Колку е поголем нередот околу вас, поголем е и стресот

15.04.2019 00:44
Колку е поголем нередот околу вас, поголем е и стресот

Имате ли проблем со нередот?

Ако морате да раскревате предмети пред себе за да извршите некоја задача дома или во канцеларија, или ако се чувствувате затрупани во сите ваши „предмети“, тоа е јасен знаек дека преовладал хаосот. И тоа би можело да биде извор на стрес.

„Нередот е прекумерен број предмети кои ги поседуваме и го прават животниот простор хаотичен и неуреден“, вели д-р Џозеф Ферари, професор по психологија на Универзитетот Депол во Чикаго. Куќата во неред, велат научниците, е стресна куќа.

Професорот Ферари бил дел од истражувачки тим кој кај три групи луѓе ја испитувал поврзаноста на нередот и задоволството од животот: студенти, млади луѓе во дваесеттите и триесеттите години и постари луѓе во педесеттите.

Истражувачите ја проценувале наклонетоста кон прокрастинација така што испитаниците одговарале колку се согласни со одредени тврдења како, на пример, „Ги плаќам сметките на време“. Прокрастинацијата е во блиска врска со нередот, бидејќи сортирањето и фрлањето предмети е работа што многу луѓе ја избегнуваат. Средувањето важни документи или масата за ручек која е затрупана со книги бара време.

Истражувачите исто така се обиделе да го измерат нивото на општа благосостојба кај испитаниците за да утврдат во која мера нередот влијае на нивните животи.

Резултатите од ова истражување покажале врска помеѓу прокрастинацијата и нередот во сите старосни групи. Фрустрираноста од нередот расте со годините. Меѓу постарите испитаници, нередот исто така е поврзан со животното незадоволство.

Овие откритија ѝ одат во прилог на сѐ попопуларната теорија дека нередот може негативно да влијае на менталната состојба кај луѓето, а особено кај жените. Нередот исто така провоцира психолошки одговор што подразбира зголемено ниво на кортизол, хормон на стрес.

Едно истражување од 2010 година се занимавало со брачни двојки кои имале барем едно дете што оди на училиште, а и мажот и жената се вработени. Кај жените кои сметале дека куќата им е во неред утврдено е зголемено ниво на кортизол. Мажите главно сметале дека живеат во уреден простор, а кај нив било утврдено опаѓање на нивото на кортизолот во текот на денот.

Д-р Дерби Саксби, професорка по психологија на Универзитетот во Јужна Калифорнија и водечка авторка на истражувањето, истакнува дека жените кои ги опишале своите домови како неуредни, го почнуваат својот ден под стрес, а така и го завршуваат. Кај жените кои домашните работи ги извршуваат по завршувањето на работниот ден бил утврден дополнителен стрес. Исто така, зголемено ниво на кортизол било утврдено и кај мажите кои извршуваат повеќе домашни работи.

Професорката Саксби потоа се позанимавала со нивото на кортизол напладне и навечер, односно во време кога нивото на стрес би требало да опаѓа. Не биле сите деранжирани од чевлите кои биле оставени среде ходник или од поштата која се натрупала на масичката за кафе, но потврдено е дека жените повеќе од мажите ќе се жалат од нередот или заради фактот дека имаат многу незавршени работи и кај нив не било утврдено опаѓање на нивото на кортизол.

„Нередот е во окото на посматрачот“, вели Саксби.

Таа наведува дека долго важела стандардната претстава за тоа како би требало да функционира еден дом од средната класа.

Професорот Ферари истакнува дека нередот често е последица на „преголема поврзаност“ за личните предмети. Тој препорачува специфичен пристап за проблемот. „Доколку сакате да се ослободите од нередот, не допирајте го предметот. Не го отстранувајте“, вели тој. „Некој друг нека земе еден пар панталони и нека праша: ’Дали ова ти е потребно?’ Кога ќе го допрете предметот помалку е веројатно дека од него и ќе се ослободите.“

Друга варијанта е свесно да работите на тоа да собирате помалку предмети. Дерби Саксби исто така предлага прво да размислиме дали навистина ни е потребен одреден предмет и далитоа ќе придонесе за чувство на дисфункционалност во домот.

Илустрации: Tyler Schmeling

Извор: New York Times/International Report

ОкоБоли главаВицФото