Повеќе свет

16.04.2019 03:26
Повеќе свет

„Мораме одново да се прашаме што сака светот од нас и што сакаме ние од него, насекаде, во секаква смисла, urbi et orbi, низ целиот свет и за целиот свет, без капиталот на светот, туку со богатството од светот". (Жан-Лук Нанси)

Можностите за избегнување на комплексноста на глобализацијата се сеприсутни. Тие се особено видливи во слаби, авторитарни или демократии во криза. Она коешто се нарекува глобализациски ескапизам станува сè попопуларно, додека државата како самодоволна и затворена капсула се стилизира како имагинарно засолниште. Зголемувањето на националистичкиот десничарски популизам во глобалната јавна сфера дополнително го влошува овој опасен ескапизам. Иако ова се чини прилично очигледно, последиците се помалку забележливи и затоа бараат повеќе внимание.

Ескапистичката тенденција, која, според Хана Арент, може да се нарече "Weltentfremdung" (отуѓување од светот), го намалува пристапот кон светот. Односно, она коешто се намалува за сите нас е пристапот до светот онаков каков што е, но и пристапот до светот онаков како што може да биде. Оваа позиција особено влијае врз маргинализираните, невидливите и нелегализираните чинители. Но, и привилегираните се исто така погодени: личности со неограничен правен статус, со пристап до високообразовниот систем, работни места со социјално осигурување, итн.

Овој развој ја прави ескапистичката фантазија неиздржлива и ние сме должни да развиеме ново чувство за реалноста и нова љубов кон светот. Оттука се покренува прашањето, до кој степен државата воопшто може да функционира како засолниште. Кој и да го постави ова прашање треба најпрво да се соочи и да ја афирмира комплексноста на глобализацијата, потоа да најде начин да не ја гледа како закана, бидејќи тоа предизвикува параноични одбранбени механизми кои имаат катастрофални последици. Наместо тоа, на комплексностите кои стануваат сè позабележителни во текот на глобализацијата треба да гледаме како на предизвици кои треба да се решаваат кооперативно и заеднички од сите нас- привилегирани, но и обесправени. Проектот ПОВЕЌЕ СВЕТ предлага дека сите овие предизвици не може да се надминат само преку националната држава, но ниту пак дека таа може да се заобиколи. Туку, на предизвиците треба да им се пристапи со комбинирање на заедничките, државните и глобалните структури.

Проектот "ПОВЕЌЕ СВЕТ" предлага да се започне на микро ниво, ниво кое ги истражува заедничките практики и алатки, потенцијално корисни за повеќеслојната интеракција на заедничките, државните и глобалните структури. За таа цел, проектот ќе се фокусира на комплексности кои се резултат од глобализацијата како и нејзините продукти, на пример климатските промени, миграцијата и дигитализацијата, кои Berliner Gazette (БГ) има намера да ги искористи како пример и поврзе еден со друг како меѓусебно поврзани планетарни предизвици.

Со таа цел, БГ во својата јубилејна 20-та година повикува на истражување на комплексноста која популизмите во моментов се обидуваат да ја игнорираат на особено груб начин. Најпрво, фактот што државата не е пропустлива за прекуграничните движења, туку секогаш се обидува да ги направи продуктивни со цел да го осигура своето континуирано постоење. Второ, фактот дека нашите општества отсекогаш биле побогати, што значи повеќе разновидни и похетерогени, од било кое доминантно убедување кое општествениот живот може да го проектира.

Со други зборови, Ние било отсекогаш побогато од хомогенизираната слика на "општеството" – коешто денес се врти кон крајности како продукт на десничарскиот популизам. Оттука и предизвикот да го направиме ова потиснато богатство на општествениот свет видливо, особено сите оние други начини на живеење и работење заедно на комунално ниво, кои создаваат алатки за планетарни предизвици произлегувајќи од процесот на обликување во светот наречен глобализација.

