Слобода или смрт

19.10.2010 10:15
sloboda-ili-smrt-1.jpg

Конкретниот повод за текстов не е караница во маало ниту судир со некоја неонаци група, туку „дебата“ со колега дипломиран политиколог, кој јавно изрази желба живи да ги запали педерите.

Одржувањето на Парадата на гордоста во Белград очекувано се одрази и на македонската јавна (и не многу јавна) дебата, па во изминатите неколку дена можевме да проследиме многу коментари на темата. Како и секогаш, идентитетот, Господ и традицијата македонска беа главните фактори при дискусијата и, како секогаш, тие придонесуваа за промовирањето на пред сè тупави гледишта како легитимни под превезот на „слобода на говорот“. Во овој текст би сакал да се одговорам на неколку такви аргументи, промовирани од најразлични профили на луѓе. Конкретниот повод не е караница во маало ниту судир со некоја неонаци група, туку „дебата“ со колега дипломиран политиколог, кој јавно изрази желба живи да ги запали педерите, а во тоа беше поддржан од неколку високообразовани личности, меѓу другото и колеги, сега веројатно и магистри на најпрестижните програми во полето на општествените науки во Македонија и странство.

0. „Смрт за педери!“

О: Најдобар показател за нивото на толерантност и отвореност кон нехетеросексуалните сограѓани и за тоа дека „во Македонија нема хомофобија“. Предлагам мотото на македонската парада која треба да се случи што поскоро да биде „Слобода за педери!“ или пак „Слобода или смрт“ или нешто слично во тој дух.

1. „Не бе, шо ќе ги убиваме, нека има педери, повеќе жени за нас ќе останат!“

О: Имајќи предвид дека релативно ограничен број жени се палат на лажни мачовци кои имаат тенденција да се дружат претежно со други лажни мачовци, да се движат во орди и притоа патат од сериозен недостаток на индивидуалност, за оние кои го изјавуваат ова бројот на достапни жени ќе остане ист (читај: многу мал) без оглед на тоа каква е дистрибуцијата по однос на сексуална ориентација меѓу мажите. Впрочем, на „вистинскиот маж“ не му смета ниту целосно хетеросексуална конкуренција, затоа што тој не пати од недостаток од самодоверба па да му требаат таму некои педери за да му се зголемат шансите.

2. „Во Македонија нема многу педери, џабе се дига толкава врева“

О: Во Македонија, како и секаде во светот, од десет до дваесет, можеби и триесет проценти од населението не е хетеросексуално. Тука не се работи за тоа дали вие се сложувате или не, затоа што прашањето е дефинитивно, одговорот дефинитивен, и добиен со научни истражувања. Е сега, ако голем број од нив се сеуште неосознаени или латентни, тоа не значи дека не се геј, на пример. Она што е многу симптоматично е што токму анти-геј ориентираните личности најчесто се оние кои завршуваат како „излезени од плакарот“, извинувајќи се и каејќи се сопственото негирање. Ви ја препорачувам оваа листа на видни политичари (републиканци) и свештеници од САД кои биле хардкор анти-геј, а на крајот биле „провалени“ како се впуштаат во истополови авантури.

Впрочем, местата со најмногу геј секс се местата со најмногу хомофоби: затворите каде што затворениците си се меѓусебни „кучки“; војската каде што секој чека „да ти падне сапунчето“; занимлив е и случајот на фудбалските навивачки групи: конкретно, едно од најголемите „достигнувања“ на Партизановите Гробари е групното силување на водачот на Торцида пред дваесетина години. Истите луѓе во 2001 тепаа педери, а беа спремни тоа да го прават и пред некој ден. Така што, кога размислувате за тоа кој може да биде геј, не заборавајте да ги пресметате токму радикалните анти-геј фанатици (особено хардкор „републиканци“ т.е. ВМРОвци во македонскиот контекст, или пак хулигани/навивачи/друг тип на „снагатори“).

3. „Абе како може машко со машко да биде нормално“

О: Е така, може. Ако не ви се верува, пробајте, може ќе ви се допадне. Впрочем, за многумина не само што е нормално, туку хомосексуалниот секс е и прекрасно искуство. Машката простата, на пример, е неистражен регион, со правилна стимулација може чуда да се случат. Згора на тоа, кога доаѓаме до орален секс, многу разбирливо е од каде уживањето: мажот ја знае најпрецизно анатомијата на пенисот и мажот знае како тоа најтреба; жената е таа која најдобро ја знае анатомијата на вагината!


