Високобуџетен лет во место

23.04.2019 01:52
Високо-буџетен лет во место

Последниве избори се само уште едно соголување на големата илузија околу улогата на дијаспората во градењето на македонското општество. Првичните наслови по медиумите споменуваа излезност од некакви 40% - што за миг создава позитивна слика, се додека не се прочита дека се работи за 40% од вкупниот број на пријавените. Во Торонто, град каде што живеат илјадници лица со македонско потекло и право на глас, за гласање се пријавиле само 82 поединци. Во Стокхолм се пријавиле само 47, од кои што гласале 19 лица; во Лондон, 57 пријавени и 27 што излегле да гласаат, и така натаму, ширум ова наше глобално село. Со други зборови, гласале помалку од илјада од оние фамозни стотици илјади македонски државјани иселени од матичната земја последниве децении.

Соочени со вакви бројки, неминовно е да се запрашаме дали таа дијаспора воопшто сака да учествува во демократските процеси во матичната земја па дури и дали воопшто треба да и се дозволи такво учество.

Несомнено е дека барем дел од причините за овој дебакл се од техничка или логистичка природа: потребата од претходно пријавување при секој изборен циклус, грешки во изборните списоци, како и ограничениот број на гласачки места, често пати на големи дистанци од живеалиштето на гласачот. Но дури и кога би се применила најдобрата меѓународна пракса – на пример олеснување на пристапот преку воведување на електронско гласање – сликата веројатно би била уште пообесхрабрувачка.

Дијаспората е грубо огледало на македонското општество, со сите свои разлики и поделби по генерациски, социјални, етнички, идеолошки, културолошки основи. Она што го прави ова огледало уште посурово е еден факт што често пати го премолчуваме: дека како и во секоја друга дијаспора, најголемата сопствена идентификација со татковината ја имаат оние кои што никогаш не успеале целосно да се интегрираат во новата средина, или оние кои што психички имаат поизразена потреба за идентификација со група.

Со други зборови, дури и кога би се отстраниле сите технички пречки, речиси е сигурно дека при секој нареден избор ќе доминираат колективистите, односно оние македонски граѓани во странство кои што се поцврсто поврзани меѓу себе врз основа на етничката, националната и културолошката самоидентификација – што повторно не ја претставува реалната слика за македонското граѓанско тело.

Оваа асиметричност нема лесно да се надмине. Уште повеќе, често пати резултира со непредвидливи и доста иронични политички порамнувања. Како пример би го навела моето искуство од активностите во една малку нетипична дијаспорска организација, чии членови се расфрлани по речиси сите континенти. Она што ги обединува, освен врската со Република Северна Македонија, е отвореноста кон различности и повеќегласие – што е необично за традиционални патриотски здруженија и асоцијации. Респектот кон индивидуалното мислење и став се почитува како придобивка, но исто така создава и големи предизвици, посебно кога треба да се гради консензус.

Тоа се покажа и при овие избори. Некои од членовите сметаа дека треба да го искористат своето законски утврдено право на глас, па дури дека имаат и морална обврска да го сторат тоа. Други беа на малку поинакво мислење – дека со оглед на тоа дека живеат во странство, изборот на претседател треба да им се остави на сограѓаните во земјата. Трети останаа на страна поради разочараност. Дали од преголемите компромиси направени последниве месеци во поглед на владеењето на правото, или поради доцнењето на посериозни реформски процеси во многу клучни области, тие одлучија да апстинираат. Со тој гест, несакајќи се најдоа на иста линија со илјадници други сонародници во странство со кои што до скоро имаа целосно спротивставени политички ставови: бојкотирачите на референдумот, кои што се одлучија за истата тактика и на претседателските избори.

Важноста на продлабочувањето на врските меѓу дијаспората и матичната земја се повторува како мантра од секоја влада. Една од највидливите активности на тој план беше токму воведувањето на право на глас последнава деценија, иако секој нов изборен циклус укажува на недостатоци во однос на самиот концепт и неговата применливост во пракса.

Како лице во дијаспората, сметам дека е потребно неодложно ревидирање на постоечките механизми во однос на ова прашање, но исто така и повторно разгледување на самата можност за гласање во македонски државјани во странство. Во услови на неисполнети услови за распишување на било какви избори – од немањето на соодветен попис на населението до непрочистениот изборачки список, навистина изгледа апсурдно да се собираат гласови од тие стотици илјади македонски граѓани иселени и раселени ширум светот, посебно кога многумина од нив се уште поподелени меѓу себе од своите сонародници во земјата.

Потребата од вакво повторно обмислување станува уште поголема кога ќе се земе предвид колку овие избори во дијаспората ги чинат даночните обврзници во нашата осиромашена татковина. Според моја лична проценка, само во Вашингтон, каде што гласав, беа веројатно потрошени околу 20,000 долари за авионските летови на членовите на комисијата, неколкудневното хотелско сместување и други трошоци, како и за сите дополнителни ангажмани на редовниот персонал на македонската амбасада. Речиси 1,000 долари за секој гласач.

Затоа, и покрај мојата желба да го дадам својот глас кон она што сметав и сметам дека води кон понатамошен позитивен развој на земјата, сметам дека во сегашните услови тоа право едноставно не го заслужувам - ни јас ни било кој друг од моите сонародници во дијаспората.

Оставете нè на страна барем извесно време, додека не се добие поцелосна претстава за тоа кој сè живее во таа наша земја, и додека и ние не почнеме да покажуваме со дела дека сме навистина заинтересирани да учествуваме во општествениот живот на земјата од која што сме си заминале. Секое продолжување на постоечката пракса е само трчање во круг што може уште толку да нè истошти и да го продлабочи јазот меѓу оние што го градат својот живот „дома” и тие „среќници” кои што виделе што значи да се живее од другата страна на оградата.


Слики: Kate Ter Haar