Хилде Аталанта – илустраторка што црта вулви

10.04.2019 11:44
Хилде Аталанта – илустраторка што црта вулви

 Не се сеќавам како точно „допливав“ до делата на Хилде Аталанта, тоа веројатно биле некои чудни патишта низ интернетот, но и понатаму ја паметам комбинацијата на восхит и неверување со кои реагирав на нејзините илустрации. Мојата реакција всушност беше комбинација на прашањето „каде беше сиот мој живот?“ и извикот „сакам на целиот свет да му кажам дека постоиш!“ Ова интервју е обид барем на еден мал дел од светот, кој тоа можеби сè уште не го знае, да му кажам дека постои.

Откако се запознав со нејзината работа многу брзо од неа нарачав цртеж на мојата сопствена вулва која таа ја нацрта според фотографијата што ѝ ја испратив. Иако тоа некому ќе му се причини прилично нарцисоидно, последните неколку месеци, така, меѓу останатите нешта кои ја красат мојата работна маса, се наоѓа и тој цртеж. Освен на мојата работна маса, тој заврши и на интернет, како дел од нејзиниот проект насловен The Vulva Gallery каде друштво му прават повеќе од двесте други цртежи на вулви во сите бои, облици и величини кои, баш како и јас, ги нарачале разни личности ширум светот.

Така, во галеријата се наоѓаат повеќе или помалку влакнести вулви, вулви со менструација, вулви со кожни болести, младежи, тампони, симетрични и асиметрични вулви, оперирани и неоперирани вулви... и таа манифестација на различностите е најфасцинантниот аспект на оваа галерија. Бидејќи различноста овде не е само една од современите флоскули кои брзо и лесно се исцрпуваат и издишуваат туку станува магично и прекрасно реализиран факт од нашата телесна реалност кој дотогаш во тој облик НИКОГАШ не сме имале прилика да го видиме.

Да се вратиме на почетокот. Со овој проект си почнала кога на едно предавање си чула застрашувачки податок за стрмоглавиот пораст на лабиопластијата (хируршки зафат кој се врши на срамните усни, најчесто за да се постигне нивен „поубав“ односно „поскладен“ изглед). Само во Англија бројот на операциите од 2001 до 2010 пораснал за пет пати. Дали тој факт те поттикна да понудиш поинаков, пореален поглед на женската анатомија?

Да, тоа предавање го слушав во рамки на факултетот, тогаш уште бев студентка по психологија и само неколку месеци се бавев со илустрација, повеќе како хоби. Во мигот која ја слушнав таа информација тоа страшно ме изненади и така започнав да размислувам за тоа: како е тоа можно, како дошло до тој ненадеен пораст, зошто младите личности се одлучуваат на така радикален зафат... Неколку месеци потоа, на шега, како роденденски подарок, ја направив својата прва илустрација на вулва. И, тогаш воопшто не размислував дека тоа тоа еден ден ќе стане проект каков што е денес. Меѓутоа, тогаш таа илустрација на роденденот поттикна многу разговори, всушност сите имаа некакво мислење за лабиопластијата, за разновидноста на половите органи, а јас сфатив дека тоа е тема за која инаку не се говори а луѓето всушност многу размислуваат за тоа. И ми олесна кога сфатив дека и за тоа може отворено да се разговара. И така неколку месеци подоцна сосем спонтано одлучив да направам Instagram профил за да ја покажам таа разноликост која инаку немаме прилика да ја видиме. Бидејќи мислам дека тоа е тема за која недоволно се говори во рамки на сексуалното образование (во земјите во кои такво нешто постои заб. на а.). Но, бидејќи сексуалното образование не е мое подрачје, заклучив дека илустрациите можат да бидат еднакво моќно средство за нешто такво, секако во комбинација со приказните.

Да, она по што оваа галерија е специфична е фактот што секој од цртежите е проследен со приказна. Некои од нив се напишани од личности кои сакале да станат дел од проектот, некои од нив ти ги имаш напишано. Она што на сите им е заеднично е стопроцентниот body positivity пристап кој се забележува во секоја реченица, без разлика на тоа дали темата е репродуктивно здравје, безбеден секс или пак анатомија. Вниманието со кое пристапуваш во комуникацијата и објавата на своите дела ми се чини клучна за твојата работа?

Мислам дека личните приказни се ужасно важно средство за афирмација и јакнење, мислам дека е многу важно да споделуваме приказни меѓусебно бидејќи така препознаваме дека не сме сами. Кога мојот проект би се состоел само од илустрации и некои општи информации неговата снага не би била ниту приближно иста како сега кога зад секоја од тие илустрации стои лична исповед на некоја вистинска личност. И затоа ми е неверојатно важно да имам личен контакт со секоја личност која ќе ми се јави. Затоа одговарам на сите пораки кои ги добивам преку Instagram. Тоа понекогаш може да преплави – да речеме, пред неколку недели објавив видео и добив повеќе од 400 директни пораки и одговорив на секоја од нив. Пријателите ми велат дека би требало да размислам за асистентка или приправник, но материјалот кој го добивам е така осетлив, приказните се многу лични и во нив често има многу бол, така што всушност и не сакам таа комуникација да ја препуштам на некој друг. Мислам дека е многу важно тоа да го правам јас бидејќи јас стојам зад тој проект, а освен тоа имам одредени познавања од психологијата и досега веќе имам собрано многу искуство во читање тешки приказни.

Освен уметничкиот аспект на овој проект, неговата образовна компонента веројатно е уште поважна. Разбивањето на незнаењето и табуата, не само околу изгледот туку и генерално околу сексуалноста е исклучително важен дел од овој проект. Твојата галерија така може да се разгледува како мал учебник за сексуалноста, а илустрациите од галеријата моментално се користат во средните учлишта во Мичиген и Берлин во склоп на предавања за сексуалноста. Какви планови за иднината имаш во таа смисла?

