Апокалиптичната величественост на Вергина

16.04.2019 23:38
Апокалиптичната величественост на Вергина

За романот „Вергина“(1) од Јана Узунова

Пред малку повеќе од две недели, при крајот на март, во Менада се случи промоцијата на „Вергина“ од Јана Узунова, книжевник, музичар, страстен колекционер на фотографски изданија. Првиот роман на Узунова е приказна за Тина Ковак, кондуктерка, авторка која се обидува да го најде својот глас, колекционерка на стари предмети, која живее во еден полупропаднат, застоен, но опасно шармантен град – Вергина.

Комплексно раскажан, исполнет со книжевни и уметнички референци, „Вергина“ истовремено е суптилен наратив кој постојано осцилира меѓу крајностите кои ги прикажува: душевната затапеност и боемскиот ентузијазам; зависноста од Вергина и целосната омраза за она што овој град го претствува; дистанцираноста и соживеаноста; но не запаѓа целосно во ниедна од нив.

Внатрешниот немир, амбивалентната позиција на Тина, битката со идентитетот која ја обележува нејзината невклопепност во средината на која само како половично да и припаѓа (“јас и самата бев во елузивна врска со сопствениот идентитет“, ќе каже Тина, 47), се одразуваат и низ нејзините односи со оние околу неа. Овие ликови, кои постојат на работ на она што е дозволено и прифатено, се одраз на реалноста во која живее Тина, но воедно и ја кристализираат неа како лик. Од ексцентричноста на мадам Бовари, која поседува една антикварница со истото име; до Куки, кој симболично се провејува низ текстот, во едно полуприсуство кое совршено ја прикажува неговата идентитеска не-припадност во Вергинските простори; и Робсон, кој трага по некое минато што не може да го досегне – сите овие придружници на Тина постојат на работ на егзистенцијата во град кој како да ти отсликува нивните идентитетски борби.

Узунова пишува детално, но поетски детално, речиси пластично, визуелно. Кога ја читате, како да ги гледате боите, чувствувате формите околу вас: „Излегов на балконот и запалив цигара. Во дворот беа никнале нови дрвца, а водата во езерото како да беше надошла сè до шетачката патека. Планините изгледаа надвиснати со грбовите над езерото како китови, а водата се издолжуваше во пространство што беше уредно врамено со селца, брекчиња и песочни плажи. Во воздухот можеше да се сети онаа позната миризба на алги, песок и школки што секогаш потсетуваше на лето. Вдишав длабоко и се успокоив. Ужасно ќе ми годеа денови поминати во сонце, исконско зеленило и свеж воздух“ (89). Резултатот е еден лесно читлив, но игрив наратив, кој се чини достапен и разбирлив, но секое ново препрочитување открива затскриени димензии.

Узунова следи прилично класичен наративен тек. Бавен вовед кој постепено ве воведува во приказната, која потоа се развива низ неколку „шекспировски“ фази: заплетот кој го претставува Маракеш, срцето на Вергина во сета своја забранета раскош; своведвидната кулуминација на овој наратив кој се состои од една полууспешна љубовна приказна; по кое следи неизбежната (трагична) перипетија – која ја мотивира Тина да го преиспита својот живот во Вергина. Но Узунова го прави свој овој наративен распоред, воведувајќи целини кои го „очудуваат“ текот кој го очекуваме. Меѓу овие се и приказните за Куки, геј ликот кој најмалку, но и најтрагично, се вклопува во Вергина, како и за Живка која преживува во сенката на сите своие неостварени животи. Овие две микро-нарации не само што нудат покомплексна слика за Тина, туку функционираат како наративен вакуум, кој го сопира текот на дејството и го води во нова насока, нудејќи неконвенционален крај.

„Вергина“ изобилува со конкретни референции и алузии на еден, за нас, премногу познат, локален контекст: „огромното црно панорамско тркало што преку ноќ беше никнало на еден од мостовите“ (41), владините пропаганди кои постојано навестуваат: „За подобра иднина, да ѝ ја вратиме невиноста на Вергина и да ја вратиме кај мајка Европа. Новиот проект на владата е вистинскиот чекор кон иднината“ (37), па сè до помалку политичките, но историски значајни мотиви, како земјотресот со кој завршува романот (139). Но, вметнати во еден поинаков, ироничен, и самокритичен, ориентализирачки/ориентализиран, но и дистописки, постапокалиптичен контекст, овие специфични одлики добиваат генерална вредност, ја надминуваат дневната политичка реалност. Така „Вергина“ станува роман за градот, за нашиот град, во кои сите можеме да се препознаеме, но и за градот како универзален топос во книжевноста.

„Вергина“ следи и детално доловува една постојана состојба на распад и притоа прецизно ги скицира последиците кои таа амбивалентна живеачка, „преживување на животот“ (116) ги има за сите оние кои се наоѓаат во срцето на таа Вергина. Живеењето како во некаков полусон (соновите и нивното прераскажување се чест тематски мотив во романот), на работ на апокалипсата ја произведува амбивалентноста која функционира како една од основите на овој роман за едно место на безизлез: „Колку и да сакав радикални промени, јас бев престрашена од тоа. Се навикнавме на ова апокалиптично место, место што го нарекуваме дом, нашата величествена Вергина. Понекогаш замислував дека ова е некој мал мексикански град, каде што луѓето се тепаат со тупаници за да предизвикаат дожд“ (86).

„Вергина“ е роман на полуотсонувани соништа, полуреализирани ликови, полуостварени планови, полудоживеани љубовни приказни. Токму визуелниот книжевен стил на Узунова кој балансира меѓу политички-критичен реализам и суптилен магичен реализам ја конкретизира дистанцата помеѓу шармот и мизеријата, минатото и иднината на Вергина, и сите оние кои живеат/преживуваат во неа.

„Вергина“ не нуди блескав крај, магична Deus ex Machina развршница на амбивалентноста која ја живее. Напротив, Узунова ја доведува атмосферата на пасивност, воајерство, душевна застојаност, „древна прашина“ (40) која суптилно ја маневрира низ романот, до насилен врв, за да заврши не со трансформативна нереалистична порака за личен и колективен напредок, туку со апсурден, речиси смешен крај, во кој се соочуваме со истата Тина: иронична, отуѓена, изморена, но и борбена и посветена, веројатно и лута/луда.

Вродената љубопитност на Тина, желбата за откривање светови (фиктивни и реални) е она што го заокружува, но и отпочнува романот на Узунова. И воедно ја претставува најсветлата нишка надеж во полусветот на Вергина. „Точно беше дека чувствував задоволство само кога се обидував да креирам музика или да напишам некое четиво, па сето она преостанато што го правев беше губење време“ (12), вели Тина. Целиот овој наратив, напишан во прво лице и во исповедна форма, како да си поигрува со прустовската идеја за пишувањето и неговата исцелителна моќ. Тина, ја добива својата моќ, постои како лик само кога ги раскажува приказните – на другите, но и својата. Поигрувајќи си со границата помеѓу фикцијата и реалноста, конфликтот помеѓу она што е, она што било и што толку лесно може да биде (повторно), романот „Вергина“ на Јана Узунова е обележан од поривот за набљудување, забележување, скицирање, оформување на една реалност, пред сè преку желбата за креирање на еден (книжевен) свет.

(1) „Се навикнавме на ова апокалиптично место, место што го нарекуваме дом, нашата величествена Вергина“ (Узунова 86).

Фотографии: Од промоцијата на книгата