Портрет на интелектуалeцoт како војник

17.04.2019 01:42
Портрет на интелектуалците како војници

Војник зад екранот, управува со дрон. Илјадници километри далеку од зоната на дејствување отвора оган на луѓето кои се на земја. Таква сцена е видена во Ирак, Јемен или во Африка во рамки на борбата против Ал Каеда во исламскиот Магреб и против Боко Харам. Како да се воочи непријателот? Војската повеќе не цели на поединец кој е идентификуван со помош на човечката интелигенција, туку нејзина мета е стереотип на однесување: структура на податоци која се карактеризира со ненормално однесување. Ако аналитичарите оценат некој, чие однесување се покажува како такво, како опасен, тие можат да ја разгледаат можноста тој да биде „неутрализиран“. Често неговиот идентитет не се знае пред да биде убиен. Она што е важно, пред сѐ, е збирот траги и масата сомнителни податоци кои ќе го состават бихејвиоралниот „потпис“: Што прави тој? Кого посетува секојдневно? Каде оди? Потоа, компјутерски програми цртаат профили и ги изолираат оние што отстапуваат од нормите.

Компјутеризацијата на боиштата досегнува до четириесеттите години од минатиот век, сѐ до раѓањето на кибернетиката. Таа се развива во Соединетите Држави за време на војната во Виетнам (1955-1975) благодарение на истражувањата во рамки на Агенцијата за напредни истражувачки проекти во областа на одбраната (Дарпа). Оттогаш, војската ги користи компјутерите и масовните податоци за управување со оружјето за далечинско наведување ракети. Но, окупацијата на Ирак означува пресвртница. На начин кој дотогаш не беше виден, Пентагон ги мобилизираше поврзаните компјутери во водењето на војската на „човечки терен“ - што е воен еуфемизам за население.

Вообичаената војна, откако предизвика пад на режимот на Садам Хусеин во 2003 година, му отстапи место на асиметричниот конфликт со кој силите на меѓународната коалиција им се спротивставуваат на вооружените групи. Американските воени сили за таа прилика повторно применуваат обука за контрабунтови која веќе е спроведувана во Виетнам. Со двојна тактичка цел: да се разликува борецот од не-борецот и да се ограничи поддршката на цивилите за вооружените групи. Во оваа воена логика која се заснова на населението, окупациските армии користат нова социјална мапа. На неа нема ни планини, ни рамнини, ни водени текови. Наместо тоа, овие алатки ја утврдуваат положбата на терен на „бунтовниците“ во социјалните кругови. Она што го прават луѓето, нивните движења и нивните односи со други луѓе, се следи и визуелизира на контролни екрани. Непријателот („бунтовникот“) се појавува на овие мапи како јазол на мрежа кој мора да исчезне.

„Констелациите на чувствата како цел“

Софтверите за борба против бунтовниците се темелат на модели на однесување за чиј дизајн и работа се користат два ресурси: се користат истражувачи од областа на општествените науки, кои ги сортираат автохтоните општества и одблиску се набљудува населението. Во 2008 година, одделението за истражување и инженерство во министерството за одбрана утврди програма за моделирање на однесувањето: Моделирање на однесувањето во општествената култура (ХСЦБ), во чии рамки се развива проектот на социјален радар.

Овој софтвер се занимава со мегаподатоци извлечени од медиумите, социјалните мрежи и воените разузнавачки служби. Се работи за откривање на движењето на чувствата и мислењата кај населението, кои можат да влијаат на текот на одреден конфликт: бранот симпатии кон новиот водач на протестите, на пример, или, од друга страна, покажувањето антипатија кон окупациските војски.

За да се постигне тоа овој радар комбинира анализа на онлајн разговори и анализа на чувства. Тој ги идентификува главните теми за кои дискутираат корисниците на интернет, потоа ги поврзува со чувствата кои ги изразиле. Така се составуваат „констелациите на целните чувства“1, кои потоа корисникот на софтверот ги користи со помош на пропагандни кампањи и психолошки операции (Psyop). Додека радарите со кои се опремени авионите и бродовите откриваат тела во конфликтните подрачја, социјалниот радар се користи за да продре низ длабоките психосоцијални слоеви каде ќе може да ги открие промените во реално време.