Климатски промени, миграција, дигитализација

Денес, климатските промени се еден од најголемите планетарни предизвици. Се чини дека тоа е нешто коешто нè опкружува, обвива и вклучува, но е премногу големо за да може да се види и да се разбере во целост. Иако се чини дека климатските промени се неопипливи, истовремено никаде и насекаде, тие се всушност поврзани со сè и секого, а не само со миграцијата и дигитализацијата. Милиони луѓе кои ги напуштаат своите домови на Глобалниот Југ се сè почесто во бегство поради климатските промени и несреќите поврзани со нив. Истражувањата, исто така, обезбедија првичен увид во тоа како глобалното затоплување може да влијае на вооружените конфликти. Значи, се зголемува бројот на масовни движења на мигранти и бегалци коишто ги напуштаат своите уништени домови и уништени животни светови, и поради војни коишто избувнуваат предизвикани од климатските промени- како на пример сирискиот конфликт. За ова може многу повеќе да се зборува. И ние мора да се подготвиме за понатамошните преплетувања. Исто така, треба да обрнеме внимание на понатамошните меѓузависности, кои стануваат сè посложени и подинамични, на пример, во пресрет на дигитализацијата.

Дигитализацијата е тековен процес во целиот свет, вклучувајќи го и проширувањето на cloud инфраструктурата: инсталирање на оптички кабли, поставување на центри за податоци, серверски фарми итн. Оваа инфраструктура има геополитичка димензија којашто ретко се дискутира, а се материјализира себеси на граничните премини, во донесувањето одлуки за имиграција или напади со беспилотни летала, и исто така е поврзана со глобалното затоплување. Политичката географија на cloud инфраструктурата го надминува суверенитетот на националните држави и очигледно, ја суспендира нивната одговорност за влијанието на cloud инфраструктурата врз глобалното затоплување. Во меѓувреме, зголемените температури се стресни за cloud инфраструктурата, додека постојаното зголемување на "cloud активностите" доведува до повисоки температури преку зголемувањето на топлината на серверските фарми, итн.

Во средиштето на оваа инфраструктурна криза на животната средина, се создаваат нови политички простори, кадешто граѓанските и човековите права се заматени и се чини прекршени. Најмногу погодени од ова се оние коишто сакаат да го искористат своето право на слобода на движење. Така, миграцијата станува "ризична игра" во која пазарите и државите коишто сакаат да имаат корист од "мобилната работна сила" го префрлаат ризикот исклучиво на оние кои се меѓу најранливите во оваа „игра": бегалци, баратели на азил, лица без државјанство и без документи, итн.

Кои би биле начините за отежнување на очигледната „леснотија“ на cloud инфраструктурата која ги забрзува климатските промени и им пресудува на животите на луѓето? Како може cloud инфраструктурата да биде присвоена од постоечките мрежи на солидарност? Како може cloud инфраструктурата да биде поткопана и заменета со алтернативни заеднички структури коишто можат да ги поддржат ранливите луѓе во движење? Какви заеднички практики и алатки се корисни за интеракцијата помеѓу заедничките, државните и глобалните пристапи кон предизвиците со кои се соочува планетата?

Ова се далекусежни прашања, но од некаде треба да започнеме. Ако сакаме да ја запознаеме комплексноста на глобализацијата на висина на нејзиниот сегашен развој, прво мора да признаеме дека климатските промени, миграцијата и дигитализацијата се меѓусебно поврзани геополитички комплекси кои можат соодветно да се управуваат само преку интеракција на заеднички, државни и глобални организациски структури. Но, ова е полесно да се каже, отколку да се направи. На крајот на краиштата, отуѓувањето расте. Во меѓувреме, пристапот до светот се намалува.

