Социјална држава што од своите граѓани прави социјални случаи

23.04.2019 14:17
Социјална држава што од своите граѓани прави социјални случаи

Кога македонската држава уставотворно се испили – дента кога се дочекуваше новата 1947 година – како „народна држава со републикански облик“ (како што пишуваше во членот 1 од Уставот), светот го здогледа со кревки жолти пердувчиња, но со орелска решителност она „народна“ да го оправда не само во законите што допрва требаше да ги создаде, туку и во реалните односи и состојби во општеството што од нивното применување ќе произлезеа.

Со уставните амандмани од 1953 година, републиката стана „социјалистичка“, и богами, сè до крајот на своето време, до 1991 година, социјалистичката држава обезбеди слобода, еманципација, еднаквост, социјална правда и пакет на државни социјални сервиси – бесплатното образование и здравствена заштита буквално за сите, сигурното вработување и пензија, и уште куп други реализации на она „социјалистичка“ во името, што ја направија (мислам тука на целата Југославија) најуспешна држава на социјалната благосостојба во историјата на планетата.


Грабеж на граѓаните

Кога со Уставот од 1991 година ја прогласивме самостојноста и сувереноста на независната македонска држава, раѓањето на новото државно битие онтолошки го дефиниравме како „демократска и социјална држава“. Но, денес, безмалку 30 години подоцна, доколку – онака, искрено – го погледнеме од историска дистанца остварувањето на ова конституционално ветување од членот 1 на Уставот, со жалење можеме да констатираме дека малку или ништо не реализиравме.

Доколку во остварувањето на демократијата уште и имавме убави желби, скромни успеси и срамни пропаѓања во недемократски бездни (со фашистичката мафиократија на ВМРО), во остварувањето на „социјалното“ ветување не само што не направивме ништо, туку времето го потрошивме во активно влошување на сите аспекти на социјалната држава. Почнувајќи со деструктивната приватизација со која за историска секунда преминавме од социјализам во предаторски неолиберален капитализам, за на крајот да стасаме до ограбена, украдена и „заробена“ држава, ние ги демонтиравме и практично сите сервиси што ја чинат социјалната држава: здравството, образованието, пензиската сигурност, социјалната грижа, домувањето и судската заштита на правата и имотот.

Но, сепак, најмногу од сè потфрливме токму во онтолошкото оправдување на постоењето на државата – во нејзиниот однос кон своите граѓани. Тука ја оплескавме тотално и наместо да им биде сервис на огромното мнозинство граѓани, нашата држава се изопачи во чудовиште што се грижи само за себеси и за малобројната политичко-капиталистичка елита што може да се збере најмногу во 2 до 3 отсто од населението. А ова изопачување се случи со донесувањето ненародни, неправедни и сурови решенија во стотици асоцијални, недомаќински, нехумани и бездушни закони. За пример, накусо ќе ви покажам, почитувани читатели, како данокот на имот уреден во Законот за даноците од имот, стана средство со кое бездушната држава наместо да ги помага осиромашените граѓани, ги ограбува до голо, потоа им го отуѓува имотот и ги пушта низ поројната вода на мизеријата, без каква и да е правдина или правна заштита.

Првин, данокот на имот е рамен, што значи дека ги фаворизира богатите, а не мнозинството на работ на сиромаштијата. Од данокот се ослободени имотите на државата, црквата и капиталистите, додека олеснување или милост за значителниот број граѓани со мали примања или социјално загрозените нема. Потоа, данокот на имот се пресметува како 0,1 отсто од пазарната вредност на имотот, но таа фиктивна „пазарна вредност“ потоа административно и арбитрарно ја одредува единицата на локална самоуправа.


Злоупотреба на сатрапско решение

Значи, не само што висината на данокот практично не е уредена со закон, туку таа со политичка и административна произволност се одредува без усул и каква и да е контрола!? Најгрда злоупотреба на ова сатрапско решение е градежното земјиште, кое општината, односно државата, во центарот на Скопје со јавно наддавање го продава за 100 евра, додека за помалку вредно земјиште на обичните даночни обврзници – жителите на општина Центар, на пример – им пресметува данок врз основа на арбитрарно одредена „пазарна цена“ од 600 евра по квадрат!? При што, бездушните органи на баналното зло – спротивно на духот на законот – не го пресметуваат законското олеснување од 50% за имотот во кој обврзникот живее, „зашто во членот 9 не пишувало ништо за земјиштето, туку само за зградата или станот“!?

Тоа значи дека пензионер што живее во куќа со двор од 1.000 квадратни метри, треба само за земјиштето да плати данок на имот во износ од 36.900 денари или најмалку две цели пензии годишно! Доколку не го плати данокот, законот обезбедува безмилосна присилна наплата, која завршува со отуѓување на имотот и исфрлање на обврзникот во социјалната канализација. Додуша, кутрецот има право да го обжали сатрапското решение пред Управен суд, но бидејќи тужбата не го одложува извршувањето на решението, а Управниот суд во практика ја штити државата – а не граѓаните, од уставното ветување за социјална држава ние во стварноста создадовме чудовиште што првин ги осиромашува своите граѓани, а потоа им го отуѓува имотот, за да ги направи безнадежни социјални случаи!

Си помислувам дека една социјалдемократска власт би требало малку повеќе да поработи на ветената социјална држава, а не само слепо да ги применува сатрапските закони што ги наследила. Нели, почитувани читатели?


Слики: Christopher Burk
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото