Станување животно: трансформации на филм

18.04.2019 02:57
Станување животно: трансформации на филм

Фасцинира идејата за делумно, но не целосно, претворање во животно. Грегор Самса е бубашваба, да, но ги задржува интелигенцијата, сеќавањата и мислите кои ги имал додека бил човек. Кога писателите, сликарите и останатите уметници ги креираат овие половина животно-половина човек хибриди ѝ дозволуваат на публиката да ги замисли можните задоволства, абјекции и специфични биологии кои како на обични луѓе ни се толку туѓи.

Раната филмска уметност била фасцинирана со човечката трансмогрификација. Во раните, кратки трик филмови на Мелие имало бројни чудни и делумно човечки суштества како луѓе-печурки и подвижни духови на дрвјата. Во неговиот филм La Sirène (1904) магионичар ја употребува својата магична шапка да трансформира риба во сирена, а потоа сирената во човечка жена. Иако сирената е на екранот само кратки триесет секунди, нејзината меѓуфаза ѝ дозволува на публиката да им се восхитува на преклопувањата што овозможуваат една риба-човек да постои и да го ѕирнат (буквално) овој ентитет што е наводно позаводлив од вообичаената жена.


Трик филмовите на Мелие претставуваат рани излети во она што ќе стане главен елемент на филмското искуство. Лон Чејни ќе го глуми Човекот-волк во 1941, хибрид кој ќе подлегне на бројни преработки во наредните 80 години. Романот со преобразувачи The Island of Dr. Moreau ќе биде снимен повеќепати, почнувајќи уште од 1932. Овие трансмогрификации се јавуваат во високиот модернизам (Porcile на Пјер Паоло Пасолини) и со екстремно низок буџет (види The Guyver, каде ликот на Марк Хамил се трансформира во бубашваба).

Суштествата делумно животни-делумно луѓе ни овозможуваат да ја задоволиме нашата ѕверска страна. Како врколаци можеме да бидеме агресивни и гладни, како сирени можеме да бидеме заносни. Крајно, животинските трансформации ни овозможуваат да бидеме импулсивни и нелогични, без додатоците на човечкото искуство. Во овие филмови не среќаваме радост во антропоморфизирањето на животните. Наместо тоа, тие напредуваат врз основа на дехуманизирање (или реанимализирање) на луѓето. Перспективата од подот е далеку попровокативна и порадикална од онаа на каучот на психоаналитичарот.
Овој прилог разгледува некои скорешни кратки филмови и нивните излети во животинските трансформации. Денес – помеѓу роботиката и генетската манипулација – потенцијалните трансформации се уште поголеми. Во современите филмови тематиките истражувани преку трансмогрификацијата можат да начнат во науката, религијата, роботиката, значењето на телото и линијата помеѓу органскиот и артифициелниот живот.

The Cat with Hands (Роберт Морган, 2001) и Turning (Карни Арнел и Сол Фрид, 2010) истражуваат како хибридите човек/животно дозволуваат на публиката да го отфрли човечкото на сметка на своето животинско сепство. Протагонистот во Turning, шестгодишно момче, се радува на своите посетителки, три стари фламинго-жени (кои низ филмот визуелно се претвораат од фламинга во баби). Додека суштествата му цвркотат и го душкаат, тој, за возврат, е фасциниран од начините на кои тие можат да се менуваат од птици во баби па повторно во птици. Од перспектива на филмот, овие остарени тела кријат нечовечки тајни, од птичји приказни до внатрешни филмски проектори, видливи за оние сè уште ненавлезени во човековиот рационализам.


Сепак, The Cat with Hands е многу поужаснувачка приказна (за луѓе, барем). Во овој краток филм централното суштество не е ниту човек ниту мачка. Наместо тоа, се работи за мачкин инстинкт за ловење скриен во човечка лушпа. На почетокот еден стар човек, точејќи вода од бунар, ја раскажува приказната за мачката со човечки дланки, хибридно суштество кое апсорбира човечки екстремитети кога доаѓа во контакт со нив.

Во првиот кадар од мачката таа, со своите многу човечки дланки, зграбува птица и целата ја пикнува во уста. За мачката овие човечки дланки веќе не земаат улога во хуманистички искуства туку во аморални. Виталните инстинкти на суштеството се ужаснувачки за публиката само затоа што потекнуваат од „човечко“ тело. За мачката, тие делуваат целосно нормално.


The Carnival of the Animals (Ариа Ковамонас, 2017), серија од стоп-моушн и играни прикази кои ја засилуваат композицијата The Carnival of the Animals на Камил Сент-Сонс, ја претвора музичката изведба во таксономија на животински чудаци. Суштествата кои трепкаат по екранот вклучуваат луѓе-коњи, џиновски кокошки, луѓе-свињи и слични на нив, кои го населуваат целиот овој филмски свет, од птичарникот до собата за цртање. Овој каталог на суштества креира простор каде човечкото и животинското искуство се привлечени едно кон друго до нераспознавање.

Додека раните филмови нагаѓаат околу судбината на хибридите животно/човек, Shaheen (Семјуел Риџвеј, 2016) и Polymer (Астрид Голдман, 2016) играат со синтезата животно/технологија/модерен објект. Во документарецот Shaheen, соколарите истражуват други начини на ловење, вклучително креирајќи хибриди соколи/дронови, чиј надворешен изглед делува пердувест, додека внатрешноста целосно се состои од дрон. Тука химерите се поместуваат од фантазија во реалност, живите соколи се судираат со своите роботски браќа.


Polymer, од друга страна, замислува што би се случило кога пластиката би се обединила со животните за да ја одбие катастрофата на животната средина донесена од човештвото. Во ова кратко анимирано дело, мртви риби и пластиката во океанот се обединуваат за да создадат осветољубиво океанско суштество. Првиот кадар во Polymer (на плажата) е славната статуа на Малата Сирена на Х. К. Андерсен. Со контрастирањето на статуата со океанското чудовиште филмот посочува дека ова осветољубиво океанско суштество е дел од серија хибриди. Во случајов, сепак, хибридот е жив наместо излеан во бронза.


Конечно, додека Polymer ни дава статуа на сирена, The Spring (Делејни Бафе, 2017) ни дава вистинска. Овој краток документарец ги следи кариерите на сирените – кореографирани пливачки – во Weeki Wachee Springs State Park во Флорида. Водните пливачки формирале заедница на сирени. Можеби најпроникливо, танчарките знаат дека со избирањето на овој живот тие истовремено се ослободиле од дел од традиционалните ограничувања на нормативното американско човечко искуство.

Како што една (доста постара) сирена забележува, во педесеттите, можеше или да се омажиш, или да одиш на факултет, или да станеш сирена. Со станувањето сирени, жените можеле да се одречат од својата нормативна улога и да станат нешто етерично и оноземско и со тоа да се предадат на својата анти-човечка, мистична природа.

Животното мора да седи на подот, не да лежи на психоаналитичарскиот кауч.

-Жил Делез и Феликс Гатари, Илјада платоа, 235

 

Извор: www.labocine.com

 

Слични содржини

Филм

ОкоБоли главаВицФото