1017 hPa
54 %
24 °C
Скопје - Саб, 07.09.2024 22:59
Ништо толку не ја опишува актуелната политичка ситуација во Велика Британија како реченицата на ирскиот писател и еден од татковците на театарот на апсурдот, Семјуел Бекет: „Try again. Fail again. Fail better.“ Како Англичаните да запнале да ја демантираат забелешката на српскиот книжевен критичар Богдан Поповиќ, првата љубов на Драга Машин, дека е поголема разликата меѓу еден Англичанец и еден Србин отколку помеѓу еден Србин и еден вол. Генераланата директорка на Британското здружение на индустријалците Каролин Ферберн ја дефинираше парламентарната претстава околу Брегзитот како „циркус“, со таа разлика што во вистински циркус човек се смее, а во вест-минстерскиот очајува.
Блефот на Тереза Меј не помина. Британската премиерка од почетокот играше на картата дека пред изборот помеѓу нејзиниот план и најавената катастрофа за излегување од ЕУ без договор, парламентарците ќе ја изберат првата опција. Според дипломатски извори, кои работат на подготовка на Европскиот совет, не е сигурно дека шефовите на владите и државите ќе ѝ одобрат дополнително време на Велика Британија да се договори самата со себе што сака во однос на Брегзитот. „Во секој случај, ако се постигне консензус на Лондон да му се даде уште време, тоа ќе биде мошне краток рок, помалку од два месеци. Односно до 23 мај и почетокот на изборите за Европскиот парламент. Голем дел од членките не сакаат прашањето за Брегзитот да влијае на изборната кампања за Европскиот парламент“, вели нашиот соговорник во Брисел.
Меј ја потцени жедта за власт на своите колеги и го прецени нивниот државнички капацитет. Пред сѐ, на Борис Џонсон и на лидерот на опозицијата Џереми Корбин. Приоритет на споменатите двајца е улицата Даунинг број 10, а не корисен договор со ЕУ. И покрај тоа, усвојувањето на договорот, кој го преговараше Меј, за нив би значело дополнително чекање во ред за премиерската фотелја.
Британската премиерка не ги процени добро ни унионистите од Северна Ирска од коалициската партија ДУП, како ни тврдото крило на националистите во сопствената партија кои се подготвени да воспостават тврда граница помеѓу двете Ирски, заедно со опасностите и негативните ефекти кои со себе ги носи ова сценарио. Британската влада ја потцени ЕУ и нејзината способност да биде тврд преговарач во одбрана на интересите на државите членки и да дејствува кохезивно, како еден. Истовремено, Британците, или подобро кажано Англичаните, ги преценија сопствените капацитети, влијанието, силата и тежината која ја имаат во меѓународните односи. Од „глобалната Британија“ која ја пропагираа заговорниците на Брегзитот, за неколку години лесно би можела да остане само Англија.
Велика Британија со децении беше пример за континенталните демократии. Стабилноста, прагматичноста, мирните и регуларни промени на власта, примерната политичка сцена со одговорни партии и лидери, будеа завист меѓу либерално и демократски ориентираните Европејци на Континентот. Во споредба со британската демократија сите останати изгледаа хаотично и на климави нозе.
Во историјата на Обединетото Кралство се случувало на чело на конзервативците или лабуристите да се случат, еуфемистички кажано, некомпетентни и неталентирани лидери, но никогаш не се случило истовремено да бидат на чело на сите поважни партии такви лузери како Тереза Меј и Џереми Корбин. Иронијата на судбината е дека, без оглед како ќе заврши приказната за Брегзитот, Конзервативната партија ќе се подели на две или повеќе партии, а претходниот премиер Дејвид Камерон непромислено го стави на коцка членството на Обединетото Кралство во ЕУ за да ги спаси ториевците од поделби. Разединување ги чека и лабуристите, и покрај тоа што тоа веќе почна. Дел од парламентарците и истакнатите членови не сакаат да учествуваат во дволичната политика на Корбин. Лидерот на лабуристите веќе три години зборува едно, а прави друго и подготвен е да жртвува сѐ за да стигне до улицата Даунинг број 10.
Жртви на Брегзитот нема да бидат само традиционалните партии и двопартиски коригираниот систем кој му даваше одредена стабилност на политичкиот систем во Британија, туку и самото Обединето Кралство какво што го познававме. Прашањето за Северна Ирска со Велика Британија надвор од ЕУ и со воспоставувањето тврди граници го оживува тешкиот проблем кој пред 21 година беше анестезиран со Договорот на Велики петок, со демилитаризацијата, отворањето на границите и ветувањето дека Северна Ирска ќе биде дел од Велика Британија само додека повеќето граѓани на Алстер ќе го сакаат тоа.
Арлен Фостер, лидерката на протестантската Демократска унионистичка партија (ДУП), за време на својот неодамнешен престој во САД направи алузија која би можела да ѝ се врати како бумеранг. „Брегзитот најпосле е пред нас. Кога ќе дојдеш до крајот на преговарачкиот процес, тогаш навистина почнуваш да ја гледаш белката во човечките очи и ја сфаќаш смислата на одлуката, сликовито се изрази Фостер за претстојниот Брегзит алудирајќи на една заповед на генералот Хенри Клинтон.
Еден од командантите на британските колонијални сили во предвечерието на Американската револуција во втората половина на 18 век бил познат по својата наредба „да не се пука додека не се види белката во очите на бунтовниците“. Меѓутоа, на Фостер, во желбата за ефектна реченица ѝ се провлекоа неколку факти заради кои нејзината изјава би можела да биде совршен автогол и евентуална пророчка најава како ќе заврши владеењето на Лондон на последното парче од ирскиот остров.
Генералот Клинтон командувал со британските трупи на почетокот од Американската војна за независност и на историчарите им е многу попознат по реченицата после победата на „црвените мундири“ над американските востаници на Банкер Хил 1775 година. „Уште неколку вакви победи брзо ќе стават точка на британската доминација над Америка“, запишал британскиот генерал во воениот дневник, во стилот на грчкиот антички крал Пир после победата над Римјаните.
Врската помеѓу забелешките на генералот Клинтон и изјавата на Фостер е во серијата изненадувачки победи на ДУП кои се водат, парадоксално, за конечен пораз на северноирските протестанти, раскинувањето на врските со Лондон и инкорпорацијата во Република Ирска. Затоа, за неколку години, победите на ДУП би можеле да се наречат Пирови, како оние на Клинтон. Имено, благодарение на големата грешка во чекори на британската премиерка Тереза Меј - која пред две години распиша предвремени парламентарни избори за да го зајакне своето мнозинство во Вестминстер - ДУП стана пресуден фактор за формирање мнозинство со своите 10 пратеници. Тоа беше подарок на чинија за северноирските унионисти кои здушно навиваа за Брегзитот верувајќи дека така имаат поголеми шанси да го запрат процесот за враќање на шесте окрузи под закрила на Даблин.
Во своите големи победи ДУП и нејзината лидерка Арлен Фостер сметаат дека е осуетување на договорот тоа што главниот преговарач на ЕУ, Мишел Барние и британската премиерка Тереза Меј сакаат да биде воведен таканаречен бекстоп за Северна Ирска, уште од крајот на 2017 година.
Со незапирливата промена на верската структура на населението во Северна Ирска - бројот католици е во константен пораст и за две децении тие ќе станат апсолутно мнозинство - единственото оружје во рацете на Лондон да задржи шест окрузи на северот од ирскиот остров е употребата на soft power. Тешко е да се замисли дека Англичаните би можеле да испратат, како во седумдесеттите и осумдесеттите години од минатиот век, специјални воени единици со долги цевки за да го чуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Алстер.
Арлен Фостер
По завршувањето на Втората светска војна католиците сочинувале помалку од една третина од вкупното население во Северна Ирска, додека протестантите претставувале речиси три петини од популацијата. Денес, католиците сѐ уште немаат апсолутно мнозинство, но веќе станаа просто мнозинство бидејќи се повеќе од сите протестантски верници заедно. Во меѓувреме во Белфаст го добивме првиот католички градоначалник и тоа е најдобар показател за промена на процентуалната застапеност на етничко-верските групи во шест окрузи на северот од Смарагдниот остров. Верниците од протестантските цркви во Северна Ирска, односно оние кои ги нарекуваме колоквијално „унионисти“ не се етнички Ирци кои се промениле или политички се определиле за Велика Британија. Станува збор за потомци на англиските колонизатори кои доаѓале на островот уште од периодот на Хенри Осми во средниот век. Така што северноирскиот конфликт е коктел на етничкото и верското, што ги објаснува долготрајноста и интензитетот на конфликтите во текот на последните три децении од минатиот век.
