Промоција „Костадин Танчев-Динка - Од слика и графика до нови медиуми“

16.04.2019 02:45
Промоција „Костадин Танчев-Динка - Од слика и графика  до нови медиуми“

На 17 април 2019 година (среда) , со почеток во 12 часот, во Даут пашин амам ќе биде одржана промоција на монографското издание посветено на творештвото на Костадин Танчев - Динка.

Изданието под наслов „Костадин Танчев-Динка - Од слика и графика до нови медиуми“ содржи повеќе текстови од следните автори: проф. д-р Владимир Величковски (авторски текст за творештвото на Костадин Танчев - Динка), проф. д-р Тони Васиќ (текст за најновиот проект - Интегрални графики насловени „Време и игри“), проф. Лазе Трипков (текст за творештвото на Динка кое се однесува на графичкиот дизајн и дизајнот на плакатот), како и веќе објавени текстови од проф. д-р Кирил Темков (со текст за соработката со издавачката куќа Метафорум-Епоха и дизјанот на книгите, како и два текста за творештвото на Динка) и Конча Пирковска (текст за сликарскиот опус на Динка за изложбата на слики „Траги и Ехо“).

Книгата која е издадена на македонски и на англиски јазик од страна на Националната галерија, опфаќа 240 илустрации, отпечатена е во колор на 304 страници. На промоцијата ќе говорат проф. д-р Владимир Величковски, проф. д-р Кирил Темков, и проф. Лазе Трипков.

Професорот Костадин Танчев Динка во текот на својот повеќедецениски плоден работен и творечки век остави значаен белег во развојот на македонската уметничка сцена, и како ликовен автор и како ликовен дизајнер. На полето на применетата графика многумина го сметаат за водечки мајстор иноватор во наставата по дизајн, бележит сценограф, врвен изработувач на плакати и дизајнер на публикации.

Водејќи се од значајната улога која Костадин Танчев Динка ја одигра на македонската современа ликовна сцена и неговото значење во контекст на афирмацијата на новите ликовни тендеции во македонската современа ликовна уметност, пред сè во делот на ликовниот дизајн и применетата уметност, монографското издание има за цел да направи пресек на неговото ликовно творештво и на овој начин да актуелизира одредени појави и тенденции од историски, проблемски, тематски, стилски, но и тековни толкувања на модерната и на современата светска и македонска ликовна уметност.

 

ОкоБоли главаВицФото