Kнигата на Румена Бужаровска „Не одам никаде“ во Србија, Хрватска, БиХ, Словенија

09.04.2019 14:28
Kнигата на Румена Бужаровска „Не одам никаде“ во Србија, Хрватска, БиХ, Словенија

По големиот успех со „Мојот маж“ и бројните преводи во регионот, Румена Бужаровска е на пат да го повтори истиот успех со најновата збирка раскази „Не одам никаде“ (Или-Или, 2018).

Како што најавува „Корто – литературна агенција“ со седиште во Загреб и застапник на авторските права на Румена Бужаровска, „Не одам никаде“ наскоро ќе се појави на пазарите на Србија, Хрватска, БиХ и Словенија и тоа во изданија на едни од најреномираните издавачки куќи во тие земји: Бука (Србија), ВБЗ (Хрватска), Бајбук (БиХ) и Модријан (Словенија).

Во нашата земја „Не одам никаде“ предизвикува големо внимание кај читателите и во продажба е веќе второто издание.

„Најновата, четврта книга раскази на Румена Бужаровска (1981), „Не одам никаде“ (издание на Или-или) е можеби пресвртната точка во пишувачкиот опус на оваа раскажувачка. Бескрупулозен критичар на македонското секојдневие и на ликовите од него, Румена отсекогаш ги туркала своите приказни до самиот раб на гротеската, во духот на најдобрата традиција на американскиот расказ. Бидејќи тематски и изразно, ова е ткивото на сите три претходни збирки, дилемата пред излегувањето на оваа последна збирка беше дали авторката има да каже нешто ново и дали својот препознатлив израз може да го издигне до нова творечка височина. Прочитот на седумте подолги раскази во оваа збирка е бездруго и несомнено потврден одговор и на двеве прашања“, вели нашата позната писателка Елизабета Баковска за „Не одам никаде“.

Она што оваа збирка, пишувана, како што кажува и Румена, во Македонија, но и во Хрватска и во САД, ја издвојува од претходните, е фокусирањето на дихотомијата Македонци-странци, или Македонија-странство. Во оваа нова перспектива, авторката не само што храбро ја гази линијата на иронијата и гротеската (и во областа на личното и интимното, и во областа на општественото), туку таа и се ослободила од секаква резерва и автоцензура, па длабоко зацрпела од сета површност, бесмисла и апсурд на моментот во кој живееме за моќно да ги раскаже приказните и на „нашите“ и на странците, и на странците кај нас, и на нашите во странство.