Иницијативата „Култура е насловна страна на секое општество“ бара средба со Заев

08.04.2019 08:22
Иницијативата„Култура е насловна страна на секое општество“ бара средба со Заев

Двајца претставници на иницијативата „Култура е насловна страна на секое општество“ ќе бидат вклучени во групата која работи на измени, дополнувања и финализација на Предлог-законот за остварување на јавниот интерес во културата. Од оваа иницијатива велат дека по првичната средба со министерот за култура Асеф Адеми, која се одржала на 20 февруари, министерството покажало интерес за соработка.

Тројца претставници на од оваа иницијатива и граѓанскиот сектор ќе бидат вклучени во група која ќе работи на развој на модели на оценување и механизми на финансирање на јавниот интерес во културата за поддршка на вонинституционалниот сектор организиран преку конкурсите на Министерството за култура во рамки на Предлог-законот за остварување на јавниот интерес во културата.

Овие ангажмани ќе бидат регулирани со решенија доставени од Министерството за култура. Првата работна средба на двете групи во Министерството за култура е предвидена да се случи на 15 април 2019 година, со што ќе се утврди планот и динамика на работа.

„Во контекст на ова, бараме реализација на средбите со премиерот Зоран Заев, советничката за култура на премиерот Цветанка Ласкова и националниот координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка Роберт Алаѓозовски и ги повикуваме да се вклучат и да ги поддржат заложбите на Иницијативата во финализација и донесување на Предлог-законот за остварување на јавниот интерес во културата“, велат од иницијативата.

На 14 март годинава, била одржана средба помеѓу иницијативата „Култура е насловна страна на секое општество“ со СКРМ на која било договорено да потпишат меморандум за соработка со кој ќе делуваат заедно и соработуваат во финализација на Предлог-законот за остварување на јавниот интерес во културата.

Иницијатива „Културата е насловна страна на секое општество“:
Локомотива – Центар за нови иницијатива во уметноста и културата
Факултет за работи што не се учат (ФР~У)/ АКТО Фестивал за современи уметности
Театар на Навигатор Цветко
Интерарт културен центар
Кино Култура – проектен простор за современи изведувачки уметности и култура