4. „Да се биде педер е против верата!“

О: Да. Но, против верата е и да се има секс пред брак, да се верува во материјални нешта (како, на пример, пари), да се убива (па макар и педери) и да се краде (па макар и патики за време на анти-геј демонстрации). Против верата се и многу други работи, кои ако почнам да ги набројувам, ќе ми снема интернет.

Оние што го користат овој аргумент сигурно исполнуваат 2 „верски“ критериуми: а) да се биде против педерите; б) да не се размислува логички.

И сепак, да не забораваме дека Господ не постои а религијата е анахрон примитивен систем на вредности кој вродува пред сè со лоши работи. На крајот на краиштата, живееме во секуларна држава во која верскиот аргумент е недоволен за да се дебатираат општествени норми.

5. „Хомосексуалноста е болест!“

О: Уште пред три и пол децении психологијата престанала да ја смета хомосексуалноста за болест. Според моите скромни познавања, мислам дека далеку попатолошки е опсесивно-манијакално да сакаш да тепаш некој само зашто е поинаков од тебе, отколку да сакаш да имаш секс со некој кој што е од истиот пол.

6. „Хомосексуалноста е неморална!“

О: Неморално е да им гледаш на луѓе кои не ги знаеш во приватниот живот. И да ти пречи тоа што го прават. Инаку, сè што се случува помеѓу две возрасни и свесни личности, на взаемна доброволна основа, и со меѓусебна согласност, е сосема морално. Па макар било тоа и сочен анален секс помеѓу двајца мажи.

7. „Европа бара од нас да ги трпиме педерите наспроти нашите традиционални вредности“

О: Никој не бара од тебе да трпиш никого, затоа што не си толку посебен па да треба некој да те тера некого да „трпиш“. Одредени права се здобиваат со самото раѓање. Едно од нив е и правото на слободно уживање на сопствената сексуалност. Тоа право не може да биде „дадено“ или „дозволено„ зашто е вродено. Европа и не е толку важна во целава приказна, реалноста треба да се менува за нас самите (замислете ако имате дете геј? сигурно ќе сакате да има шанса да најде работа и покрај своите сексуални преференци). А вредностите, навиките, „традицијата“ се предмет на константна редефиниција. Еден закон за забрана на пушењето успеа од корен да ги промени пушачките навики; што останува за нешто што не е поврзано со физичка зависност?

8. „Мене не ми сметаат, ама ми смета јавно да се љубат и да се држат за рака“ (надополнето со „Ако моето дете ги види...“)

О: Види богати! Тебе, авторитетот, ти сметале две личности кои јавно манифестираат љубов. Да не е можеби зашто ти не добиваш доволно љубов? Да не е можеби поради љубомора? Што праат бе толку страшно? Шират ЉУБОВ. Ти што правиш? Се противиш на љубовта. А многу веројатно, нит ги знаеш, нит ги познаваш. Дај прибери се малку.

А ако твоето дете ги види, тука нема ништо страшно. Твоето дете е пожелно чат пат да ги гледа и нив како се љубат во јавност, за да не израсне во нетолерантен човек како неговиот родител. Многу од оние кои се грозат од хомосексуалци или кои не можат да си замислат хомосексуалци, се однесуваат како што се однесуваат зашто никогаш немале можност да видат хомосексуалност во пракса. Дополнително, многу пострашно за едно дете е да гледа како родителот му е спремен да убива, како пцуе и шири омраза, отколку да гледа две човечки суштества во љубовен занес.

9. „Мене не ми сметаат, ама не треба да прават паради“

О: Пак контрадикција. Сепак, основниот аргумент за постоењето на парадите е потребата за признавање на инхерентното човеково право на слободна сексуална ориентација. Да го земеме примерот на Белград. Да беше Србија толерантна земја, немаше да има потреба од организација на парада. Да беше не-многу толерантна земја, можеби ќе требаше да има парада, но со минимална заштита зашто никој немаше да излезе со намера „да убива педери“. Но, бидејќи општеството во Србија е нетолерантно, мораше да се организира парада, и тоа не било каква, туку се огромна полициска и политичка заштита. Парадата успеа, работите со тоа тргнаа на подобро, и покрај сето зло, барем јавно се покажа до каде радикалното православие е спремно да оди.

