Оние што размислуваат брзо

24.04.2019 00:29
Оние што размислуваат брзо

Незадоволни сте? Од себеси, работата, опкружувањето, следбениците на Твитер, од земјата во која живеете, од власта која сте ја избрале? Нештата пребрзо тргнаа во насока што не ја очекувавте? Се чини дека некои одлуки што сте ги донеле не биле најумните? Опуштете се - во оваа приказна нема да ви биде понудено ниедно решение. Како и во многу други. Затоа, ајде да ги искористиме следните петстотини зборови за накратко да ја промениме перспективата.

Се наоѓаме пред милиони години. Во ерата на кенозоикот, континентите ги населуваат големи и мали цицачи, влакнести мамути, но и првите жирафи, елени и мечки, светот го прекрива трева, а на небото летаат птици и лилјаци. Развиени од исчезнатите примати кои први се движеле на две нозе, австралопитекусите, во светот еден по друг се појавуваат видовите на новиот род Хомо - паратропусите, хомо антекесторите, еректусите и хајделберзите - од кои стотици илјади години подоцна, во завршницата на познатата еволуција, ќе се развијат неандерталците и хомо сапиенсите, идните господари на светот.

Племето на хоминините исплашено трага по храна. Туровите, првите предци на модерната, индиска крава, пасат во мирни крда, но светот сепак е опасно место - од темнината демнат диви ѕверки како што е смилодонот, немилосрден, сабјозаб тигар. Бавни и со две нозе, со ограничени сетила, превисоки и лесно забележливи во саваната, единките од родот Хомо очигледно се лесен плен за грабливците.

На смртната опасност ѝ се извлекуваат само оние хоминини кои брзо донесуваат одлуки не губејќи време, со брзи споредби и многу малку сигнали. Преживуваат страшливците кои размислуваат брзо. Нивните брзи одлуки како молња, наивните стравови, верувањата и предрасудите, ќе го зачуваат видот и ќе го посадат семето на едно брзо, линеарно заклучување чии плодови во модерниот, експоненцијален свет стануваат сѐ погорчеливи.

Секако, процесот е неповратен. Времето и климата исто така се немилосрден непријател на човечките предци. Природните непогоди до последен член ги убиваат сите оние популации кои не ги согледуваат правилностите на природните циклуси и неподготвено ги дочекуваат поплавите, сушите и ледените непогоди. Храната е недостапна и тешко се наоѓа за сите оние кои нема да го зграбат вистинскиот момент.

Пребирливите понекогаш сепак поминуваат подобро - некои растенија кои можат да се јадат забрзано предизвикуваат осип, неподносливо чешање, дијареа, крварење и смрт. Некои животни и места се смртоносни, пештерите и влажните шуми „предизвикуваат“ ужасни болести. Но, оние што размислуваат и одлучуваат брзо - преживуваат.

Токму затоа американскиот нобеловец и автор на извонредната книга „Да се размислува брзо и бавно“, Даниел Канеман, човечкиот мозок го нарекува „машина која скока во заклучоци“, повикувајќи се на шегата на еден комичар. Заедно со Амос Тверски, Канеман го постави моделот според кој луѓето имаат два системи за размислување - бавен, длабокомислечки, и брз, развиен еволуциски, за донесување одлуки во опасни ситуации, кој е извор на бројни предрасуди и логички грешки.

Впрочем, не е лесно да се донесуваат бавни, мудри, долгорочни одлуки зашто тие се еволутивно неоправдани, како да се преживее до утре ако премногу гледаме во иднината. Оваа појава за преценување на вредноста на она што се случува сега во однос на она што ќе дојде допрва на англиски се нарекува hyperbolic discounting, а е главна причина зошто луѓето не инвестираат во иднината навреме, иако малото издвојување може да им помогне многу децении подоцна.

Сличната економска предрасуда се нарекува sunk-cost и објаснува зошто сите цврсто се држиме до нешто во што сме вложиле многу иако совршено е јасно дека тоа било лоша идеја. Многу компании и држави не се откажуваат од одредени идеи, проекти или планови и покрај тоа што станало сосема јасно дека се неодржливи. Но, оваа предрасуда објаснува и некои наши доблести, исто така вистински човечки - зошто луѓето остануваат во врски за време на кризи или зошто не ја напуштаат заедницата кога ѝ оди многу лошо.

Насловна илустрација: Julia Suits

Извор: http://naukakrozprice.rs

ОкоБоли главаВицФото