Моралот на цивилите беше во центарот на политичките и воените прашања, значи и на државната пропаганда во текот на целиот 19 и 20 век. Војната, без разлика дали се работи за онаа против бунтовниците или конвенционалната војна, тешко може да се добие без нивна поддршка, а општествените и хуманистичките науки редовно се користени за да се постигне тоа. Нивните знаења се употребувани за да се усовршат техниките за убедување. Психолози, социолози или политиколози работеа на развој на ваков вид технологија за контрола на компаниите од страна на државата. Инструментите за социјална радиографија кои се појавија во Ирак ѝ припаѓаат токму на оваа традиција, но сепак се разликуваат од неа, барем во две точки. Тука постои амбиција, која е блиска до фантазијата, да се автоматизира откривањето бунтови и општествени нестабилности. Машините и компјутерите во оваа смисла ја заменуваат човечката анализа. „Реалното“ време, непосредноста, мора да го замени долго време на посматрање и толкување. Завршено е со експертите кои на господарот на војната на уво му дошепнуваат контрадикторни визии: автоматизацијата ги забранува, колку што е можно, толкувачите и нивните претпоставки. Наместо тоа, таа ги мобилизира истражувачите од општествените науки и другите експерти за човечко однесување, кои укажуваат на правилностите утврдени во општествата, кои на овој или оној начин ќе се претворат во алгоритам. Нивната работа престанува тука; понатаму презема машината.

Автоматизирањето на предвидувањето се развива за време на борбата против бунтот во Ирак. Како дел од програмата за моделирање на човечкото однесување, Пентагон финансира еден систем за аларм во случај кога се заканува криза: Систем за рано предупредување (Crisis Early Warning System, ICEWS). Овој систем користи податоци за разни земји и нивното население. Оној што го дава пророштвото е автоматот, машината за обработка на податоци добиени од медиумите и социјалните мрежи. Во овие прогнози, предвид се зема само сигурното управување со општествените движења. Праведното и неправедното не се одлучувачки точки на автоматизираните мапи за надзор. Програмата ги мапира општествата на земјината топка единствено според поларитетите стабилно и нестабилно.

Меѓутоа, и покрај сите технологии кои ги користат Системот за рано предупредување или социјалниот радар, автоматското предвидување функционира лошо. Бидејќи се работи за предвидување на нарушувањата преку дискурси кои ги пренесуваат медиумите и социјалните мрежи, без разлика дали кризата е веќе очигледна (и затоа предвидувањето е буквално нула), без разлика дали таа се изразува поинаку, па, во тој случај, не се појавува на радарите на овие машини. Арапските бунтови во 2011 и 2012 година им се провлекоа на алгоритамските радари, чии програмери се чини не знаат дека востанијата не почнуваат ни на Фејсбук ни на Твитер, туку надвор од мрежите, во многу сиромашни подрачја, како што беше случај во Египет или Тунис. Уште една слабост на овој мерен инструмент: скенирањето на медиумите преку овие информатички алати не овозможува секогаш веродостојно читање на реалноста, особено кога реалноста ја контролира режим на терен или тоа го прават моќните економски интереси.

Американското министерство за одбрана имплементираше неколку проекти за развој на применети истражувања за војување насочени кон луѓе. Работејќи на нив, универзитетскиот свет активно придонесе за создавање нов инженеринг на социокултурните податоци. Оваа милитаризација на општествените науки, која се спроведува под закрила на Истражувачката иницијатива Минерва, со името на римското божество на војната и стратегијата, дозволи финансирање, во рамки на универзитетите, работење на социологијата и психологијата на мрежите „терористи“ и моделирање на стереотипите за однесување на „бунтовниците“. Трансформиран во согласност со тактичките императиви на Пентагон со неодоливата магија на доларите, светот на науката се согласува борбата против тероризмот и борбата против бунтот, кои пред сѐ претставуваат суверено право на државите, да го трансформира во предмет на научно истражување.

