Женска солидарност за подобро утре на децата жртви на семејно насилство

13.04.2019 01:45
Женска солидарност за подобро утре на децата жртви на семејно насилство

Жени од бизнис секоторот, политичката сфера и од јавниот живот беа дел хуманитарната акција „Една слика - една можност“ што ХЕРА - Асоцијација за здравствена едукација и истражување ја организираше со цел да им се обезбеди помош и поддршка на децата и семејствата жртви на семејно насилство - корисници на услугите на Првиот семеен центар во Град Скопје.

Идејата да им се помогне на децата кои ја немаат среќата да растат во здрава и спокојна средина ја поддржа и Фондацијата Отворено општество - Македонија, а важноста на настанот ја препозна и тимот од ресторанот „Амбрела“, НЛБ Банка, хотелот „Порта“ и галеријата „Грал“, како и над педесет уметници од целата земја кои несебично ги донираа своите уметнички дела.

„Семејното насилство, уште познато и како домашно насилство, е најчестата форма на насилство врз жените, насекаде низ светот. Притоа, секојпат кога се случува, жртви се и децата. Ова од прва рака постојано ни се потврдува преку Првиот семеен центар во Град Скопје, каде што само минатата година работевме со стотина малолетни деца и средношколци чие секојдневие е обоено во боите на семејното насилство. Токму затоа неопходна е општествена одговорност, токму затоа радува вечерашната поддршка“, изјави Ива Михајловска, претседателка на ХЕРА во своето поздравно обраќање до присутните.

Првиот семеен центар на Град Скопје е отворен во 2013 година и оттогаш непрестајно работи како единствено специјализирано советувалиште во земјава за жртви и за сторители на семејно насилство, вклучително и за малолетни деца кои директни или индиректни жртви на насилство. Благодарение на поддршката од Град Скопје, Комерцијална банка и УН Вомен, Првиот семеен центар им обезбедува бесплатна и доверлива психо - социјална поддршка и советување на семејства во кои постојат конфликтни односи, во кои се случувало или постои ризик да се случи семејно насилство. Покрај индивидуално, групно и семејно советување со психотерапевти, Центарот нуди и советување за социјални права, упатување и придружба до соодветни институции и организации и правна помош.

Фотографии: Ариф Калгури

ОкоБоли главаВицФото