Дваесет и една година по потпишувањето на Договорот на Велики петок, во Ирска и голем дел од Велика Британија провеујва страв дека „проблематичните години“ (The Troubles) би можеле да се вратат. Договорот од Белфаст, потпишан на 10 април 1998 година, стави точка на северноирскиот конфликт и се базираше на членството на Велика Британија и Република Ирска во ЕУ. Колку пред доаѓањето на Тони Блер се чинеше нерешливо прашањето за Северна Ирска, толку беше незамисливо темелот на договорот еден ден да се разниша: членството на Велика Британија во ЕУ.
Членството на Ирска и Велика Британија во ЕУ се чинеше како константа која прашањето за конечно решение за Северна Ирска го проектираше толку далеку во иднината што за нашите животи стана сосема ирелевантно. Бодликавата жица, рововите, блоковите, ѕидовите, контролните пунктови беа елементи и симболи на последните тврди граници во историјата на Западна Европа кои благодарение на Договорот од Велики петок беа заменети со невидлива катастарска линија која раздвојува шест ирски окрузи кои останаа под суверенитетот на Лондон по отцепувањето на Република Ирска од Обединетото Кралство. И покрај тоа, единствената разлика која може да ви посочи дека сте во Република Ирска или во Северна Ирска се ограничувањата на брзината: во километри на јужниот дел од островот, во милји на северниот дел.
Во претходните две децении Договорот од Велики петок донесе мир, економски напредок, впечаток дека островот е обединет. Некогашните смртни непријатели сѐ до пред неколку месеци владееја заедно со Северна Ирска, без поголеми проблеми. Островот од кој со векови се заминувало или дури и се бегало во потрага по подобар живот, стана привлечно место за живот за младите Европејци од континентот. Белфаст, градот на барикадите, ѕидовите, конфликтите, кој некогаш повеќе наликуваше на Бејрут, денес изгледа како подружница на Лондон на ирскиот остров. Ѕидот на поделбата, симбол на „времето на неприлики“, кој го пресекува градот, стана главна туристичка атракција.
Имплементацијата на Мировниот договор од Белфаст и членството во ЕУ толку ја релаксираа атмосферата што Ирците им го препуштија на Шкотланѓаните бајракот на сепаратизмот во рамки на Обединетото Кралство. Секако, би било погрешно да се мисли дека двете заедници се интегрираа во шесте окрузи на Смарагдниот остров. Не, но научија да живеат мирно една до друга, да избегнуваат непотребни провокации и секој да си ја гледа својата работа.
А потоа дојде референдумот за Брегзитот и над ирската бајка надвисна ново поглавје на несигурност, неред и немир. За разлика од Џери Адамс и неговите наследници во двете Ирски, кои во Брегзитот гледаат шанса за обединување на ирскиот остров, Тони Блер насетува опасност од нова граѓанска војна. „Ги разбирам Адамс и републиканците кои во Брегзитот гледаат шанса за реализација на сопствените цели. Европската унија беше рамка на Мировниот договор. Разоружувањето на ИРА, благосостојбата, слободата на движењето, можноста за двојно државјанство и пасошите кои се идентични во Даблин и Белфаст направија да биде многу помалку важно дали се живее во Ирска или Северна Ирска. Но, Ирска и Северна Ирска никако не беа на спротивните страни кога е во прашање ЕУ, или двете беа надвор или двете беа внатре. Сега се отвора нова ситуација во која Ирска ќе биде во ЕУ а Северна Ирска надвор од ЕУ, и тоа е мошне опасен фитил. Фитил кој под пепелот на граѓанската војна може да се запали секој момент“, предупредува Блер.
