1004 hPa
72 %
14 °C
Скопје - Саб, 07.02.2026 15:00

Насилството на стадионите не е единственото, ама е најтипичното. Насилни се оние кои секоја недела во сега веќе ритуален ритам предизвикуваат инциденти и симулирани герилски војни, во кои преку лицата ставаат волнени капи со дупки за очите (бидејќи насилството е кукавичко), фрлаат димни бомби кои ја замаглуваат околината за потешко да бидат идентификувани, фрлаат камења кои паѓаат насекаде и од кои не можеш да се заштитиш, фрлаат петарди кои можат да повредат, а не само да заплашат, и запалливи бомби кои убиваат.
Притоа, политичките бои не играат никаква улога, бидејќи фудбалот, отсекогаш по малку лицемерно, се одредувал како „политички неутрален“. Токму таа неутралност ја отвора вратата за уживањето во ексцесите, претераната возбуденост, репетитивниот ритуал, празникот на колежот, општественоста на убиството, ортаклукот, планирањето на суровоста, исмејувањето на болката на жртвите, каде студената пресметливост неразделно се испреплетува со желбата за крв, а духовната здодевност со човечкото ѕверство.
Кога ритуалната суровост е крајот, сите исчезнуваат и само преку снимките од камерите идентификуваме по некој подмолен страшливец кој се крие во масата. Момците од стадионите не се чувствуваат виновни, едноставно бидејќи воопшто не знаат да ги оправдаат своите дела. Незнаењето и тапоста, кои се карактеристични за нив, во нивните очи претставуваат олеснителна околност. Менталната, вербалната и емотивната неписменост, со кои одговараат на прашањата на иследниците, според нив, се оправдани.
Тоа насилство е нихилистичко, бидејќи е апсурдно, а апсурдно е бидејќи не претставува средство за помош со кое би постигнале некаква цел. Тоа насилство е само ослободување на силата која насилниците не знаат како да ја употребат на друго место и не знаат каде да ја насочат, па затоа се пикаат во безимената маса, не помислувајќи и не сметајќи на последиците. Ако нема цел, насилството станува невтемелено и апсолутно. Но токму тогаш кога насилството се ослободува од секаква мисла и цел, значи, од секаква рационалност, станува чисто насилство и се претвора во чиста и безгранична нихилистичка суровост.
Поради досега благите казни како, на пример, забраната за влегување во стадионите, или поради преговарањата, изолираните случаи од почетокот постепено и во ритамот на ритуалот сè почесто се повторуваат. И бидејќи првиот насилен чин останал без посебни последици, откако била прекршена забраната, патот сега е слободен. Отсега сè е можно. Првиот чин го следи вториот, потоа третиот, и најпосле се случува секојпат кога има некој фудбалски натпревар. И така нихилистичкото насилство се ритуализира.
Се ритуализира во склад со механизмот што ни го објасни Фројд, кој вели дека латентното насилство во индивидуалното-несвесно во секој од нас станува манифестно во колективното-несвесно на масата, каде што тешко е да се утврди индивидуалната одговорност, а општата неказнивост станува пропусница за уште погнасни и немотивирани дела, бидејќи нихилистичкото насилство е самодоволно.
Значи, оргијата на суровоста се повторува во еднолична правилност, како што доаѓаат саботите и неделите од шампионатот. Во ритуалот највжештените навивачи делуваат рутински. И бидејќи рутината здосадува, злосторниците од стадионите, исто како и наркоманите, имаат потреба за посилна доза за да ја потиснат сè потешката досада.
Насилството на стадионите не ја познава креативноста и на фантазијата и’ остава мал простор. И бидејќи насилството се повторува и квалитативно е еднакво, единствената варијација може да биде само квантитативна, и затоа секоја наредна доза е сè поголема, а со неа се зголемува еуфоријата на неконтролираното пречекорување на самиот себе си, еуфоријата на неограничената сувереност и целосната ослободеност од моралната тежина и општествените алки.
И покрај ритуалноста, нихилистичкото насилство на момците од стадионите е поинакво од побуната или јавниот ред, кои имаат цел и се смируваат кога целта е постигната. Токму зашто нихилистичкото насилство нема цел, се одвива во здодевната безгрижност, избива без мотиви и интереси, и поради ефектот на ритуалноста нема потреба за никаква одлука. Живеејќи само за да се продолжи, нихилистичкото насилство го претвора варваризмот во нормалност.
Извор: pescanik.net
Текстов пука во празно. Без
Испратено на 18 октомври 2010 од БреТекстов пука во празно. Без да ги објасни причините за насилството.
Od sve ova samo slikava
Испратено на 21 октомври 2010 од stadionOd sve ova samo slikava izgleda fenomenalno, tekstot e totalno promasen. Samo se nafrla so nesto koe ni od blisku ne e toa sto se slucuva na stadionite vo Makedonija i niz svetot.