредувањето кон комунистичко општество“. Меѓутоа, истовремено првпат се признаваат приватната сопственост и странските инвестиции, се вооведува основање кооперативи, односно задруги, во низа економски области надвор од аграрниот сектор, се забранува дискриминацијата заснована на сексуалната ориентација. Владата во првиот нацрт-устав предвиде и заштита на истополовите бракови, што беше отстрането заради силниот отпор на католичката и протестантските цркви.

Од април 2018 година шефот на државата, првпат од 1959 година, не се презива Кастро. Мигел Диаз-Канел е политичар роден 1960 година и познат како заговорник на ЛГБТ правата. Го наследи Раул Кастро, врховниот командант на војската. Во 2008 година Раул на местото претседател на државата го замени својот брат Фидел. Comandante en jefe на кубанската револуција, кој со цврста рака управуваше 52 години, се повлече заради болест и умре 2016 година.

-Со доаѓањето на Раул Кастро на местото претседател започнуваат низа општествени и економски промени. Започна отворање на економијата: се овозможија инвестиции на странскиот капитал, се гради посебната економска зона Мариел. На државните претпријатија им се овозможи поголема автономија, дозволен е приватен сектор. Меѓутоа, тоа се однесува само на малото претприемништво. Во принцип системот и натаму се темели на социјалистичката планска економија. Не е отфрлен ни еднопартискиот систем и Комунистичката партија на Куба (ПЦЦ) цврсто ја држи власта - вели Андреас Ноблох, новинар од левиот берлински весник Neues Deutschland.

Челичниот меморијал на кубанските херои на Плоштадот на револуцијата

Ноблох е еден од ретките германски дописници од Хавана, каде дојде на почетокот од оваа деценија. Целиот процес на промени го набљудуваше со сопствените очи.

-Со настанокот на приватниот сектор дојде до отворање бројни барови и ресторани. Хавана стана многу пожив град - продолжува.

Сѐ до почетокот на деведесеттите на Куба доаѓаа малку туристи. Но со колапсот на светскиот социјализам Куба западна во тешка криза. Од политички гигант стана парија на меѓународната заедница, а бидејќи економски сосема зависеше од СССР, кубанскиот БДП во деведесеттите падна за една третина. Владата прогласи „специјален период во ера на мир“, своевидна вонредна состојба. Владееше потполна немаштија, а и покрај државното рационализирање имаше и глад. Сето тоа во контекст на исклученост од светските пазари на капитал и економското ембарго на САД против Куба, воведено 1962 година како реакција на национализацијата на имотот на американските компании. Како извор на приходи се наметна туризмот. Така овој сектор денес изнесува приближно десет проценти од кубанскиот БДП (услугите сочинуваат 74 проценти од економијата, додека индустријата, во прв ред преработката на шеќер, сочинува 22 проценти). Бројот на странските туристи за десет години е зголемен двојно, така што земјата во 2018 година ја посетиле приближно пет милиони гости.

-Раул ја соблече униформата уште првиот ден, облече костум и рече „Let's do business!“ Фидел беше против туризмот, мислеше: „Ако на Кубанците им дадеш бонбона, ќе сакаат уште една, па уште една.“ Силниот владејач мора да му дели бонбони на народот. Фидел беше чесен, добар татко на земјата, но со тесни погледи - ни вели 58 годишниот Аурелијан, доктор што го запознавме на улица. Во 1980 година емигрирал во Соединетите Држави, за минатата година да се врати.

Државата и натаму го гледа туризмот како нужно зло. Од една страна, на владата ѝ се потребни девизи и свесна е дека мора да овозможи дополнителни приходи за населението. Истовремено, расте загриженоста заради сѐ поголемата економска нееднаквост. Кубанското општество и економијата функционираат како енклава надвор од вообичаените законитости, што често ги збунува странците. На пример, просечната плата во државниот сектор - кој сѐ уште опфаќа 87 проценти од работната сила - изнесува вкупно 25 до 30 долари.

Класичните американски автомобили на улиците во Хавана се вистинска туристичка атракција

-Меѓутоа, мора да го согледате контекстот. Повеќето луѓе поседуваат станови. Транспортот, водата, струјата и гасот се исклучително субвенционирани, како и пакетот основни намирници. Речиси се бесплатни. Образованието, здравството и пристапот до културата се сосема бесплатни. Од друга страна, факт е дека ни со сето најбројано платата често не е доволна за живот. Кубанците се снаоѓаат на разни начини - покрај основната работа, работат и како таксисти, во ресторани, добиваат пари од странство од членови на семејството - објаснува Ноблох.

Впечаток е дека на Куба владее специфичен егалитаризам. Сиромашната, но сеопфатна социјална држава ги задоволува основните потреби на најголем дел од населението, на што оди голем дел од државниот буџет. Нема глад, не се умира од болести, го нема капиталистичкиот императив на профитот, се живее опуштено. Истовремено, само мал дел поседуваат повеќе од најнужното. Сепак, во последниве години приливот на пари создава средна класа.

-Лекар или инженер на Куба заработуваат околу 65 долари месечно, додека таксистот заработува 300. Една година од изнајмување соби заработував по 1 500 долари месечно, живеев како милионер, ни вели еден Кубанец, да го наречеме Диего.

Образован како инженер во Ленинград, денес работи во туризмот. И тој ги фали реформите на Раул: денес, вели, можно е да се напушти земјата и да се задржи она што се поседува, додека во минатото го конфискуваше државата. Владата се обидува да го спречи апсурдниот и потенцијално експлозивен пораст на нееднаквоста со помош на високи даноци. Инаку, на Куба се оданочува само приватниот бизнис, додека поголемиот дел од населението не плаќа данок. Тоа повторно доведува до распространетото работење на црно. Уште една карактеристика е постоењето две валути: кубански (ЦУП) и конвертибилен пес (ЦУЦ), кој вреди 25 пати повеќе од националниот. Во недостаток на цврста валута во текот на „специјалниот период“ Куба ја легализираше употребата на доларот. Тој потоа беше заменет со ЦУЦ, за државата да има контрола. Системот на две валути е крајно непопуларен - и затоа што придонесува за нееднаквости. Поголемиот дел од платата се добива во ЦУП-ови, додека пристап до ЦУЦ-овите главно имаат вработените во туризмот.

Плоштадот 13 март во Хавана, во позадина поранешната претседателска палата

-Главен проблем е како да се управува со економското отворање така што нема да ги изгубиме достигнувањата на социјализмот, најпрвин здравството и образованието. Мислам дека создаваме капиталистички структури, но под строга контрола од државата и за благосостојбата на мнозинството. Секогаш ќе има луѓе кои ќе имаат повеќе од другите. Меѓутоа, на Куба постои лимит што можат да направат со парите. Сѐ сведува на приватен луксуз: јадат во подобри ресторани, имаат десет пара чевли, поскапи автомобили. Немаат фабрики, забрането им е да поседуваат повеќе од две куќи или два автомобили. На тој начин поголемиот дел од населението не се чувствува понижено - ни вели Енрико Маријано Гагуалера, кого го сретнавме на главниот плоштад во Санта Клара.

Пред сѐ градот е познат по мавзолејот на Гевара. Тука Че командувал и победил во клучната битка против Батиста. Меѓутоа, Санта Клара има мошне жива панк и општо музичка сцена.

-Европејците треба да престанат да бидат такви историски игноранти за да нѐ споредуваат со Шведска или Германија. Земете ги Хондурас или Гватемала - еден процент од популацијата живеат како богаташи, а останатите се борат за едвај да преживеат. Тука не е така - покажете ми ги кубанските фавели! Девојките кои се нудат по клубовите не го прават тоа заради глад, туку сакаат скапа облека и мобилни телефони - тврди Гагуалера, кој се претстави како културален медијатор на Универзитетот во Санта Клара.

Забележавме дека во разговорот често ја разубавуваше реалноста. Но на Куба без сомнеж постои социјална кохезија која може да се согледа и во впечатливата сигурност на земјата.

