Повик за учество на работилници за уметност

15.04.2019 13:19
Повик за учество на работилници за уметност

ПРКОС центарот за попреченост објави повик за учество на работилници за уметност:

„ПРКОС со радост ве повикува да земете активно учество на нашите поинакви пролетни арт обуки. Затоа што пролетта значи будење, поттик, импулс, акција, волја, а уметноста креира, стимулира и инспирира. Затоа што кај нас е особено тешко лицата со попреченост да најдат можност да стекнат теоретски и практични знаења со чие посредство ќе ги развијат своите творечки вештини. И затоа што на овој начин и ќе се социјализираат, и ќе ја добијат толку потребната само-доверба (а, можеби и работа?) со која полесно ќе се позиционираат во општеството“, се вели во повикот.

Работилниците ќе ги води Касиопеја Наумовска – наша реномирана сликарка, магистер по студии на култура и професорка по уметност. Програмата за креативна ликовна обука содржи творење со богатство на идеи, флуентност за авторска работа и вклученост во групни проекти. Осмислена е да ги пресретне афинитетите, потребите и желбите на учесниците. На наставата ќе доаѓа до израз самостојната работа и истражувачките активности. Преку овој вид обука ќе може да се стекнат знаења за основните ликовни елементи: линија – каква може да биде? Што може да се нацрта со помош на линија? По што би можело да се препознае делото на еден уметник?

Очекувани резултати се: оспособување да се интегрираат влијанијата на историските и современите ликовни трендови, запознавање на карактеристиките на дво и тро димензионалноста во формите, основи на перспектива, претставување на разни форми во координатен систем, цртање форми во перспектива, објаснување на изразните средства за реализација на делото, анализирање на ликовните елементи, продлабочување на естетската култура, развивање на чувство за убавото, и следствено, формирање креативна личност со дефинирани ликовно-естетски критериуми.

Петте работилниците на број ќе се одржуваат на терасата на Green House кафетеријата (на Илинденска 94), во недела од 11 до 12 часот. Првата почнува на 5 мај, а учеството е бесплатно и без никаквии ограничувања. Пријавувањето е на info@prkos.mk до крајот на месецот. Сите сте добредојдени, и слични и различни!

 

ОкоБоли главаВицФото