Всушност, таа соработка не ја иницирав јас туку тие средни училишта ме контактираа со прашањето дали може да користат некои од моите материјали во рамки на наставата, како проекции или материјали кои ги делат во текот на предавањата. Јас моментално соработувам со една холандска организација на развој на предавања за сексуалното здравје и дефинитивно би сакала моите илустрации повеќе да се користат во таа смисла. Мислам дека поради својата едноставност се совршени за нешто такво, не се провокативни ниту вулгарни, така што се пристапни и за младите генерации. Така што, се надевам дека во иднина ќе има уште такви соработки.

Вториот неизоставен аспект на твојата работа се однесува на инсистирањето на заобиколувањето на бинарната логика, што посебно се забележува во илустрациите во кои ги прикажуваш идентитетите низ призмата на нешто што се нарекува ambiguous androgyny. Освен тоа, во рамки на The Vulva Gallery никогаш не ги користиш термините „жена“ и „женски“ туку инсистираш на родово неутрална варијанта (vulva-owning individual). Зошто ти е тој пристап важен?

Со оглед на тоа што доаѓам од LGBTIQ+ заедницата, знам колку е важна инклузивноста и знам дека постојат многу личности кои имаат вулва но не се идентификуваат како жени, и мислам дека тие личности имаат исти права. Исто така знам и колку е супер кога не се чувствуваш исклучено туку вклучено, вклучително и во јазична смисла. Затоа би сакала секој кој има прилика да ја види мојата работа во некој момент во неа да се препознае и да помисли „Гледаш, јас слично изгледам, и јас сум нормален“, наместо да помисли „Гледаш, тука ме нема, значи јас сум чудна“. Инклузивноста би требало да биде нормална, но најчесто не е.

Во серијата M/Magnetic се бавиш со итимноста и ранливоста во геј порнографијата фокусирајќи се на лицата на актерите, поставувајќи розови правоаголници на местата на пенисите. Од каде таа потреба за друг агол на порнографијата?

Всушност, ме фасцинираше фактот што стрејт порнографијата секогаш ми се чинела многу нерамноправна, односот на силите на моќ таму е многу неурамнотежен и улогите се многу традиционални. Од друга страна, кога гледам мејнстрим лезбејска порнографија чувствувам дека доминантно ја создават за мажи, имам чувство како да се работи за некоја театарска претстава, сè е некако фејк, како тие девојки воопшто и да не се таму. Од трета страна, во геј порнографијата изгледа како актерите навистина да уживаат, се чувствува некој вид искрена заиграност и забава, и односот на моќта е многу порамноправен. Секако, сега генерализирам, тоа дефинитивно не е правило, но тоа тогаш силно ме фасцинираше и сакав да направам серија на таа тема. Иако денес ми се чини дека тие дела се премногу стилизирани, некако пресовршени, всушност сакав да ја прикажам нежноста која тука постои, таа еднаквост и мекост, а притоа да не бидам премногу експлицитна, затоа ги прекрив гениталиите, бидејќи се работи повеќе за интеракцијата и интимноста отколку за органите.

Освен твојата веб-страница, Instagram е важна, неизоставна платформа во твоето делување во јавниот простор. Неодамна за OUT престави неколку уметници и јавни личности чие делување го сметаш за важно, а чија работа главно ја следиш преку тие платформи. Социјалните мрежи често се критикувани поради гламуризација и површност, но проекти како твојот го покажуват и нивниот еманципаторски потенцијал. Зошто се одлучи токму за Instagram?

Она што ми се допаѓа кај Instagram е тоа што е многу интерактивен. Кога некој ќе дојде на мојата веб-страна јас всушност не знам за кого се работи, што таа личност мисли, тешко е да се допре до луѓето. Додека на Instagram е многу полесно да се оствари директен контакт, да се продре до целните групи, особено со користење на хаштагови, на пример, ако напишеш #feminism ili #queerart, знаеш дека твојата објава ќе дојде до луѓе кои се заинтересирани за тие теми. Освен тоа, тие ја имаат можноста веднаш да одговорат и да реагираат, и тоа ми е многу важна мотивација за работа. Затоа Instagram за мене беше многу логична платформа.

За крај, ме интересира дали и на кој начин те промени искуството кое го стекна како авторка на овој проект, како на тебе влијаеа сите тие вулви и сите тие приказни со кои се сретна?

Дефинитивно сето тоа многу ме промени. Секако, и претходно знаев дека спектарот на телесните различности е навистина широк и имав големо почитување кон интимните делови на телото, но никогаш немав размислувано за тоа богатство од лични приказни. А денес кога одам по улица размислувам за тоа како секоја личност која ја среќавам има некоја интересна приказна или однос спрема своите гениталии, можеби има многу отворен или многу тежок однос, но секоја личност е автентична, посебна на свој начин. Мислам дека тоа е всушност најголемото нешто што сум го стекнала, таа отвореност кон мноштвото начини на кои секој од нас чекори низ животот.

Текстот е објавен во склоп на тематот „Родова призма за порамноправно општество“ кој е кофинансиран со средства од Фондот за поттикнување на плурализмот и разновидноста на електронските медиуми.



Слики: Hilde Atalanta
Извор: www.voxfeminae.net

Слични содржини

Квир / Книжевност / Теорија
Квир / Живот / Култура / Теорија
Книжевност / Теорија / Историја
Книжевност / Теорија / Историја
Книжевност / Култура / Теорија

ОкоБоли главаВицФото