-Во Доминиканската Република на трафика има стража со долги цевки. Во Никарагва ме киднапираа. Овде одиш пијан во пет часот наутро каде сакаш, нема шанси да ти се случи нешто - во една хаванска кафеана ни зборува новосаѓанец со долго работно искуство на Карибите.

Споменикот на Хозе Марти на Плоштадот на револуцијата во Хавана

Навистина, тука на улиците децата во два часот по полноќ играат бејзбол, споменатиот лекар-повратник напомена дека се чувствува посигурно на улиците во Хавана отколку во Лас Вегас или Тексас, каде живеел. Зборовите на Гагуалера имаат одредена потврда и во коефициентот на Индексот на човечкиот развој (ХДИ): Куба е пласирана како шеста од дваесет земји во Латинска Америка, а очекуваното траење на животот е подолго од она во САД. На Куба пред Кастро, додека владееше американската марионета Батиста, 90 проценти од луѓето немаа струја во домаќинствата, додека една петина од населението контролираше 60 проценти од националното богатство. Целиот остров беше полн со коцкарници и бордели за Американците. Куба беше синоним за неоколонијализмот.

Оптимизмот на страна, Куба се соочува со цела низа проблеми и дилеми. И покрај големите настојувања околу земјоделството, државата увезува 80 проценти од потребната храна, владата не може да обезбеди плати кои ќе бидат доволни за животот на населението. Назадуваат и најголемите достигнувања на револуцијата: емигрираат сѐ повеќе лекари и наставници, а побогатите купуваат подобра услуга со „подароци“. Политички, целата власт и натаму ја има Комунистичката партија, која сосема го монополизира и набљудува јавниот живот. Според извештајот на Амнести Интернешнел, во 2017 година се забележани над 5 000 арбитрарни апсења на политички и активисти за човекови права.

-Во 2013 година владата ослободи 75 долготрајни политички затвореници. Сега главно се работи за пократки апсења. Факт е дека кога се појавува каква било опозиција власта реагира со цврста рака. Од друга страна, многу активисти уживаат поголем углед во странство отколку тука. Не постои опозиција која е вредна да се спомене. Новиот претседател Диаз-Канел важи за либерал, но тој е и човек на Раул Кастро. Самиот изјави дека се залага за континуитет и го отфрли повеќепартискиот систем - вели Ноблох.

Диаз-Канел нема ни приближна историска тежина каква што имаа браќата Кастро и нема да може да владее самостојно. Со новиот устав претседателското владеење е ограничено на два петгодишни мандати, а сѐ до 2021 година Раул останува шеф на Комунистичката партија. Инаку, за новиот устав гласаа 87 проценти од Кубанците, но и повеќе од 700 000 луѓе гласаа против. На донесувањето на уставот, вели дописникот на Neues Detschland, му претходеше опсежна и навистина демократска јавна дискусија која досегнуваше сѐ до собранијата во одредени четврти, а граѓаните поднесоа илјадници формални забелешки. Тешко е да се предвиди иднината, вели Ноблох.

Мавзолејот на Че Гевара во Санта Клара

-Честата фраза дека Куба треба да се посети пред да се промени не е точна. Куба се отвора заради економските нужности, но политичкиот систем нема да се менува наскоро. Куба е речиси најстабилната држава на континентот, а притоа преживеа 60 години со американско ембарго - заклучува тој, додавајќи дека многу нешта зависат и од надворешните фактори.

Имено, Барак Обама во 2014 година направи радикален пресврт во американската политика кон Куба. Земјата беше трганата од листата на оние кои го спонзорираат тероризмот, двете земји воспоставија дипломатски односи. Обама укина и низа одредби од економското ембарго. Меѓутоа, Доналд Трамп повторно врати голем дел од укинатите санкции и започна со реторика налик онаа од периодот на Студената војна. Со зборовите на Ноблох, тоа на Куба секогаш доведува до збивање на редовите.