Е така и во Македонија. Парада мора да има, за да се види во какво општество живееме и да се види дали е опасно по живот јавно да се биде различен.

10. „Видиш педерите што направија во Белград“

О: Педерите во Белград не направија ништо освен што се собраа мирно и си прошетаа во својот град. Ништо повеќе, ништо помалку. „Тоа“ (уличната војна) го предизвика дива орда православни хулигани под водство на попови, мавајќи буквално со дрва и камења (и со хебли и слично).

На крајот на денот, педерите освен победници, испаднаа и многу похрабри од ордата православци. Православците најкукавички фрлаа со камења од далеку, собрани во значително поголем број. Плус за нив судирот со полиција, на пример, спаѓа во опис и попис на „работното место“. Педерите тоа го знаеја и очекуваа, и не направија ништо. А кога знаеш дека некој ќе те напаѓа, па макар и да имаш полициска заштита како што имаа тие, излегувањето надвор е најхрабриот (па дури и луд) потег што можеш да го направиш.

11. „Денес педерите, утре педофилите“

О: Денес педерите, а за педофилите има кој да му ја мисли. Парадата на гордоста е парада на возрасни, изградени личности, кои стапуваат во меѓусебни врски на доброволна основа. Чинот на педофилија подразбира отсуство на елементот на согласност и тоа е тоа што го прави криминален.

12. „Денес парада, утре бракови, па после тоа посвојување деца“ или „Падот на семејните вредности“

О: Да, Парадата на гордоста е прв чекор кон целосно исполнување на правата на ЛГБТ луѓето, а посвојувањето деца од страна на истополови двојки меѓу другото го има како една од своите долгорочни цели. Несомнено, во скоро време тие ќе бидат загарантирани низ целиот свет.

Е сега, не се секирајте, не секој хомосексуален пар пукнал да се венчава (исто како и кај хетеросексуалните парови). Од друга страна, глупаво е начелно да ги прифаќате правата за слободно изразување љубов, а таа љубов да не може да биде легализирана. Бракот во современото живеење е многу повеќе правна институција отколку нешто повеќе - работите како заедничко живеење, патување, меѓусебно помагање и регулирањето на имотните прашања се многу полесни ако една двојка е во брак отколку ако не е. Според таа логика, две личности кои се сакаат не можат правно да ја регулираат својата заедница. Нема смисла.

Во поглед на „одбраната на семејните вредности“, доминантната идеја на критичарите на Парадата е дека за едно семејство да биде здраво, треба да е составено од маж и жена, зашто критериумот што го прави здраво е можноста за размножување. Но што правиме, на пример, со хетеросексуална брачна двојка, која е во константни расправии, а можеби е и пример за домашно насилство; дали пијаниот татко кој ја тепа мајката е слика на здраво семејство, само зашто се работи за хетеросексуална двојка со потенцијал да се размножува? По било кои критериуми поздраво семејство е она составено од две личности (макар и од ист пол) кои се сакаат меѓусебно, отколку семејството во кое постои тензија, насилство и омраза, па макар тие биле помеѓу маж и жена.

На крајот на краиштата, доколку размножувањето и биолошката врска помеѓу родителите и децата се единствен критериум за здраво семејство, вие не ги дискриминирате само хомосексуалците, туку и семејствата основани од хетеросексуалните парови кои не можат да имаат дете, и покрај очајните обиди да зачнат, а особено семејствата на самохраните родители кои растат деца, како и оние семејства во кои децата од икс причини се растени со некој кој што не е нивен родител.

И како што веќе реков, „нормалното“ или она што мнозинството го смета за „нормално“ не е фиксна категорија, туку за среќа може да се менува. Едно време не било нормално сите да имаат право на глас, не било нормално секој да се образува, не било нормално да се има секс во најразлични пози со најразлични фетиши, не било нормално сами да си одберете со кого ќе стапите во брак, не било нормално да се мастурбира, да се патува, да се одбива да се оди во војска, да се има свое мислење, секој да има компјутер, да не се пуши во кафеани и слично. Денес овие работи се сметаат за нормални, а веројатно сите ќе бидат изненадени колку брзо и јавното манифестирање на хомосексуалност, хомосексуалните бракови и посвојувањето деца ќе станат нормални и секојдневни работи.

