Што навистина му прави кафето на вашиот мозок?

19.04.2019 01:08
Што навистина му прави кафето на вашиот мозок?

„Легендата вели дека овчарот со име Калди го открил кафето во Етиопија некаде помеѓу 300 и 800 година н.е. Забележал дека неговите кози не спиеле ноќе, откако ќе изеделе неколку зрнца кафе. Ги однел зрната во локалната опатија каде ја направиле првата серија кафе, бележејќи ги неговите ефекти на расонувањето и размислувањето.“ (Смит и др, 2004).

Оттогаш луѓето се фасцинирани од кафето, и тоа е така со право.

Некои ефекти од кафето се чудни и контрадикторни. На многу начини ефектите од кофеинот врз умот се многу поголеми од она што очекуваме, отколку од она што тој навистина ни го прави. Без сомнеж, ќе пронајдете барем едно или две нешта кои впрочем ќе ве изненадат.

Кофеинот не спречува поголем дел од луѓето да спијат

Овчарот Калди можеби бил во право за неговите кози, но тоа не се однесува на луѓето. И покрај вревата која се крева околу кафето и спиењето, има малку докази дека тоа навистина е проблем. Истражувањето покажало дека огромен број луѓе смислиле како ќе го користат кафето. Не е толку комплицирано: не пијте двојно еспресо на полноќ.

Дури и претходно имало студии во кои на луѓето тајно им давале кафе пред да заминат в кревет. И изненадување било тоа што кафето генерално не влијаело на нивното спиење.

Луѓето го обвинуваат кафето за сѐ и сешто

Не е само во прашање слабото спиење, туку и фактот што луѓето мислат дека кафето е лошо за нив. Кофеинот го обвинуваат за цела низа неспецифични тегоби како главоболката, слабото спиење ноќе, нервоза итн. Истражувачите во некои случаи на луѓето им дале плацебо и им рекле дека зеле кофеин. Луѓето на крајот од истражувањето тврделе дека спиеле лошо, дека добиле главоболка и други тегоби. Меѓутоа, тегобите не биле од кофеинот, зашто не го зеле. Веројатно тоа е последица од очекувањата како ќе ни влијае кофеинот.

Кофеинот и дремката?

Можеби е будалесто да се испие шолја кафе и да се отиде на спиење. Но, доколку ви недостасува сон, ова може да биде одговор. Преку студија бил направен експеримент каде изморени и исцрпени луѓе добивале 200мг кофеин (една шолја или две инстант кафиња), а потоа оделе да дремнат. Кофеинот и дремката често влијаат на подобар учинок во работата. Со други зборови, кофеинот повеќе ја подобрува работата отколку дремката.

Пробајте: испијте кафе и дремнете 5 до 15 минути и видете како ќе се чувствувате. Дури и оние кои вообичаено не дремат многу, овој ритуал можат пријатно да го доживеат.

Подобрување при одржување на вниманието

Повеќето луѓе чувствуваат возбуда после кафето, но дали се помудри кога ќе се тестираат научно? Одговорот е: на некои начини да, но на многу начини не.

Најсилниот позитивен наод е дека кофеинот ги зголемува вниманието и будноста. Овој вид внимание е потребен за да продолжите да ја работите релативно рутинската задача која не ви е предизвик. Тоа е причината заради која кофеинот често е потребен на работа: нѐ тера да ги издржиме досадните нешта низ кои мораме да пројдеме. Овој заклучок особено се однесува на оние кои не се наспале доволно, а во денешно време повеќето од нас се такви.

Кога ќе одлутаме во други психолошки области како што се времето за реагирање, учење и паметење, нештата стануваат многу помалку јасни. Понекогаш кофеинот ги унапредува, понекогаш ги прави полоши, а понекогаш нема никаква разлика.

Меѓутоа, генерално, има малку докази дека кофеинот прави голема разлика во задачите кои бараат само размислување.

Две шолји е добро, пет шолји е лошо

Како и сѐ во животот, секогаш може да се претера во уживањето. Кофеинот не е поразличен. Во студиите кои се споменати досега, кога луѓето ќе внесат 200 до 300мг кофеин, ги добиваат сите горенаведени придобивки. Тоа е околу три еспреса или две до три шолји инстант кафе. Меѓутоа, поголем внес од 500мг не донесува подобрување во работата, а луѓето почнуваат да ги чувствуваат негативните ефекти.

Меѓутоа, сосема е природно тоа да зависи од вашето вообичаено ниво на внесување кофеин; телото и умот почнуваат да се навикнуваат на кофеинот исто како на која било дрога.

Без симптоми на повлекување кога ќе престанете со консумирањето?

Доколку сакате да престанете со консумирање кафе подгответе се за симптомите на повлекување кои ќе траат помеѓу 12 и 24 часа по вашата последна шолја кафе. Потоа, може да добиете главоболка и да бидете нервозни, изморени и анксиозни. Сепак, дали навистина ќе се чувствувате така?

Дури и симптомите по престанувањето можат да бидат делумно одговорни за нашите очекувања околу ефектите од кофеинот. Малку е проучено, но постои можност дека доколку не очекувате да имате сипмтоми на повлекување, нема ни да ги добиете. Тоа веројатно е една од причините заради која некои велат дека не искусиле симптоми кога престанале да пијат кафе. Престанувањето можеби нема да биде толку штетно колку што мислите.

Се чувствувате добро

Секој што пие кафе ќе ви рече дека малку кафе прави луѓето да се чувствуваат подобро, но дека се чувствуваат лошо од премногу кафе. Клучот е средната доза. Што се подразбира под средна доза ќе зависи од вашите вообичаени количини и вашата генетска чувствителност, која е наследна. Доколку вашите родители можат да испијат тројно еспресо без да им експлодира главата, ќе можете и вие.

Дури и наследната чувствителност на кофеин може да се надмине доколку се потрудите.

Кафето ја убива болката

Постојат некои сознанија во истражувањата кои велат дека кафето помага во намалувањето на болката. На пример, доколку имате тензични главоболки тогаш студиите наведуваат дека ацетаминофенот (парацетамол) со кофеин може да обезбеди олеснување од болката подобро од самостојното земање ацетаминофен.

Кафето ги изострува сетилата

Кофеинот малку ги подобрува сетилата на различни начини. Еве некои. Студиите покажале дека по едно или две кафиња луѓето можат подобро да гледаат во мрак. Подобрувањето е помеѓу 20 и 38 проценти. Луѓето подобро ги разликуваат боите кога се напиле малку кафе. Кофеинот им помага на луѓето да ги игнорираат негативните стимуланси од средината.

Кофеинот веројатно не предизвикува зависност

Технички, кофеинот не предизвикува зависност заради начинот на кој дејствува во мозокот и затоа што многумина не страдаат од симптоми на повлекување кога ќе прекинат да го внесуваат. Меѓутоа, изгледа дека оваа мала бројка луѓе се зависни од кафето. Сепак, доколку го споредите кофеинот со дрогите кои предизвикуваат зависност, како што се кокаинот или хероинот, мошне е јасно дека кофеинот не е адиктивен на тој начин.

Слики: Giulia Bernardelli

Извор: https://pulse.rs