Меѓутоа, мобилизацијата на знаењето ги преминува рамките на универзитетите. Cultural Knowledge Consortium (CKC) е основан 2011 година за да ги поврзе јавните и приватните истражувања. Специјализираните истражувачи беа рамо до рамо со експертите кои работеа на исти предмети во здруженија, приватни индустрии или Министерството за одбрана. Целта беше да се поврзат знаењата за автохтоните општества и тие да се направат достапни за сите членови на конзорциумот преку еден онлајн портал. Тој проект заврши 2013 година, но Глобалната мрежа за културни знаења (Global Cultural Knowledge Network, GCKN) го презема во 2014 година. Оваа организација има цел да ги обедини сите интелектуални капацитети на Соединетите Држави за идните мисии на војската така што ќе ги води социокултурните знаења според одлука2.“

Војната и маркетингот

Со овој културен пресврт на војната, во рамки на военоиндустрискиот комплекс се создаваат нови сектори. Покрај ГЦКН и програмата за моделирање на човечкото однесување, министерството се потпира на компјутерските методи за моделирање (...) на социолошките системи“, на „научна анализа на податоците“ и „алгоритамски развој“3. Оваа нова ориентација може да се утврди и кај приватните провајдери. Корпорацијата Mitre, на пример, која од 1958 година е дизајнер на алати за противвоздушна одбрана, од втората половина на 2000 година развива компјутерски програми за анализа на социјалните мрежи во контекст на борбата против бунтовниците. Нивниот слоган е: „Решете ги проблемите за еден посигурен свет“. Слично на тоа, Аптима, специјализирана компанија во „инженерството насочено кон човекот“, од 2006 година спроведува бројни истражувања кои ги финансира министерството за одбрана во откривањето/предвидувањето сомнително однесување користејќи статистика и компјутерски општествени науки.

Моделирањето на однесувањето влегува во индустриска фаза. Освен воениот и антитерористичкиот пазар, автоматизираното откривање и предвидувањето на социјалната нестабилност ги привлекува експертите за безбедност. Американската компанија Наванти во 2013 година, на пример, ја разви програмата „Native Prospector“ за испитување на жителите во Северна и Источна Африка. Целта беше да се запре ширењето на Ал Каеда во тој регион. Користејќи идентични технологии, Наванти од 2017 година им ги нуди своите услуги на компаниите кои сакаат да се развиваат во тој регион или на Блискиот исток.

Други ги претвораат алатите првобитно развиени за целите на антитероризмот за маркетиншки потреби, кои наводно можат да ја истражат свеста на потрошувачите. Основана во 2007 година за да ѝ пружа на американската влада „иновативни решенија во општествените науки“ - како што пишува на нејзината страна на интернет - во областа на безбедноста и одбраната, компанијата НСИ по 2011 година, својата клиентела ја прошири на комерцијалните компании. Најпосле, мапирањето и предвидувањето „бунтови“ подразбира исти размислувања за предвидување на однесувањето како и маркетингот.

Окупацијата на Ирак функционираше како лабораторија во која се експериментираше со автоматизирани предиктивни форми на општествена контрола осмислени за да се пронајдат „бунтови“. Овој начин на работа продолжи и во 2010 година и во другите конфликтни зони, особено во субсахарска Африка. Тоа сега се пренесува во цивилниот домен: инженерингот на социокултурните податоци најпосле е само еден модалитет за управување со населението.

Оливие Kох е наставник-истражувач.

(1) Barry Costa, John Boiney, "Social radar", Mitre Corporation, Mclean (Virginia), 2012, www.mitre.org
(2) "Global Cultural Knowledge Network", https://community.apan.org
(3) "Socio-cultural analysis with the reconnaissance, surveillance and intelligence paradigm", US Army, Engineer Research and Development Center, 2014, http://nsiteam.com

Илустрации: Linda Cunningham

Извор: Le Monde Diplomatique

Слични содржини

Општество / Активизам / Јавни Простори / Свет
Општество / Балкан / Свет

ОкоБоли главаВицФото