слики: Џек Балас

 

Поарно ќе беше да кажеш: И

Поарно ќе беше да кажеш: И педерите да исчезнат од лицето на земјава, напатениов народ нема да се оправи.
Бидејќи сиромаштијата во државава нема никаква врска со ЛГБТ правата туку со затуцаната економија, корупцијата, непотизмот, летаргијата, апатичноста, нервозата, неорганизираноста и дезорганизираноста, депресијата и сличните нуспојави на оваа транзиција. Што транзиција ќе беше што трае 20 години?

Сексадецимален

Абе ние сме ти транзитно

Абе ние сме ти транзитно подрачје. Цели векови транзитираме...
Некои транзиции траат многу повеќе :) Ко на пример мрачното доба у Европа... Среќа таа ја прескокнавме, не „поробија“ турците и ни донесоа сапун.

:))))

:))))

Сексадецимален

Малку ќе го модификувам мојот

Малку ќе го модификувам мојот претходен одговор на Анонимена:
 
Поарно ќе беше да кажеш: И педерите да исчезнат од лицето на земјава, народов нема да се оправи.
Бидејќи сиромаштијата во државава нема никаква врска со ЛГБТ правата туку со затуцаната економија, корупцијата, непотизмот, летаргијата, апатичноста, нервозата, неорганизираноста и дезорганизираноста, депресијата и сличните нуспојави на оваа транзиција. Што транзиција ќе беше што трае 20 години? И кога овој народ ќе укапира дека сам мора да се избори за подобро утре, а исто и хомосексуалците?

Сексадецимален

 Сексадецимален, следниот пат

 Сексадецимален, следниот пат кога ќе сакам нешто да кажам, ќе ти го испратам тебе, да го скроиш подобро, важи?! Само ќе морам да те ревидирам накнадно, да осигурам дали го кажуваш она што сум го мислела :) Оти, вијш, поентата ми беше иста, ама од друг агол погледната, оти јас сум од оние кои веруваат дека пред крдото свињи треба да се покажат заби (макар и тоа немало никаков ефект), наместо да се бега под земја во обидот да се спасиме од нивните гомна. Педерите не се проблем, тоа на сите им е јасно, но на стоката треба да им се покаже тоа, не да се елиминираат за да можда им светне. Оти нема да им светне, знаеш зашто - до вчера беа Турците, па Шиптарите, па Грците (стојат на резерва додека повторно не затребаат), па сега педерите. Затоа нема да напишам „и педерите да исчезнат“ - оти знаеме дека народов нема да се опраи, зашто ќе си најде нови педери, Шиптари, Грци, Американци, Турци и слични кои ќе си ги користи за оправдување на сопствеанта неспособност. Капиш?! :) затоа седи мадро, не оди никаде :))
секое добро 

Не се согласувам во целост со

Не се согласувам во целост со ставовите на Вуна, но тоа не значи дека сум против хомосексуалците. Ги читав, не ги дочитав сите коментари, бидејќи дискурсот води кон се освен кон конструктивност. Ни оддалеку не води кон некој компромис, креативно решение. Бидејќи го читам Вуна, а не ширењето омраза мислам дека му е еден од главните принципи, па оние кои го поддржуваат сметам дека не мора да реагираат со ист речник кон оние кои настапуваат со агресија, туку може да најдат друг начин да го побијат ставот на неистомислениците. И трето, се надевам дека Владимир Божиновски не е политикологот што мислам, односно се надевам дека уопште не е политолог зошто такви лични навреди и агресија и фрустрации валда не поседува личност која сака да анализира политички и општествени процеси и која треба да ги има во предвид потребите на сите, а не само на тие на кои смета дека припаѓа.
Дубиоза Колектив- Зашто? У овој вукојебини сам ја одрасто? Где не смеш речи да си другачији ГЛАСНО??...

ОкоБоли главаВицФото