Со други зборови, да повториме, не исчезнуваат само пристапите кон светот онаков каков што е, туку и кон светот онаков каков што што може да биде. Ова намалување на светот има две меѓусебно поврзани димензии. Прво, сложените проблеми како што се климатските промени се потиснуваат. Второ, разновидноста на социјалното, којашто исто така се создава во текот на миграцијата, се поедноставува. Сè би требало да стане јасно и лесно управливо - дали ова може да води кон добро? Тоа е многу сомнително. На крајот на краиштата, проблематичните комплексности се предизвикани од различноста на општеството и обратно. Следствено, сложените проблеми не можат да се надминат без потенцијалот на социјалната разновидност. Затоа, од витално значење е да создадеме нови пристапи кон Ние, што секогаш значи и создавање нови пристапи кон светот - и обратно.

Деструктивниот лажен фронт на десничарскиот популизам

Денес, не можеме a да не ја забележиме штетата предизвикана од популизмот врз било кој еманципаторски напор. Но, тука секако не треба да застанеме. Агендата на популизмот не треба да го проголта нашето внимание и енергија. Покрај сè, потребна ни’ е сила за нашата сопствена агенда. Но прво да позборуваме за популизмот.

Денес, најдоминантна форма на популизам е националистичкиот десничарски популизам. Тој брзо се шири во земји како Унгарија, Индија, САД, Турција, Јапонија, Бразил и Германија. Онаму кадешто наоѓа приврзаници, тој ветува едноставни решенија за сложени проблеми. Оваа измамничка формула за успех создава привид на хомогена и авторитарна национална држава како засолниште, игнорирајќи го фактот дека националната држава со векови е катализатор за проширување на транснационалните мрежи и сообраќајни текови. На тој начин, се занемарува и фактот дека националната држава одсекогаш играла одлучувачка улога во глобализацијата, или со други зборови, десничарскиот популизам го прикрива фактот дека национланата држава суштински придонесува кон создавањето на планетарни проблеми, а преку изразувањето на фантазмот за нацијата, дури е и одговорна за некои од најстрашните злосторства во човечката историја, на пример, колонизацијата.

Со маскирањето на одговорноста на државата во создавање услови за глобализација, националистичките десничарски популисти истовремено го потиснуваат фактот дека државата ги произведува токму оние комплексности и проблеми кои тие сакаат да ги скријат од внатрешноста на државата. Па така денес, десничарските националистички популисти системски ја потиснуваат оваа непомирлива противречност. И како што нивната погрешна пропаганда се шири понатаму, потиснатото се ослободува во сè позагрозувачките енергии. Ова може да го забележиме на пример, во прогонувањето на „другите" од општеството, отфрлањето на „нехомогените сојузи" и конечно, самоуништувањето на општествата, како што е во случајот со Брегзит. Во овој контекст постои ризик регресијата да премине во фашизам, што може да се насети во порастот на јавните дебати на оваа тема, на пример оние под наслов "неофашизам". Франкфуртската школа сугерира: “фашизмот е поттикнат од еден вид недостаток на храброст”. Најпрво, недостатокот на храброст на сите оние коишто им се придружуваат на фашистите заради стравот од фашистите, но пред сè, недостаток на храброст на сите оние коишто се плашат да се соочат со богатствата на светот, во сите негови преплетувања и комплексности.

На почетокот на оваа тенденција стои бегството: десничарско популистичкото одрекување од глобалните меѓузависности и транснационални обврски, т.е. од комплексноста на економската и еколошката, технолошката и културната глобализација. Во стеснувањето на пристапот кон светот, ескапистичкото откажување се санкционира од разновидни форми на ирационалност, кои се легитимизираат од националистичката десничарска афективна политика. Она што особено ја открива оваа тенденција, е дека не е доволно да се подведеме кон резонирањето на оние коишто се веќе очигледно полудени. На крајот, ескапистичкото одрекување на планетарните меѓузависности оди рака под рака со заживувањето на прото-фашистичката идеја за белата надмоќност (на пр. Трамп, Орбан, Гауланд), а со тоа и ревитализација на идејата за рационалност која - родена во Европскиот-Просветелски-Колонизациски комплекс - во крајна линија претставува, па дури и ја наметнува надмоќта на белците.

Стеснувањето на светот и отуѓувањето од истиот се форми на бегство коишто се манифестираат како екстаза на ирационалноста, или поточно, како вишок на резонирање коешто е симбол на белата надмоќ. Она што денес ја прогонува јавната сфера како дезинхибирана огорченост е често пример за двете: екстаза на ирационалност и вишок на резонирање претпоставен од идејата за белата надмоќ. Овие процеси витализираат националистички десничарски афективни политики, и истовремено ги дискредитираат останатите социјални движења на афект, на пример, искористувајќи го во јавна дебата случајот на индигнадосите во Јужна Европа. Дискредитацијата на ваквата револуционерна политика на афекти е проблематична од повеќе причини, меѓу кои: општата јавност не може да ги разликува растечките националистички и револуционерни политики на афекти, при што се чини дека револуционерната политика на афект е ограбена од нивното тврдење дека се историски исправни и вистинити. На овој начин, се создава парадоксална ситуација: Денес, подемот на националистичкиот десничарски популизам создава услови во коишто се делегитимизира поширокиот спектар на револуционерната политика, додека "ирационалната" агенда и делата на националистите и екстремната десница делуваат легитимно и рационално.

Во ваква политичка клима јавната сфера е строго ограничена, катализирајќи го далекусежното стеснување на светот (тоа е секогаш и стеснување на Ние) и придонесувајќи за затворање на јавниот дискурс за опозиција, за несогласување и пред сè за најголемата можна плуралност на придонес во дискурсот; вториот, исто така, би вклучувал маргинализирани, невидливи и незаконски актери, за кои дискурзивните отвори генерално имаат тенденција да бидат помалку сигурни отколку за другите.

Непрекинатото создавање отворена јавна сфера - отворена за несогласување и за најголем можен плурализам на придонеси - отсекогаш била витална основа на која било демократија; сепак неверојатно, во овој историски момент, во Европа, во САД и пошироко, има потреба од енормна колективна храброст за да се создаде основен демократски ангажман и да живее богатството на Ние, онакво какво што е, и онакво какво што може да биде. На тој начин, ние сме предизвикани да истражиме како оваа храброст може да се манифестира продуктивно.

Никому не му е потребен блокиран пристап до светот!

Додека истражуваме и пребаруваме, неопходно е критички да се забележи дека "храброста кон демократијата" и "храброста кон Ние" често се ограничени на самоодбрана на привилегираните - оние "во центарот на општеството", оние што го составуваат "мнозинството од општеството": лица со неограничен правен статус, пристап до системот на високото образование, работни места кои подлежат на придонеси за социјално осигурување итн. Нивната самоодбрана е мошне проблематична и воопшто не изненадува, затоа што е во линија со прото-фашистичките тенденции негувани од десничарскиот популизам.

На пример, привилегираните тврдат, не без добра причина, дека "националистите се закана за достигнувањата на либералната демократија". Сепак, тие не го поставуваат прашањето кој останал и останува исклучен од тие "достигнувања". Наместо тоа, како главна мерка на заканата се земаат оние коишто имале корист од овие достигнувања и коишто се чини дека сега помалку профитираат во однос на слободата, безбедноста, влијанието, статусот итн. Останувајќи фокусирани на сопствената сигурност – којашто често се огледува во нивната незаинтересирана фиксација на националистите - привилегираните во крајна линија ја поддржуваат моменталната доминантната тенденција нормализирана од националистичкиот десничарски популизам за санкционирање на сите несигурни случувања исклучиво за себе, наместо за другите.

Ова особено има сериозни последици, бидејќи вистинската закана за намалување на дискурзивно-политичките пристапи кон светот не се однесува толку на привилегираните, колку на оние кои се навистина ранливи: маргинализирани, невидливи и незаконски актери, вклучувајќи лица без државјанство или луѓе со различна боја на кожата, како што нè потсетува бегалката Џенифер Камау.

Затоа: Ако сега побараме ПОВЕЌЕ СВЕТ, тогаш го правиме тоа за и со оние кои - според националистичката десничарска популистичка пропаганда - наводно, не се наша грижа; треба да се игнорирани, исклучени или дури убиени. Но, ние исто така го бараме ова за и со привилегираните. Ним им е исто така потребен поголем пристап до светот онаков каков што е и онаков каков што може да биде. Бидејќи - и ова е суштината на проблемот - само ако сите заедно создадеме и користиме повеќе пристапи кон светот можеме конструктивно да ги исполниме планетарните предизвици.

Проширување на Ние

Денес, ние сме предизвикани да го смениме трендот кон стеснување на светот. Треба да создадеме услови за повеќе свет, којшто во однос на Хегеловата "позитивната бесконечност" секогаш треба да значи "постојано повеќе свет". Со други зборови, ние треба да создадеме услови за бесконечно повеќе од богатствата од социјалниот свет, кој бил насилно потиснат или се борел против белата надмоќ и белата машка рационалност. На тој начин треба да овозможиме и да го поддржиме препознавањето на другите начини на размислување, живеење и работење заедно, како и другите политики на афекти кои се практикуваат секојдневно, во сенката на хегемонистички дискурси на заедничкото на микро ниво.

Згора на сè, треба да ја поддржиме видливоста на оние актери кои на заедничко ниво пристапуваат кон глобализацијата како одговорни современици преку признавање и справување со глобалните динамики, без притоа да се декларираат како модели на политички актери. Впрочем, ова се чинители кои се издигаат до нивниот статус на чинители од внатрешноста на глобалната динамика во оние мрежи и движења кои го држат нашето општество сплотено во време на тензии и конфликти, и кои, во текот на овие случувања, критички го анализираат и моделираат справувањето со овие комплекси како интеракција на заеднички, национални и транснационални пристапи. Сето ова исто така значи и поддршка на видливоста на практиките кои ги распоредуваат заедничките структури, и ги поврзуваат со државните и интернационалните структури за справување со глобалните предизвици.

Еден важен извор за овој напор е „The Hawthorn Archive. Letters from the Utopian Margins" на Авери Ф. Гордон. Ова импресивно калеидоскопско и транс-жанровско дело се базира на истражувања коишто Гордон ги започнала во 1990-тите години за утописките традиции кои биле систематски исклучени од западниот канон. Организирано во форма на архива на вистински и измислени искуства на поинакво живеење и работење, книгата на Гордон прави широк спектар на "потчинетото знаење" (Фуко) видливи и достапни за присвојување. “The Hawthorn Archive” ги открива запоставените утописки традиции коишто не се однесуваат толку на некое далечно место во иднината коешто допрва ќе треба да се изгради според идеалите на луѓето, туку повеќе на живеењето и работењето поинаку овде и сега. Во воој случај, борците за Commons во 17-от век во Англија, стануваат главна референтна точка за голем број други движења, вклучувајќи ги и оние коишто се борат за укинување на трговијата со робови и ропството во Америка, но и оние коишто се борат за деколонизација на Глобалниот југ.

Познато е дека овие борби сè уште траат. Правејќи ја оваа историја достапна преку документирање, не како сведоци, туку како гласови, овозможува да се постават современите борби во поширок контекст и да се разбере како да се детектираат во сегашноста. Впрочем, многу од современите практики на поинакво живеење и работење на заедничко ниво едноставно се случуваат, отколку што се декларираат и евидентираат како експлицитно политички, или пак утописки проекти. На тој начин, овие недекларирани акти може и да се занемарат кога се обидуваме да го разбереме светот колективно како целина, особено кога станува збор за глобализацијата. Па така, богатството на заедничките практики останува закопано во "утописките маргини", како што наведува Гордон.

Навраќање кон прашањето на Commons (заедничкото)

При испитувањето на потенцијалното богатство на заедничкото во сегашната политичка клима, неопходно е да се погледнат одблизу 1990-тите, односно официјалниот почеток на новото поглавје на глобализацијата. Споредувајќи го сегашниот момент со 1990-тите, можеме да се запрашаме што е во основата на континуитетот: повторувањето или разликата. Едно е извесно: општествените движења коишто се појавија во тоа време беа предизвикани, на ист начин како што сме денес и ние предизвикани, да се позиционираат себе си на повеќе различни фронтови истовремено и по пат да развиваат нови сојузи. На пример, тие мораа да се позиционираат на двоен антагонистички начин – кон еуфоријата од глобализација (во однос на глобалниот триумф на слободниот пазар и либералната демократија) и кон фобијата од глобализацијата (на пример, подемот на меѓународниот десничарски популизам или расистички мотивираните напади врз центрите за азил во Германија).

Бидејќи движењата од 1990-тите култивираа критичка дистанца од тенденцијата на "ирационалните" реакции кон глобализацијата, оваа критичка дистанца овозможи аналитичка јасност којашто може да биде од витално значење во однос на "лажната јасност" поттикната од моментално "ирационалната" заргеана десничарска популистичка клима. Во овој случај, на критичките движења од 1990-тите би можеле да им пристапиме како на закопани кутии со алатки кои треба да се откопаат во овој историски момент. Од нив може да се разгледа начинот на којшто се реализираа клучни политички практики, кои пред сѐ овозможуваат заживување на практиките на Commons: локалната самоуправа на ресурсите и средствата за живот, кои сè повеќе се уништуваат или приватизираат во текот на неолибералната глобализација, којашто започна нова фаза на затварање.

Со отворањето на прашањето за Commons, започна и култивацијата на начини на живеење и работење на заедничко ниво, коишто беа истовремено локални и глобални. Ова не треба воопшто да нè зачудува, затоа што овие движења се развиваа во времето на раната интернет-ера. Инспирирани од формите на колективна имагинација и транс-гранична соработка, нивните акции беа поттикнати од нешто што активистката и научник Ангела Дејвис го нарекува „хипер-емпатија" - емпатија која овозможува солидарност надвор од границите на националната држава.

Во оваа период се формираат и првите сојузи помеѓу Глобалниот Север и Глобалниот Југ и меѓу Западот и Истокот, и меѓу различни движења, како на пример Запатизмот, Никој не е нелегален или Афрофутуризмот; или пак во сајбер просторот, како на пример интернет активизам или сајбер-феминизам. Во секој случај, овие обиди отворија поле за размена и тестирање на различни општествени практики помеѓу општинските, државните и глобалните структури. Особено блескав пример за овој тип на соработка се Запатистите. Со цел заеднички да го организираат живеалиштето, Запатистите прогласија регионална автономија, повикаа на владеењето на правото и развија меѓународни солидарни мрежи - сето тоа во сенката на и во отпорот кон предаторските дела на приватниот капитал и владините глобални играчи.

Воздржувајќи се од носталгична идеализација, овие пристапи може да се спасат од сенките на утописките маргини, така што на ова потчинето знаење за заедничките практики ќе му се даде видливост, и истовремено ќе се искористи за отворање на дискусија околу денешната состојба: Како движењата од деведесеттите години го моделираа заедничкото и поопшто речено, Ние во однос на државата и глобалните структури? Што можеме да научиме од овие движења за надминување на денешните (планетарни) предизвици во пресрет на климатските промени, миграцијата и дигитализацијата? Што можеме ние - привилегираните и обесправени - да научиме од нивните неуспеси?

КАКО ДА СЕ ВКЛУЧИТЕ: Дознајте повеќе за тоа како да се приклучите на иницијативата по повод 20-годишнината на Berliner Gazette за заеднички алатки за планетарни предизвици на оваа веб страница.

Илустрации: Banksy

Превод: Тијана Спасовска

Извор: Breliner Gazzete