Уметничките дела кои требаше да бидат донација за Атина осум месеци чекаат во депото на Музеј на г. Скопје

24.04.2019 01:16
Уметничките дела кои требаше да бидат донација за Атина осум месеци чекаат во депото на Музеј на г. Скопје

По катастрофалните пожари кои лани ја зафатија околината на Атина, голем број македонски уметници се здружија во акција со која донираа свои уметнички дела, во знак на сочувство и солидарност со настраданите. За еден месец се собраа 73 дела кои Град Скопје требаше да ги предаде на Атина, но осум месеци подоцна, уметничките дела сè уште „чекаат“ во депото на Музеј на г. Скопје за некој да ги транспортира.

Уметникот Зоран Кардула, кој ја иницираше акцијата „Донирај уметност“, се врати од Музејот разочаран, бидејќи оттаму му предложиле да си ги земе уметничките дела по празниците. Претходно, Кардула јавно побара информации од властите откако еден од уметниците кој учествувал со свое дело во акцијата го препознал во депото на музејот.

„Крајно разочарувачки однос кон самата инцијатива и кон сите уметници. Доколку од било која причина не да го реализираат од Градот она што го ветиле ќе беше чесно да ме информираат и да ги организирам уметниците да си ги подигнат своите дела“, напиша тој на својот Фејсбук профил.

Акцијата „Донирај уметност“ започна во јули минатата година, неколку дена по силните пожари во околината на Атина, во кои животот го загубија над 80 лица. Во септември, донираните уметнички дела беа изложени во Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје, по што градските власти ги преземаа под нивна одговорност.

Радио МОФ побара одговор од Град Скопје. Оттаму тврдат дека кочница е Градот Атина, бидејќи тамошните власти не нашле решение за тоа каде ќе ги складираат уметничките дела.

„Како дел од договореното со организаторите, Градот Скопје ја презеде обврската да воспостави комуникација со Градот Атина и нивните културни институции и да обезбеди трансфер на уметничките дела. Градот Скопје воспостави официјална комуникација со Градот Атина во однос на донацијата, каде неколкупати им се обративме за преземање на истата. Од нивна страна добивме позитивен одговор, но дека претходно треба да изнајдат решение за тоа каде да ја складираат. По ова направени се уште неколку обиди за комуникација, но до овој момент сè уште немаме повратен одговор од нивна страна. Сè додека немаме официјален повратен одговор од страна на Градот Атина, не можеме да кажеме со сигурност кога донацијата би била испратена до нив. Уметничките дела се складирани на безбедно место и доколку некој од уметниците, кои ги донираа делата, сакаат да ги повлечат, секако дека можат тоа да го сторат“, стои во одговорот на Град Скопје.

Кардула не е оптимист дека воопшто ќе се реализира акцијата. Вели, сами да се организирале, можеби уметничките дела веќе ќе биле транспортирани. Останува уметниците да изберат дали ќе ги повлечат своите дела, или ќе се организира продажна аукција, а парите ќе ги донираат онаму каде што е потребно.

Извор: Радио МОФ