Ципрас остеријанец, Сириза партија на левиот центар?

09.04.2019 01:34
Ципрас остеријанец, Сириза партија на левиот центар?

Кон новиот двопартиски систем во Грција

Бројни светски медиуми селективно и сензационалистички го проследија извештајот на Меѓународниот монетарен фонд за состојбата на грчката економија кој беше објавен пред три недели. Не навлегувајќи детално во содржината на извештајот, акцентот е ставен на пофалната изјава за медиумите на Питер Долман, шеф на мисијата на ММФ во Грција. Имено, Долман вели дека грчката економија во поглед на растот на БДП е „меѓу најдобрите во еврозоната“. Невработеноста е во постојано, иако благо опаѓање, а ликвидноста на банките се подобрува, па е укинато ограничувањето за подигнување депозити итн. Овие позитивни оценки ѝ се упатени на економијата која до август, минатата година беше под режим на строго мониториран конзорциум на кредитори и чијашто фискален суверенитете беше многу ограничен. Комплексните структурни проблеми и натаму се присутни и се споменуваат во извештајот, но во основа кризниот менаџмент на Алексис Ципрас им влева доверба на кредиторите, на меѓународните финансиски институции и на партнерите од ЕУ. Да видиме какви последици врз грчкото општество и политичката сцена во оваа земја имаше долгогодишната програма за штедење.

Политичката програма, реториката и идеолошкото профилирање на Алексис Ципрас во последните три години на неговиот прагматизам во практикувањето на власта претрпеа бројни прилагодувања и промени. Така, жестокиот противник на политиката на штедење и диктататите што доаѓаа од Берлин и Брисел многу брзо стана премиер на влада која своите должнички обврски и фискалната дисциплина ја спроведува на најсовесен можен начин. Харизматичниот лидер кој со агресивна реторика го напаѓаше неолибералниот политички и економски систем на Европа, денес е умерен и помирлив шеф на влада кој ја интегрираше својата земја во пошироката неолиберална рамка на денешна Европа.

Неговата партија која на врвот на должничката криза во Грција беше оценувана како партија на левицата и на екстремната левица, денес полека станува системска партија. Всушност, таа во грчкиот двопартиски систем веќе ја зазема политичката ориентација и гласачкото тело на партијата од левиот центар, ПАСОК. По три години на трансформацијата на Ципрас, станува јасно дека никаков преврат или револуција против неолибералиот концепт на економијата не може да дојде од периферијата. Промените можат и треба да дојдат од Франкфурт а не од Атина или Мадрид.

Успехот на кризниот менаџмент на Ципрас се состоеше од тоа што по преземањето на власта го стопираше понатамошното пропаѓање на економијата. Нивото на платите и на пензиите беше консолидирано на околу 30 – 40 отсто од она пред кризата. Иако значително поблаг, левичарскиот дух се препознава во некои одлуки и прокламации на Сириза. Во 2015 година, таа ги озакони истополовите бракови, а прокламиран е и систем на општа здравствена заштита. Проблемот со ова последното е во хроничниот недостиг на средства, така што пациентите како и оние во Србија се принудени да се запишуваат на долгите листи на чекање за потребниот преглед или интервенција. Побогатите граѓани, како и во Србија, ги плаѓаат здравствените услуги во приватниот сектор. Но од сите одлуки на Сириза, Преспанскиот договор со македонската власт предизвика најмногу отпор на грчката политичка сцена.

Веќе неколку месеци наназад, истражувањата на јавното мислење укажуваат дека лидерот на опозициската партија „Неа демократија“, Киријакос Мицотакис има предност во однос на Ципрас. Иако номинално себе се одредува како застапник на либерални реформи, Мицотакис во одредена мерка ја презеде демагошката реторика со која Сириза дојде на власт. Во декември, минатата година, тој на гласачите им вети зголемување на минималната загарантирана плата, намалување на непопуларниот данок на имот и по 2000 евра за секое новородено дете во Грција.

Покрај демогошките ветувања, подемот на Мицотакис се поврзува и со неговото одлучно отфрлање на Преспанскиот договор. Андреас Либератос, професор по балканска историја од Универзитетот Пантеон во Атина, смета дека ставот за македнското прашање бил дел од стратегијата на Мицотакис за да Сириза ја тргне од власт. Уште не е јасно дали оваа калкулација ќе му се исплати. Во едно релативно конзервативно општество, какво што е грчкото, дури ни донесувањето на закон за истополови брачни заеднци во декември 2015 година, не предизвика такво незадоволство како обидот да се постигне компромисно решение со северниот сосед.

Националистичката хистерија против со договорот со Македонија, на моменти поприма општонационален карактер, со масовни протестни митинзи кои ги посетуваат јавни личности и претставници на партиите. Во тие собири, свое „видно“ жалосно место има и славниот композитор Микис Теодоракис. Негативниот однос кон Преспанскиот договор го усвои и маргинализираниот ПАСОК во обид да ја поправи својата положба кај гласачите, но неуспешно. Партијата ПАСОК во толкава мерка е компромитирана со настаните во текот на тнр, должничка криза што угледот не може да ѝ го врати никакво националистичко кокетирање. Некои пратеници од коалицијата која ја собира ПАСОК во парламентот веќе ја поддржуваат владејачката партија, а кон Сириза се приклучуваат и пониските функционери на ПАСОК. Претставниците на европското семејство на социјалдемократски партии, со сè помалку дискреција, јавно му даваат поддршка на Алексис Ципрас, како веќе да се подразбира дека неговата партија веќе го зазела тој дел на политичкиот спектар во Грција.

Во мај, во Грција ќе се спроведат изборите за европскиот парламент, а во октомври и за домашниот. Полтичките коментатори веќе го нарекуваат Мицотакци „идниот премиер на Грција“. Дури и да дојде до смена на власта, во Грција досега веќе се зацврсти двопартискиот систем. Тажно е што етничките спорови и национализмот и во оваа балканска политичка сметка се покажаа како фактор со огромно влијание. Несфатливо е што толку мала нација и толку безопасен сосед како што се Македонците и Македонија можат во еден стар народ да разбудат толку голем анимозитет и деструктивна енергија.

Киријакос Мицотакис

Се сеќавам дека во деведесеттите години пријателите од странство ми ги покажуваа поништените македонски печати во своите пасоши. Со голема посветеност печатите ги поништуваа припадниците на грчката пасошка контрола на границата. Со ова деструктивно поништување на туѓиот идентитет и понатаму е посветен значителен дел на избирачкото тело во оваа држава. Грчкото општество, кое со години било арена на речиси епското соочување на неокејнзијанските и остеријанските концепции на економската политика, на крајот, како што стојат работите, повторно ќе ги избере етничките атавизми како мерка за сите работи во општеството.

Извор: Peščanik