Ставот на ДУП дека во Велика Британија надвор од ЕУ унионистите имаат поголеми шанси да спречат обединување со остатокот од островот, е сосема погрешен. И покрај тоа, единствената шанса за унионистите да не дојде до промена на границите беше останување на Обединетото Кралство во ЕУ, бидејќи членството на Даблин и Лондон во ЕУ, заедно со Договорот од Велики петок од 1998 година, ги отстрануваше сите мотиви за какви било промени на постоечката состојба. Во таа смисла, победите кои може да се заведат во рубриката на ДУП - излегување без договор на Велика Британија од ЕУ и последично воспоставување граници помеѓу двете Ирски - на долг рок ќе станат Пирови.
________________________________________
Што значи „бекстоп“
„Бекстоп“ е клаузула во Договорот помеѓу ЕУ и Велика Британија кој го наметна Брисел. Станува збор за сигурност дека границата помеѓу Северна Ирска и Република Ирска ќе остане отворена, како што предвидува Договорот од Велики петок од 1998 година. Клаузулата предвидува и дека Северна Ирска ќе остане во царинската унија со ЕУ сѐ додека Лондон и Брисел дефинитивно не се договорат како да го решат проблемот.
Партизаните на Брегзитот и унионистите од Северна Ирска се против тој дел од договорот зашто во него гледаат замка за трајно одвојување на Алстер од Велика Британија. Меј успеа, во дополнителни преговори со ЕУ, да издејствува вметнување датум за изнаоѓање дефинитивно решение за Северна Ирска - декември 2020 година. Меѓутоа, Меј мораше да прифати дека во случај да не се изнајде решение до наведениот датум, Велика Британија не може унилатерално да се повлече од „бекстопот“. Секако, ни новото решение не го задоволи тврдото крило на конзервативците и унионистите од Северена Ирска.
Во случај на излегување на Велика Британија од ЕУ без договор, границата помеѓу двете Ирски би била неизбежна, бидејќи лидерката на унионистите од Белфаст, Арлен Фостер, кон крајот на 2017 година, спречи „бекстопот“ да биде усвоен како преодно решение и во случај Брисел и Лондон да не се договорат околу разводот.
Сценарија за Брегзит
No deal
Ноќната мора од трауматскиот развод помеѓу ЕУ и Велика Британија е присутна и натаму. Постојат само два начини да се спречи „скокот во непознатото“ на 29 март: одлука ЕУ да одобри дополнително време за договорен развод или Лондон еднострано, пред 29 март да се откаже од Брегзитот, што е во доменот на теоријата, но не и практиката.
Излегувањето на Обединетото Кралство без договор би создало голема економска штета и би го отворило северноирското прашање.
Договорот на Тереза Меј
Двапати отфрлениот договор кој го преговараше премиерката Меј сѐ уште не е сосема тргнат од маса и покрај тоа што претседавачот на Долниот дом на Парламентот, Џон Беркоу изјави дека нема да го стави договорот на Меј на повторно гласање ако тој не биде променет. Постои еден комплициран начин да се заобиколи ветото на Беркоу, но тој е многу помала пречка во однос на недоволната поддршка која ја има премиерката во своето парламентарно мнозинство за изгласување на договорот.
Кратко продолжување
Шефовите на државите и владите оваа недела се состануваат во Брисел и би можеле да одлучат да ѝ помогнат на Меј и позитивно да одговорат на нејзиното барање датумот за излегување на Обединетото Кралство од ЕУ да се одложи до 23 мај, односно до датумот на изборите за Европскиот парламент. Таа одлука мора да биде донесена едногласно. Консензусот не е толку голем проблем колку што е прашањето за што ќе послужи одложувањето, ако не постои ниедно изводливо сценарио кое не би било само обично купување време за избенување на катастрофата.
Алтернативен договор
Пред Брисел и Лондон се два вида продолженија на преговорите за излегување на Велика Британија од ЕУ. Едниот предвидува само неколку месеци, за што веќе рековме нешто, додека другиот би подразбирал продолжување до почетокот на новиот седумгодишен буџет, односно малку помалку од две години. Тоа би овозможило отворање на вратата за нови преговори, односно таканаречен мек Брегзит. Во тој случај граѓаните на Велика Британија би учествувале на изборите за Европскиот парламент кон крајот на мај. Тоа сценарио е малку веројатно.
Предвремени избори во Велика Британија
Новиот елемент кој би можел да влијае на одлуката на ЕУ за продолжување на преговорите со Лондон би бил пад на владата на Тереза Меј и распишување нови избори. Во таа ситуација ќе преовладаат прагматизмот и здравиот разум, односно ЕУ би го почекала исходот од новите избори, формирањето нова влада и потоа би ги дефинирала следните потези.
Водич за Северна Ирска
Ирското прашање
Под „ирско прашање“ се подразбира тенденцијата на католиците во Северна Ирска да се обединат со остатокот од островот. До 1922 година Велика Британија владеела со целиот ирски остров, користејќи брутални мерки на репресија, запоставувајќи ги неопходните реформи за просперитет на Ирска, заради што Ирците, бегајќи од глад и тортура, емигрирале со векови. Денес во Ирска живеат помалку од 10 проценти од вклупниот број Ирци на планетата. Во Република Ирска има 4,5 милиони додека во САД 40 милиони, во Австралија 7 милиони, Канада 4,5 милиони и се претпоставува дека во Велика Британија има околу 6 милиони. Северна Ирска е создадена со Англо-ирскиот договор од 1921 година, со кој шесте окрузи на северот од островот се издвоени од останатите 26 окрузи кои една година подоцна ќе ја оформат Република Ирска. Ирците, главно католици, ја почнале борбата за обединување уште на првиот ден од потпишувањето на Англо-ирскиот договор, таа борба ескалирала кон крајот на шеесеттите години и траела 30 години. Тој период се нарекува „The Troubles“, и одземал речиси 4 000 животи на лица кои настрадале во атентатите на Ирската републиканска армија и унионистичките терористички групи.
Договорот од Велики петок
Договорот познат и како „Белфастски договор“ или Договор од Стромонт со кој е прекината 30 годишната постојана серија крвави атентати, потпишан е на Велики петок 1998 година. Иако дијалогот за примирје почна во периодот на владеењето на Маргарет Тачер, тој дијалог не донесе многу резултати зашто Челичната Леди во однос на прашањето за Северна Ирска речиси безусловно се поставуваше на страната на унионистите во Алстер. Со нејзиното заминување од Даунинг стрит број 10, се отвори патот за напредок во пронаоѓање решение на линија Лондон-Белфаст-Даблин. Тој дијалог доведе до договор под раководната палка на тогашниот британски премиер Тони Блер кој одигра клучна улога. Со Договорот е предвивено да се разоружаат сите парамилитарни групи, а на Северна Ирска ѝ беа вратени парламентот и автономната влада со широки овластувања.
Шин Фејн
Шин Фејн, што во буквален превод значи „ние сами“, е партија која од почетокот се залагаше за обединување на ирскиот остров. Таа претставуваше политичко крило на Ирската републиканска армија, нејзините членови не учествуваа активно во подготвувањето и извршувањето на терористичките акции. Денес Шин Фејн е најсилната „католичка“ партија во Северна Ирска, додека во Република Ирска е во опозиција.
ИРА
Ирската републиканска армија (ИРА) беше парамилитарна организација која се бореше за обединување на ирскиот остров. Беше организирана според класичното воено устројство и нејзините членови поминуваа воена обука за користење огнено оружје, експлозиви и борба гради в гради. За целите на своите акции главно бираше воени и политички мети. Нејзини жртви главно беа припадници на британските вооружени сили и политичари, додека цивилите ретко беа мети на нивните напади. Во својата историја ИРА доживеа неколку расцепи. Во текот на седумдесеттите години од минатиот век се формираше таканаречената привремена ИРА која ќе го прифати почетокот на дијалогот за примирје од 1986 година, додека другото, непомирливо крило, ја формираше постојаната ИРА. Во 1997 година е формирана таканаречената вистинска ИРА, станува збор за припадници на привремената ИРА кои не се сложија со потпишувањето на Белфастскиот договор.
21.03.2019
Извор: Nedeljnik