Во Хавана загрижено се гледа и на Венецуела, која под Хуго Чавез стана идеолошки, но и клучен економски сојузник на Куба. Во еден момент трговијата со Каракас опфаќаше повеќе од една третина од кубанската трговска размена, а венецуелската нафта, добиена преку програмата „Лекари за нафта“, многу ѝ помогна на Куба и нејзиното изостанување веќе остави белег на економијата. Па сепак, Куба не е изолирана, воспостави и ги разви економските односи со Русија, Кина и Европската унија.

-Вие во Југославија го градевте капитализмот преку ноќ, на пепелот на вашиот социјализам. Тоа нема да се случи тука - одлучен е Гагуалеро.

Од друга страна, Самуел Фарбер, писател со бројни книги на темата Куба, на интернет страницата на левото списание Јакобин изнесува мрачно пророштво: „Бирократите од втората генерација веројатно целосно ќе му се посветат на кинеско-виетнамскиот модел (...) Освен што ќе го придобијат ентузијазмот на САД, ќе ангажираат странски капитал (...), ќе ја задржат комплетната контрола над државата - вклучувајќи ги и синдикатите - за да можат на своите нови капиталистички инвеститори, странски и кубански, да им гарантираат мир, ред и закон.“ Вториот текст во списанието цитира еден кубански лев активист: „Партијата нѐ уверува дека постојат само три опции: нивниот пат, американскиот капитализам или граѓанска војна. Но се плашиме дека нивниот пат и американскиот капитализам ќе бидат премногу слични.“ Во некрологот за Фидел, Јакобин заклучува дека главни добитници за интеграцијата на Куба на светскиот пазар ќе бидат малкумина бирократи и офицери, а не населението. Името на Фидел значеше надеж во ослободувањето од империјалното угнетување ширум третиот свет, но зад себе остави високо авторитарна верзија на социјализмот. „Државата што ја изгради Кастро е опомена дека на секој социјализам кој е достоен да се нарече така му треба длабока и радикална демократија“, се заклучува во статијата.

Во меѓувреме, во Хавана на споменикот на кубанскиот комунист Хулио Антонио Мела сѐ уште може да се прочитаат следните зборови: „Борбата за социјална револуција во Америка не е утопија на лудаците или фанатика. Тоа е борба за следната фаза на историскиот напредок.“

Класичните американски автомобили се можност за заработка за нивните сопственици

Кубанско-југословенската борба за неврзаните

Двете неврзани и револуционерни земји споделуваа длабоки разлики. Логично, тие произлегуваа од различните геополитички позиции: Југославија се чувствуваше загрозена од Советите, а Куба од Америка. Белград ја гледаше Куба како можна поддршка во случај на советски напад. Фадил Хоџа, потпретседателот на претседателството на СФРЈ во 1979 година рече дека „му се ежи кожата“ од кубанските дипломати кои прозиваа земји ширум светот за фашизам и реакционерност. Хавана ја нарекуваше југословенската политика „империјалистичка“. Тоа беше последица на фактот, со зборовите на секретарот за надворешни работи Јосип Врховец, дека Куба е членка на движењето на неврзаните, но „истовремено е идејно-политички, економски и воено - не формално туку реално - интегрирана во (советскиот) лагер“. Така историјата на неврзаните е значаен дел од историјатот на жестоките конфликти помеѓу Куба и СФРЈ, која настојуваше да ја спречи Хавана во нејзината намера за насочување на движењето кон директно сојузништво со СССР.

Така Кубанците ја формулираа и девизата „Времето на Тито поминува, времето на Кастро доаѓа“. Веќе изморениот Тито, „духовниот татко на неврзаноста“, како што го нарекуваше Бутрос Гали, замина на своето претпоследно патување во 1979 година во Хавана, на шестата конференција на движењето на неврзаните, за да спречи со него да завладејат ултралевите радикали. Во својот говор нагласи дека „никогаш не прифативме да бидеме чија било трансмисија или резерва, зашто тоа е неспоиво со суштината на политиката на неврзаноста“.

Фотографии: Јерко Бакотин

Извор: https://www.portalnovosti.com

ОкоБоли главаВицФото