На 14 април се организира „Жив ѕид пред рудникот на смртта“

11.04.2019 01:56
На 14 април се организира „Жив ѕид пред рудникот на смртта“

Иницијативата „Младите на Штука-Иловица против рудникот на смртта“ на 14 април (недела) од 12 часот кај браната над Иловица организира пикник, односно собир под името „Жив ѕид пред рудникот на смртта“.

„Предолго трае оваа борба против еко-геноцидната опасност за Струмичката Котлина. Предолго се толерира една странска компанија која го дестабилизира регионот, служејќи се со бескрупулозни манипулации. Предолго се одолговлекува конечното решение. Предолго се замижува пред ужасните последици кои ќе ги предизвика рудникот. Предолго се калкулира со нашите судбини. Доста беше. Овојпат нема да правиме Протестен марш или собир. Овојпат ќе се собереме на релаксирано, рекреативно пикник-дружење, во опуштена атмосфера, за да покажеме дека не сакаме ни да помислиме за можноста рудникот да се отвори. Токму таму каде што рудникот би создал отровна пустелија, ние ќе се собереме да уживаме во убавината на природата“, велат од иницијативата.

На прекрасната локација на Иловичкото езеро, всушност ќе прослават, бидејќи, велат тие, сопирањето на рудникот е само прашање на време. Потенцираат дека масовното присуство на пикникот ќе ја забрза конечната одлука.

„Тоа е клучната порака од овој собир – масовноста. Тоа ќе биде симболичниот ‘Жив Ѕид’, преку кој нема да може да помине никој и ништо. Тоа ќе биде порака дека, доколку е потребно, во иднина симболичниот Жив Ѕид ќе се претвори во Жив Бедем пред смртоносната опасност од рудникот. Нека мислат тие што треба да мислат. Ние немаме намера да се селиме од нашите домови, никогаш и под никакви услови. Ние ќе живееме овде како што живееле нашите претци со векови. Никој не може да помине преку ‘Живиот Ѕид’ на народната волја. Затоа, дојди. Биди дел од ‘Живиот Ѕид’. Дружи се со нас. Облечи маица со нашиот слоган. Кажи го твоето мислење на говорницата. Сакаме да те видиме и чуеме. Ти си ни важен/важна. Заради тебе е сето ова. И заради твоите деца. Биди со нас во отпорот. Заедно да го го зададеме последниот удар. Во недела, да завршиме со рудникот на смртта засекогаш. СТОП!“, се вели во повикот на „Младите на Штука-Иловица против рудникот на смртта“.

 

ОкоБоли главаВицФото