Пчелите на Нотр Дам го преживеале пожарот

19.04.2019 16:43
Пчелите на Нотр Дам го преживеале пожарот

Николас Жант, пчеларот кој одржува повеќе од 200 пчеларници низ Париз, вклучително и трите кошници на уништената катедрала, два дена по пожарот го даде првиот апдејт - благодарение на снимки од дрон пуштени во медиумите бил во можност да ги лоцира кошниците. И покрај близината на огнот, чудесно, трите кошници се недопрени. Подоцна беше објавена и слика од група пчели изнаредени на поцрнета скулптура што ја докажа нивната добросостојба.


Низ Париз моментално се поставени повеќе од триста функционални пчеларници како дел од напорите да се зголеми биодиверзитетот. Можат да се најдат во Луксембуршките градини (покрај училиште за пчеларство) и на бројни кровови низ градот, вклучително и на Операта Гарние, Големата палата, Музејот Орсеј, Галеријата Лафајет и мноштво други. И покрај недостатокот од зелени површини, пчелите се познати по тоа дека напредуваат во урбани средини без заканата од пестициди употребувани во рурални земјоделски области. Многу од медот што го произведуваат во Париз се донира на сиромашните и загрозените во градот.


Во пролетта 2013 година крововите на Нотр Дам станаа дом на скромна колонија мирни урбани пчели познати како Бакфест пчели, развиени во 1920-тите од страна на бенедиктински монах. Трите кошници на врвот од Нотр Дам биле поставени од страна на генералниот менаџер на катедралата како гест за промовирање на заштитата и свеста за нашите пчели.


Инаку, делот кој беше уништен во неодамнешниот пожар бил поставен во 1220, но податоците покажуваат дека постоела претходна структура, изградена со дрвја исечени околу 1660. Не е познато зошто овој прв таван бил реизграден – архиварите на катедралата претпоставуваат дека е можно да имало претходен пожар. Која и да била причината, историјата нè уверува дека Нотр Дам, и неговото население од пчели, ќе бидат повторно обновени.

Извор: www.messynessychic.com