Резилот на Реисот

10.04.2019 12:08
Резилот на Реисот

Има еден висок исламски великодостојник во Македонија кој, почесто одошто би сакал да се сетам, со своето однесување, ми личел на ликот од франшизата на „Војна на ѕвездите“ Џаба д’Хат – ако го побарате, колку да знаете каква парабола ми се вртка низ главата, чичко Гугл инстантно ќе ви понуди најмалку 500.000 резултати за Jabba the Hutt. Во тој серијализиран сај-фај класик, Џаба – незаборавно претставен како еден ококоравен, тешко подвижен, огромен, подебел и од мене, хуманоиден соголен црв – е еден од бројните шефови на криминалните картели во далечната, фиктивна галаксија на Татуин.
Се работи за еден, на свој начин шармантен, залоен и малку распашан, злобно-духовит, интелигентен, беззаб и прилично алчен, тотален филмски негативец. Некој беше предложил на овој лик со карактер на декадентен Чеширски мачор да му се додели Оскар за најодбивен вонземјанин кога било смислен!

Сега, бидејќи во нашиот случај се работи за висок верски водач во нашата мултиетничка и мултиконфесионална Македонија, човек треба да биде многу внимателен во изборот на зборовите со кои ќе ги опише политичките, да не кажам политикантските вештини и инспирации на нашиов великодостоен Џаба, оти барем некои од верниците од исламската вероисповед, нашите драги сограѓани, можат да се најдат навредени доколку за нивниот прво-свештеник кажете нешто недолично, што може да ја унижи менталната содржина под неговата замотана чалма на главата.

Од друга страна, еднаш ли човек се засрамил од постапките или зборовите на некој друг, со кого може да ве поврзува само фактот што, сосема случајно, сте се родиле под исто небо, во ист комшилук, во иста етничка или верска заедница?

Бидејќи, не верувам дека има некој во Македонија, кој и да е, што нема да поцрвени од срам кога ќе чуе што, пред некој ден, говори нашиот најуважен муфтија, овој пречестит великодостојник, за своите сограѓани, нашите македонски маленкости, каурите: „Можете да видите со каква дива животиња народ живееме, затоа немаат идентитет и нема никогаш да имаат. Без разлика што ние сме сакале да им помогнеме. Не се помага на бесчувствителниот, не се освестуваат…“

И така натаму. Срам да те фати што мораш да го читаш и меѓу наводници!

Би можел невкусно да се пошегувам, па да кажам дека, кај нашиов Џаба, никогаш ништо не било за џабе! Но, вака да газиш, а да мислиш дека тресокот нема да се чуе, мора да си или многу, многу недоветен и зол, или да не си тоа, ама да испорачуваш некоја цена којашто некој треба јасно да ја дознае. Бидејќи сме среде избори, а учениов улема е долгогодишен експерт – некој би рекол и резултат – за дневна политика, човек да помисли дека невешто се пазари со своето влијание меѓу верниците за гласовите со кои тие располагаат?! Оти, токму пред изборите, тој јавно заподена со власта една кавга за спорови со имоти и авлии – ама може ли ваков гаф да се прави, недоличен ни за удбашки провокатори, заради некоја правно-имотна далавера?!

Туку, сега што да правиме?

Ќе беше најубаво да имаше некакво итно извинување, што и покрај доцнењето, нема да го дочекаме. Во нашава балканска галаксија, извинувањата, од сите происходи и деноминации, патуваат до адресите со должина на светлосни години. Нив ги има длабоко закопани само во убавината на светите книги, а во реалноста се штедат како да се само за зло-не-требало.

Затоа, без големо возбудување, најдобро е овој резил да го оставиме да си го носи само Реисот, нему лично да му тежи и да му служи на честа. Треба да има таму, Некој, повисоко, кој и за овие работи води сметка.

 Извор: Цивилмедиа

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото