Неработен петок

11.04.2019 00:46
Неработен петок

Кога во септември 2018 година, Френсис О’Грејди, генералната секретарка на британскиот Конгрес на работничките синдикати кажала дека четиридневната работна недела е амбицијата на синдикатите за 21 –от век, не можевме да претпоставиме дека таа идеја толку брзо ќе заживее.

Изгледа дека веќе е дојдено времето за тоа. Пред само неколку недели, британскиот министер за финансии во сенка, Џон Мекдонел објави дека Лабуристичката партија нарачала истражување за пократко работно време. Видовме дека и работодавачите се заинтересирани, некои од нив веќе преминаа на пократка работна недела, а некои како што е „Welcome Trust“ (фондација за биомедицински истражувања) сериозно ја разгледуваат оваа идеја.

Значи, зошто работничите синдикати се залагаат за пократко работно време и зошто ова барање има поволен прием? Од една страна, растечкиот потенцијал на технологијата го следи сериозна загриженост. Бројките од насловите на весниците постојано предупредуваат дека се можни затворања на работни места, а особено одекна истражувањето на оксфордските професори Озборн и Фреј, според кое дури 47 отсто од работните места во САД би можеле да бидат во ризик заради автоматизација. Меѓутоа, расте и свеста и за потенцијалите на поголемата продуктивност. Ако порасне продуктивноста, а Велика Британија моментално доживува длабока криза на производството, може да се разговара за прераспределба на користа од растот.

Традиционално, поголемата продуктивност им е од корист на работниците, меѓу останатото и преку намалувањето на работното време. Кога бил основан Конгресот на синдикатите во 1868 година, работната недела траела 62 часови. Сега таа бројка е речиси преполовена (вклучувајќи ги и оние што работат половина работно време) на околу 32 часови.

До оваа промена не дошло случајно: таа била резултат на синдикалната кампања. Роберт Овен, пионер на социјализмот кој во почетокот на 19-от век го популаризираше барањето за осумчасовно работно време, е автор на слоганот: осум часа работа, осум часа разонода, осум часа одмор.

Благодарение на кампањата на синдикатите биле донесени законите за фабриките, меѓу кои и оној од 1847 година, кој бил првиот пропис што јасно го ограничил работниот ден, иако на дури 10 часа; синдикалните барања не биле исполнети. Првомајските демонстрации во 1890 година на кои во лондонскиот Хајд парк излегле стотици илјади луѓе, биле насочени на осумчасовниот работен ден, врз основа на повикот на меѓународното синдикално движење за „големи меѓународни демонстрации“, кога во сите држави и во сите градови во ист ден „тудбеничките маси од државните власти ќе побараат законско ограничување на работниот ден на осум часови“.

По завршувањето на Првата светска војна, во 1919 година заседавала Меѓународната организација на трудот (MOR), а нејзината прва конвенција се однесувала на работното време. Преамбуалата децидно го усвојува „принципот на осумчасовен работен ден или работна недела од 48 часови“ (иако постоел и долг список на исклучоци во кој била и цела Индија).

Работничките синдикати со право се осврнуваат на историјата додека ги следат предвидувањата за можностите за генерирање на богатствата од роботиката и вештачката интелигенција. Консултантската фирма PWC проценува дека до 2030 година британскиот БДП ќе биде и до 10 отсто повисок благодарение на вештачката интелигенција, што е еквивалент на пораст на БДП од преку 20 милијарди фунти, или дополнителна куповна моќ од 2300 фунти годишно по домаќинство. Еден од начините на кој може да се изедначи распределбата на богатствата со работниците е скратувањето на работното време, како што видовме во минатиот век.

Меѓутоа, оваа дебата не е само одговор на автоматизацијата, туку и признание дека нејасните граници помеѓу работното и слободното време на работниците им предизвикуваат сè повеќе проблеми. Во Обединетото кралство тоа стана политичка тема низ примената на нултачасовен договор што сега се однесува на повеќе од 800 000 луѓе. Таквите договори не ја дефинираат фиксната сатница за работа па вработените се постојано на располагање на работодавачот: повеќе од половина работници доживеале за откажаната смена да бидат известени за помалку од еден ден.

Пристапот „секогаш на располагање“ сè повеќе се шири и на други работници. Истражувањето на Институтот за кадри и развој, во 2017 година, утврдило дека речиси третина од работниците мислат дека пристапот на работното место на далечина значи дека не смеат да се исклучат кога ќе заврши работното време. Работниците веќе вложуваат значителен број неплатени прекувремени часови; Конгресот на синдикатите проценува дека само во текот на минатата година во Велика Британија, неплатение прекувремени часови изнесувале 23 милијарди фунти.

Така, барањето за скратување на работната недела стана составен дел на дискусијата за она што MOR го нарече „временски суверенитет“. Нивниот извештај за иднината на трудот кој нивната работна група го објави во јануари, годинава, изнесува аргументи во прилог на „настојувањето да се примени максимално ограничување на работното време заедно со мерки за унапредување на продуктивноста како и минимум гарантирани часови, за да на работниците им се овозможи вистински избор на флексибилност и контрола врз работниот распоред“.

Работното време се најде на агендите на работничките синдикати затоа што промените можат да се воведат уште сега. Видовме како „IG Metall“, најголемиот синдикат на металски работници во Германија извојува право на 28-часовна работна недела за работниците во германската металска индустрија. Во Франција, синдикатите одиграа пресудна улога во освојувањето на „правото на работникот да се исклучи“ – тоа не нова обврска за компаниите со повеќе од 50 вработени која подразбира преговарање за употребата на дигиталната технологија за да се почитува правото на пауза, годишен одмор и приватен живот на работникот. Во Ирска, синдикатите го поттикнаа усвојувањето на забраната за нултачасовни договори. Во Британија видовме редица победи на поедини синдикати, како што е договорот кој Синдикатот на работници во комуникациите успеа да го преговара со поштата, според кој до 2022 година работната недела од 39 ќе се намали на 35 часови.

Стандардизацијата на петдневната работна недела не била случајна, туку била овозможена од постојаната кампања на синдикатите во име на потребата на работните луѓе за пристојна рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот. Во 21–от век, време е да се направи следниот чекор.

Слики: Banksy

Извор: Social Europe

 

Слични содржини

Општество / Живот / Теорија
Книжевност / Живот

ОкоБоли главаВицФото